Прескокни кон главната содржина

5 Мојсеева — Второзаконие

Глава 10

  1. 1

    „Во тоа време Господ ми рече: ‚Изделкај две камени плочи како првите и искачи се кај Мене на планината. Направи и дрвен ковчег.

  2. 2

    Јас ќе ги напишам на плочите зборовите што беа на првите плочи, кои ти ги скрши, а ти стави ги во ковчегот.‘

  3. 3

    Така направив ковчег од акациево дрво, изделкав две камени плочи како првите и се искачив на планината со двете плочи во рацете.

  4. 4

    Господ ги напиша на плочите истите зборови што беа напишани порано – Десетте заповеди што Господ ви ги кажа на планината од огнот, во денот на собранието – и Господ ми ги даде.

  5. 5

    Потоа се свртев, слегов од планината и ги ставив плочите во ковчегот што го направив. Тие останаа таму, како што ми заповеда Господ.

  6. 6

    Потоа Израелевите синови тргнаа од Вирот-Бене-Јакан кон Мосера. Таму умре Арон и таму беше погребан, а неговиот син Елеазар стана свештеник наместо него.

  7. 7

    Оттаму тргнаа кон Гудгода, а од Гудгода кон Јотвата, земја со многу водни потоци.

  8. 8

    Во тоа време Господ го одвои Левиевото племе да го носи ковчегот на Господовиот завет, да стои пред Господ, да Му служи и да благословува во Неговото име, како што прави до денес.

  9. 9

    Затоа Леви нема дел и наследство со своите браќа; Господ е неговото наследство, како што му рече Господ, твојот Бог.

  10. 10

    Јас останав на планината како и првиот пат, четириесет дена и четириесет ноќи. Господ ме послуша и овој пат и не сакаше да те погуби.

  11. 11

    Тогаш Господ ми рече: ‚Стани и поведи го народот, за да влезат и да ја наследат земјата за која им се заколнав на нивните татковци дека ќе им ја дадам.‘

  12. 12

    А сега, Израеле, што бара од тебе Господ, твојот Бог, освен да се боиш од Господ, твојот Бог, да одиш по сите Негови патишта, да Го сакаш и да Му служиш на Господ, твојот Бог, со целото свое срце и со целата своја душа,

  13. 13

    и да ги пазиш Господовите заповеди и одредби што денес ти ги давам за твое добро?

  14. 14

    Еве, на Господ, твојот Бог, Му припаѓаат небото и највисокото небо, земјата и сѐ што е на неа.

  15. 15

    Сепак, Господ ги засака само твоите татковци и го избра нивното потомство по нив – вас, меѓу сите народи – како што е денес.

  16. 16

    Затоа обрежете ја необрежаноста на своето срце и не бидете повеќе тврдоглави.

  17. 17

    Зашто Господ, вашиот Бог, е Бог над боговите и Господар над господарите, голем, силен и страшен Бог, Кој не гледа кој е кој и не прима поткуп.

  18. 18

    Тој им дава правда на сирачето и вдовицата и го сака странецот, давајќи му храна и облека.

  19. 19

    Затоа сакајте го странецот, зашто и вие бевте странци во Египетската земја.

  20. 20

    Бој се од Господ, твојот Бог, Нему служи, држи се за Него и во Неговото име заколнувај се.

  21. 21

    Тој е твојата пофалба и Тој е твојот Бог, Кој за тебе ги направи овие големи и страшни дела што ги видоа твоите очи.

  22. 22

    Твоите татковци слегоа во Египет како седумдесет души, а сега Господ, твојот Бог, те направи многуброен како небесните ѕвезди.