5 Мојсеева — Второзаконие
Глава 26
- 1
Кога ќе влезеш во земјата што Господ, твојот Бог, ти ја дава во наследство, ќе ја завладееш и ќе се населиш во неа,
- 2
земи од првите плодови на сѐ што ќе роди земјата што Господ, твојот Бог, ти ја дава, стави ги во кошница и оди на местото што Господ, твојот Бог, ќе го избере за таму да го насели Своето име.
- 3
Оди кај свештеникот што ќе служи во тоа време и кажи му: „Денес Му изјавувам на Господ, твојот Бог, дека влегов во земјата за која Господ им се заколна на нашите татковци дека ќе ни ја даде.“
- 4
Тогаш свештеникот нека ја земе кошницата од твојата рака и нека ја постави пред жртвеникот на Господ, твојот Бог.
- 5
А ти изјави пред Господ, својот Бог: „Мојот прататко беше скитник Арамеец. Тој слезе во Египет со малкумина луѓе и престојуваше таму, а таму стана голем, силен и многуброен народ.
- 6
Египќаните постапуваа сурово со нас, нѐ угнетуваа и ни наложија тешка работа.
- 7
Тогаш извикавме кон Господ, Бог на нашите татковци, и Господ го чу нашиот глас и ги виде нашата мака, нашиот труд и нашето угнетување.
- 8
Господ нѐ изведе од Египет со силна рака и подигната десна рака, со голем страв, со знаци и чуда.
- 9
Нѐ доведе на ова место и ни ја даде оваа земја, земја во која течат млеко и мед.
- 10
И сега, еве, ги донесов првите плодови од земјата што Ти ми ја даде, Господи.“ Постави ги пред Господ, својот Бог, и поклони се пред Господ, својот Бог.
- 11
Радувај се на секое добро што Господ, твојот Бог, ти го дал тебе и на твојот дом, заедно со Левитот и туѓинецот што живее меѓу вас.
- 12
Кога во третата година, годината на десетокот, ќе завршиш со одделувањето на целиот десеток од својот род, и ќе им го дадеш на Левитот, туѓинецот, сирачето и вдовицата, за да јадат во твоите градови и да се наситат,
- 13
тогаш кажи пред Господ, својот Бог: „Го изнесов од својот дом она што е посветено и им го дадов на Левитот, туѓинецот, сирачето и вдовицата, според сите Твои заповеди што ми ги даде. Не прекршив ниту заборавив некоја од Твоите заповеди.
- 14
Не јадев од десетокот додека тагував, не отстранив ништо од него додека бев нечист и не дадов ништо од него за мртовец. Го послушав гласот на Господ, својот Бог, и направив сѐ како што ми заповеда.
- 15
Погледни од Своето свето живеалиште, од небото, и благослови го Својот народ Израел и земјата што ни ја даде, како што им се заколна на нашите татковци – земја во која течат млеко и мед.“
- 16
Денес Господ, твојот Бог, ти заповеда да ги исполнуваш овие одредби и закони. Пази ги и исполнувај ги со целото свое срце и со целата своја душа.
- 17
Денес изјави дека Господ е твој Бог и дека ќе одиш по Неговите патишта, ќе ги пазиш Неговите одредби, Неговите заповеди и Неговите закони и ќе го слушаш Неговиот глас.
- 18
А Господ денес изјави дека ќе бидеш Негов сопствен народ, како што ти вети, и дека ќе ги пазиш сите Негови заповеди.
- 19
Тој ќе те постави повисоко од сите народи што ги создал – за пофалба, име и слава – и ќе бидеш свет народ на Господ, твојот Бог, како што рече.