Прескокни кон главната содржина

5 Мојсеева — Второзаконие

Глава 8

  1. 1

    „Внимателно извршувајте ги сите заповеди што денес ви ги давам, за да живеете, да се размножите и да влезете и да ја наследите земјата за која Господ им се заколна на вашите татковци.

  2. 2

    Спомни си го целиот пат по кој Господ, твојот Бог, те водеше овие четириесет години низ пустината, за да те смири и да те испита, за да дознае што има во твоето срце – дали ќе ги пазиш Неговите заповеди или не.

  3. 3

    Тој те смири, те остави да огладниш и те хранеше со мана, која не ја познаваше ниту ти ниту твоите татковци, за да те научи дека човекот не живее само од леб, туку од секој збор што излегува од Господовата уста.

  4. 4

    Твојата облека не се износи врз тебе и ногата не ти отече во овие четириесет години.

  5. 5

    Затоа знај во своето срце дека, како што човек го воспитува својот син, така Господ, твојот Бог, те воспитува тебе.

  6. 6

    Пази ги заповедите на Господ, твојот Бог, оди по Неговите патишта и бој се од Него.

  7. 7

    Зашто Господ, твојот Бог, те воведува во добра земја – земја со водни потоци, извори и длабоки води што извираат во долините и планините;

  8. 8

    земја со пченица и јачмен, лози, смокви и калинки; земја со маслиново масло и мед;

  9. 9

    земја во која нема да јадеш леб во оскудица и во која ништо нема да ти недостига; земја чии камења се железо и од чии планини ќе копаш бакар.

  10. 10

    Ќе јадеш и ќе се наситиш, и ќе Го благословуваш Господ, твојот Бог, за добрата земја што ти ја даде.

  11. 11

    Внимавај да не Го заборавиш Господ, твојот Бог, и да не престанеш да ги пазиш Неговите заповеди, закони и одредби што денес ти ги давам.

  12. 12

    Кога ќе јадеш и ќе се наситиш, кога ќе изградиш убави куќи и ќе живееш во нив,

  13. 13

    кога ќе се намножат твоите говеда и овци, кога ќе ти се намножат среброто и златото и сѐ што имаш,

  14. 14

    тогаш твоето срце да не се возгордее и да не Го заборавиш Господ, твојот Бог, Кој те изведе од Египетската земја, од домот на ропството.

  15. 15

    Тој те водеше низ големата и страшна пустина, каде што имаше отровни змии, скорпии и жедна земја без вода; Тој ти извади вода од кремена карпа.

  16. 16

    Тој те хранеше во пустината со мана, која твоите татковци не ја познаваа, за да те смири, да те испита и на крајот да ти направи добро.

  17. 17

    Не вели во своето срце: ‚Мојата сила и моќта на мојата рака ми го создадоа ова богатство.‘

  18. 18

    Туку сети се на Господ, твојот Бог, зашто Тој ти дава сила да стекнуваш богатство, за да го потврди Својот завет за кој им се заколна на твоите татковци, како што прави денес.

  19. 19

    Но ако Го заборавиш Господ, твојот Бог, и тргнеш по други богови, им служиш и им се поклонуваш, денес ви сведочам дека сигурно ќе бидете истребени.

  20. 20

    Како народите што Господ ги истребува пред вас, така ќе бидете и вие истребени, затоа што не го послушавте гласот на Господ, вашиот Бог.