Прескокни кон главната содржина

5 Мојсеева — Второзаконие

Глава 17

  1. 1

    Не принесувај Му на Господ, твојот Бог, говедо или овца што има недостаток или каква било маана, зашто тоа е одвратно пред Господ, твојот Бог.

  2. 2

    Ако меѓу вас, во некој од градовите што Господ, твојот Бог, ти ги дава, се најде маж или жена што прави зло пред Господ, твојот Бог, и го прекршува Неговиот завет,

  3. 3

    па оди и им служи на други богови и им се поклонува – на сонцето, месечината или на нешто од небесната војска – што Јас не сум го заповедал,

  4. 4

    и тоа ти биде јавено и го чуеш, тогаш испитај внимателно. Ако се покаже дека е вистина и сигурно дека таква одвратност била направена во Израел,

  5. 5

    изведи го пред портите мажот или жената што го направиле тоа зло и каменувај ги до смрт.

  6. 6

    Оној што заслужува смрт нека биде погубен врз основа на сведочењето на двајца или тројца сведоци; врз основа на сведочењето само на еден сведок да не биде погубен.

  7. 7

    Рацете на сведоците нека бидат први против него за да го погубат, а потоа рацете на целиот народ. Така отстрани го злото од својата средина.

  8. 8

    Ако во твоите градови се појави случај што ти е премногу тежок за донесување одлуки – меѓу еден случај на крвопролевање и друг, меѓу една тужба и друга или меѓу една повреда и друга – стани и оди на местото што Господ, твојот Бог, ќе го избере.

  9. 9

    Оди кај левитските свештеници и кај судијата што ќе служи во тоа време, распрашај се кај нив, и тие ќе ти ја кажат пресудата.

  10. 10

    Постапи според пресудата што ќе ти ја кажат од местото што Господ ќе го избере, и внимавај да направиш сѐ како што ќе те поучат.

  11. 11

    Постапи според законот што ќе ти го објаснат и според пресудата што ќе ти ја изречат. Не отстапувај ниту надесно ниту налево од она што ќе ти го кажат.

  12. 12

    А човекот што ќе постапи дрско и нема да го послуша свештеникот што стои таму за да Му служи на Господ, твојот Бог, или судијата, нека биде погубен. Така отстрани го злото од Израел.

  13. 13

    Целиот народ ќе чуе, ќе се исплаши и нема повеќе да постапува дрско.

  14. 14

    Кога ќе влезеш во земјата што Господ, твојот Бог, ти ја дава, ќе ја завладееш и ќе се населиш во неа, па ќе речеш: „Ќе си поставам цар како сите народи околу мене“,

  15. 15

    постави го за цар оној што Господ, твојот Бог, ќе го избере. Постави цар од своите браќа; не смееш да поставиш над себе туѓинец, кој не е твој брат.

  16. 16

    Но царот да не собира за себе многу коњи и да не го враќа народот во Египет за да си набави многу коњи, зашто Господ ви рече: „Никогаш повеќе не се враќајте по тој пат.“

  17. 17

    Да не зема за себе многу жени, за да не му се одврати срцето; и да не трупа за себе премногу сребро и злато.

  18. 18

    Кога ќе седне на својот царски престол, нека си напише во книга препис од овој Закон, според примерокот што е кај левитските свештеници.

  19. 19

    Тој препис нека биде кај него и нека го чита во сите денови на својот живот, за да се научи да се бои од Господ, својот Бог, да ги пази сите зборови на овој Закон и овие одредби и да ги извршува.

  20. 20

    Така неговото срце нема да се издигне над неговите браќа и нема да отстапи од заповедта ниту надесно ниту налево, за тој и неговите синови долго да царуваат среде Израел.