5 Мојсеева — Второзаконие
Глава 11
- 1
Затоа, сакај Го Господ, својот Бог, и секогаш пази ги Неговите заповеди, Неговите одредби, Неговите закони и Неговите наредби.
- 2
Знајте денес – зашто не им зборувам на вашите деца, кои не ја познаваа и не ја видоа Господовата поука – Неговото величие, Неговата силна рака и Неговата подигната десна рака,
- 3
Неговите знаци и делата што ги направи среде Египет против фараонот, египетскиот цар, и против целата негова земја;
- 4
и она што ѝ го направи на египетската војска, на нивните коњи и бојни коли, кога ве гонеа, како водите на Црвеното Море ги покрија и како Господ ги уништи до денес;
- 5
и она што го направи за вас во пустината, сѐ додека не стигнавте до ова место;
- 6
и она што им го направи на Датан и Авирон, синовите на Елиав, Рувимовиот син: како земјата ја отвори својата уста и ги проголта нив, нивните семејства, нивните шатори и сѐ живо што им припаѓаше, среде целиот Израел.
- 7
Вашите очи ги видоа сите големи дела што Господ ги направи.
- 8
Затоа, пазете ги сите заповеди што денес ви ги заповедам, за да бидете силни, да влезете и да ја завладеете земјата во која преминувате,
- 9
и долго да живеете во земјата за која Господ им се заколна на вашите татковци дека ќе им ја даде ним и на нивното потомство – земја во која течат млеко и мед.
- 10
Зашто земјата во која влегуваш за да ја завладееш не е како Египетската земја, од која излеговте, каде што го сееше своето семе и ја наводнуваше со својата нога како градина со зеленчук.
- 11
Туку земјата во која преминувате за да ја завладеете е земја со планини и долини, која пие вода од небесниот дожд,
- 12
земја за која се грижи Господ, твојот Бог. Очите на Господ, твојот Бог, постојано се над неа, од почетокот до крајот на годината.
- 13
Ако внимателно ги слушате Моите заповеди што денес ви ги заповедам, да Го сакате Господ, вашиот Бог, и да Му служите со целото свое срце и со целата своја душа,
- 14
тогаш навреме ќе ѝ давам дожд на вашата земја, и ран и доцен дожд, за да ги собираш своето жито, своето вино и своето масло.
- 15
Ќе давам трева на твоите полиња за твојот добиток, а ти ќе јадеш и ќе се наситуваш.
- 16
Внимавајте вашето срце да не биде измамено, па да се одвратите, да им служите на други богови и да им се поклонувате.
- 17
Тогаш Господовиот гнев ќе пламне против вас; Тој ќе го затвори небото, нема да има дожд, земјата нема да го дава својот плод и брзо ќе исчезнете од добрата земја што Господ ви ја дава.
- 18
Затоа, ставете ги овие мои зборови во своето срце и во својата душа; врзете ги како знак на својата рака и нека ви бидат како белег меѓу очите.
- 19
Поучувајте ги своите деца за нив, зборувајќи им за нив кога седите во својот дом, кога одите по пат, кога легнувате и кога станувате.
- 20
Напишете ги на довратниците на својот дом и на своите порти,
- 21
за да се умножат вашите денови и деновите на вашите деца во земјата за која Господ им се заколна на вашите татковци дека ќе им ја даде, сѐ додека небото е над земјата.
- 22
Зашто ако внимателно ги пазите сите овие заповеди што ви ги заповедам, ги извршувате, Го сакате Господ, вашиот Бог, одите по сите Негови патишта и цврсто се држите до Него,
- 23
тогаш Господ ќе ги истера сите овие народи пред вас, и ќе завладеете народи поголеми и посилни од вас.
- 24
Секое место каде што ќе стапне вашата нога ќе биде ваше. Вашата граница ќе се протега од пустината до Ливан, од реката Еуфрат до Западното Море.
- 25
Никој нема да може да ви се спротивстави. Господ, вашиот Бог, ќе пушти страв и трепет од вас по целата земја на која ќе стапнете, како што ви рече.
- 26
Еве, денес ставам пред вас благослов и проклетство:
- 27
благослов, ако ги слушате заповедите на Господ, вашиот Бог, што денес ви ги заповедам;
- 28
а проклетство, ако не ги слушате заповедите на Господ, вашиот Бог, туку се одвратите од патот што денес ви го заповедам и тргнете по други богови што не сте ги познавале.
- 29
Кога Господ, твојот Бог, ќе те воведе во земјата во која одиш за да ја завладееш, постави го благословот на планината Гаризим, а проклетството на планината Евал.
- 30
Тие се од другата страна на Јордан, западно од патот, во земјата на Хананците што живеат во Арава, спроти Галгал, кај дабовите Море.
- 31
Зашто вие ќе преминете преку Јордан, за да влезете и да ја завладеете земјата што ви ја дава Господ, вашиот Бог. Ќе ја завладеете и ќе живеете во неа.
- 32
Затоа, внимавајте да ги извршувате сите одредби и закони што денес ги ставам пред вас.