Прескокни кон главната содржина

5 Мојсеева — Второзаконие

Глава 15

  1. 1

    На крајот од секоја седма година прави ослободување од долговите.

  2. 2

    А ова е начинот на ослободувањето: секој доверител нека го прости заемот што му го дал на својот ближен. Нека не бара наплата од својот ближен или од својот брат, зашто е прогласено Господово ослободување.

  3. 3

    Од туѓинец можеш да бараш наплата, но она што му го должи твојот брат, прости му го.

  4. 4

    Меѓу вас не треба да има сиромашен, зашто Господ изобилно ќе те благослови во земјата што Господ, твојот Бог, ти ја дава како наследство да ја завладееш,

  5. 5

    само ако внимателно го слушаш гласот на Господ, твојот Бог, и ги пазиш сите овие заповеди што денес ти ги заповедам.

  6. 6

    Зашто Господ, твојот Бог, ќе те благослови како што ти вети. Ќе им даваш заем на многу народи, но самиот нема да земаш заем; ќе владееш над многу народи, но тие нема да владеат над тебе.

  7. 7

    Ако среде тебе има сиромашен, некој од твоите браќа, во еден од твоите градови во земјата што Господ, твојот Бог, ти ја дава, не го стврднувај своето срце и не ја затворај својата рака пред својот сиромашен брат.

  8. 8

    Туку широко отвори ја својата рака кон него и позајми му доволно за неговата потреба, колку што му е потребно.

  9. 9

    Внимавај во твоето срце да не влезе злобна мисла: „Се приближува седмата година, годината на ослободувањето“, па со лошо око да гледаш на својот сиромашен брат и да не му дадеш ништо. Тој ќе повика кон Господ против тебе и тоа ќе ти се смета за грев.

  10. 10

    Дај му великодушно и твоето срце да не жали кога му даваш, зашто поради тоа Господ, твојот Бог, ќе те благословува во сите твои дела и во сѐ што ќе преземеш.

  11. 11

    Зашто сиромашни секогаш ќе има во земјата. Затоа ти заповедам: широко отворај ја својата рака кон својот брат, кон сиромашниот и бедниот во својата земја.

  12. 12

    Ако ти се продаде твој брат Евреин или Еврејка, нека ти служи шест години, а во седмата година пушти го слободен од кај себе.

  13. 13

    Кога ќе го пуштиш слободен, не го испраќај со празни раце.

  14. 14

    Дарувај му изобилно од своето стадо, од своето гумно и од својата каца. Дај му од она со што Господ, твојот Бог, те благословил.

  15. 15

    Спомни си дека и ти беше роб во Египетската земја и дека Господ, твојот Бог, те откупи. Затоа денес ти го заповедам ова.

  16. 16

    Но ако тој ти рече: „Не сакам да си одам од тебе“, зашто те сака тебе и твоето семејство и му е добро кај тебе,

  17. 17

    тогаш земи шило, прободи му го увото на вратата и тој ќе ти биде слуга засекогаш. Истото направи го и со слугинката.

  18. 18

    Да не ти биде тешко кога ќе го пуштиш слободен, зашто за шест години ти послужил двојно повеќе од наемник. Тогаш Господ, твојот Бог, ќе те благословува во сѐ што правиш.

  19. 19

    Секое машко првородено од твојот крупен и ситен добиток посвети Му го на Господ, твојот Бог. Не работи со првороденото од своето говедо и не го стрижи првороденото од своите овци.

  20. 20

    Секоја година јади го пред Господ, твојот Бог, ти и твоето семејство, на местото што Господ ќе го избере.

  21. 21

    Но ако има некаков недостаток, ако е куцо, слепо или има друг тежок недостаток, не го принесувај како жртва на Господ, твојот Бог.

  22. 22

    Јади го во своите градови; и нечистиот и чистиот можат еднакво да го јадат, како срната и еленот.

  23. 23

    Само не ја јади неговата крв; истурај ја на земјата како вода.