Прескокни кон главната содржина

5 Мојсеева — Второзаконие

Глава 18

  1. 1

    Левитските свештеници и целото Левиево племе нека немаат дел ниту наследство со Израел. Нека се хранат од Господовите жртви принесени со оган и од Неговото наследство.

  2. 2

    Нека немаат наследство меѓу своите браќа; Господ е нивното наследство, како што им рече.

  3. 3

    Ова ќе биде правото на свештениците од народот, од оние што принесуваат како жртва говедо или овца: нека му ги дадат на свештеникот плешката, вилиците и желудникот.

  4. 4

    Дај му ги и првините од своето жито, вино и масло, како и првата волна од своите овци.

  5. 5

    Зашто Господ, твојот Бог, го избра него од сите твои племиња, за тој и неговите потомци секогаш да стојат и да служат во Господовото име.

  6. 6

    Ако некој левит дојде од кој било твој град во целиот Израел, каде што живеел како странец, и со сета желба на својата душа дојде на местото што Господ ќе го избере,

  7. 7

    нека служи во името на Господ, својот Бог, како и сите негови браќа левити што стојат таму пред Господ.

  8. 8

    Нека јаде еднаков дел со нив, покрај она што го добива од продажбата на својот татковски имот.

  9. 9

    Кога ќе влезеш во земјата што Господ, твојот Бог, ти ја дава, не се учи да ги правиш одвратните дела на тамошните народи.

  10. 10

    Среде тебе да не се најде некој што го принесува својот син или својата ќерка во оган, ниту гатач, астролог, прорекувач или волшебник;

  11. 11

    ниту бајач, повикувач на духови, врачар или оној што ги повикува мртвите.

  12. 12

    Зашто секој што ги прави овие работи Му е одвратен на Господ; и поради тие одвратности Господ, твојот Бог, ги изгонува тие народи пред тебе.

  13. 13

    Биди целосно предаден на Господ, твојот Бог.

  14. 14

    Зашто народите што ќе ги завладееш ги слушаат астролозите и гатачите, но тебе Господ, твојот Бог, не ти го дозволил тоа.

  15. 15

    Господ, твојот Бог, ќе ти подигне пророк како мене, од твојата средина, од твоите браќа; него слушајте го.

  16. 16

    Токму тоа го побара од Господ, својот Бог, на Хорив, во денот на собранието, кога рече: „Да не го слушам повторно гласот на Господ, мојот Бог, и да не го гледам повторно овој голем оган, за да не умрам.“

  17. 17

    Тогаш Господ ми рече: „Добро е тоа што го рекоа.

  18. 18

    Ќе им подигнам пророк како тебе од средината на нивните браќа; ќе ги ставам Моите зборови во неговата уста и тој ќе им зборува сѐ што ќе му заповедам.

  19. 19

    А од оној што нема да ги послуша Моите зборови што тој ќе ги зборува во Мое име, Јас ќе побарам одговорност.

  20. 20

    Но пророкот што дрско ќе каже во Мое име збор што не сум му заповедал да го зборува, или што зборува во името на други богови, тој пророк нека биде погубен.“

  21. 21

    Ако речеш во своето срце: „Како ќе препознаеме збор што Господ не го кажал?“

  22. 22

    Кога пророк зборува во Господовото име, а зборот не се исполни и не се оствари, тој збор не го кажал Господ; пророкот го кажал дрско. Не се плаши од него.