Прескокни кон главната содржина

5 Мојсеева — Второзаконие

Глава 9

  1. 1

    „Слушај, Израеле! Денес го преминуваш Јордан за да влезеш и да завладееш народи поголеми и посилни од тебе, големи градови утврдени до небото,

  2. 2

    голем и висок народ, Енаковите потомци, кои ги познаваш и за кои си чул: ‚Кој може да им се спротивстави на Енаковите потомци?‘

  3. 3

    Но денес знај дека Господ, твојот Бог, оди пред тебе како оган што проголтува. Тој ќе ги истреби и ќе ги покори пред тебе, а ти ќе ги истераш и брзо ќе ги погубиш, како што ти рече Господ.

  4. 4

    Кога Господ, твојот Бог, ќе ги истера пред тебе, не вели во своето срце: ‚Поради мојата праведност Господ ме воведе за да ја наследам оваа земја.‘ Господ ги истерува овие народи пред тебе поради нивната злоба.

  5. 5

    Не влегуваш да ја наследиш нивната земја поради својата праведност или поради исправноста на своето срце, туку поради злобата на овие народи Господ, твојот Бог, ги истерува пред тебе и за да го исполни зборот за кој Господ им се заколна на твоите татковци Авраам, Исак и Јаков.

  6. 6

    Затоа знај дека Господ, твојот Бог, не ти ја дава оваа добра земја да ја наследиш поради твојата праведност, зашто ти си тврдоглав народ.

  7. 7

    Спомни си и не заборавај колку Го разгневуваше Господ, твојот Бог, во пустината. Од денот кога излеговте од Египетската земја сѐ додека не стигнавте до ова место, постојано се бунтувавте против Господ.

  8. 8

    И на Хорив Го разгневивте Господ, така што Господ се разгневи на вас и сакаше да ве истреби.

  9. 9

    Кога се искачив на планината за да ги примам камените плочи – плочите на заветот што Господ го склучи со вас – останав на планината четириесет дена и четириесет ноќи; не јадев леб и не пиев вода.

  10. 10

    Господ ми ги даде двете камени плочи, напишани со Божји прст. На нив беа сите зборови што Господ ви ги кажа на планината од огнот, во денот на собранието.

  11. 11

    По четириесет дена и четириесет ноќи Господ ми ги даде двете камени плочи, плочите на заветот.

  12. 12

    Тогаш Господ ми рече: ‚Стани, слези брзо оттука, зашто твојот народ, кој го изведе од Египет, се расипа. Брзо се оттргнаа од патот што им го заповедав и си направија леан идол.‘

  13. 13

    Господ уште ми рече: ‚Го видов овој народ, и еве, тој е тврдоглав народ.

  14. 14

    Остави Ме да ги истребам и да го избришам нивното име под небото, а од тебе ќе направам народ посилен и поброен од нив.‘

  15. 15

    Тогаш се свртев и слегов од планината, додека планината гореше во оган, а двете плочи на заветот беа во моите раце.

  16. 16

    Погледнав и видов дека сте згрешиле против Господ, вашиот Бог. Си направивте леано теле и брзо се оттргнавте од патот што Господ ви го заповеда.

  17. 17

    Тогаш ги зедов двете плочи, ги фрлив од своите раце и ги скршив пред вашите очи.

  18. 18

    Потоа паднав пред Господ како и првиот пат, четириесет дена и четириесет ноќи. Не јадев леб и не пиев вода поради сиот ваш грев, со кој згрешивте правејќи зло пред Господ и разгневувајќи Го.

  19. 19

    Се плашев од гневот и јароста со кои Господ се разгневи на вас и сакаше да ве истреби. Но Господ ме послуша и овој пат.

  20. 20

    Господ многу се разгневи и на Арон и сакаше да го погуби, но во тоа време се молев и за Арон.

  21. 21

    Го зедов вашиот грев – телето што го направивте – го изгорев во оган, го искршив и го сомлев ситно, сѐ додека не стана како прав, а неговиот прав го фрлив во потокот што течеше од планината.

  22. 22

    И во Тавера, Маса и Киврот-Атаава Го разгневувавте Господ.

  23. 23

    Кога Господ ве испрати од Кадис-Варни и рече: ‚Оди и завладеј ја земјата што ви ја давам,‘ вие се побунивте против заповедта на Господ, вашиот Бог; не Му поверувавте и не го послушавте Неговиот глас.

  24. 24

    Од денот кога ве познавам, вие постојано се бунтувавте против Господ.

  25. 25

    Така паднав пред Господ четириесет дена и четириесет ноќи, зашто Господ рече дека ќе ве истреби.

  26. 26

    Му се молев на Господ и реков: ‚Господи Боже, не го погубувај Својот народ и Своето наследство, кое го откупи со Својата големина и го изведе од Египет со силна рака.

  27. 27

    Спомни си ги Своите слуги Авраам, Исак и Јаков. Не гледај на тврдоглавоста на овој народ, на неговата злоба и на неговиот грев,

  28. 28

    за да не речат жителите на земјата од која нѐ изведе: „Господ не можеше да ги воведе во земјата што им ја вети, и бидејќи ги мразеше, ги изведе за да ги погуби во пустината.“

  29. 29

    Тие се Твој народ и Твое наследство, кое го изведе со Својата голема сила и со Својата подигната мишка.‘