Прескокни кон главната содржина

5 Мојсеева — Второзаконие

Глава 27

  1. 1

    Потоа Мојсеј и Израелевите старешини му заповедаа на народот: „Пазете ги сите заповеди што денес ви ги давам.

  2. 2

    Во денот кога ќе го преминете Јордан и ќе влезете во земјата што Господ, вашиот Бог, ви ја дава, поставете големи камења и премачкај ги со вар.

  3. 3

    Кога ќе преминеш, напиши ги врз нив сите зборови на овој закон, за да влезеш во земјата што Господ, твојот Бог, ти ја дава – земја во која течат млеко и мед – како што ти вети Господ, Бог на твоите татковци.

  4. 4

    Кога ќе го преминете Јордан, поставете ги овие камења, за кои денес ви заповедам, на гората Евал и премачкајте ги со вар.

  5. 5

    Таму изгради Му жртвеник на Господ, својот Бог, жртвеник од камења; не употребувај железна алатка врз нив.

  6. 6

    Изгради го жртвеникот на Господ, својот Бог, од цели камења и принеси врз него жртви паленици на Господ, својот Бог.

  7. 7

    Принеси и жртви за мир, јади таму и радувај се пред Господ, својот Бог.

  8. 8

    Напиши ги врз камењата сите зборови на овој закон многу јасно.“

  9. 9

    Потоа Мојсеј и левитските свештеници му рекоа на целиот Израел: „Замолкни и слушај, Израеле! Денес стана народ на Господ, својот Бог.

  10. 10

    Затоа слушај го гласот на Господ, својот Бог, и исполнувај ги Неговите заповеди и Неговите одредби што денес ти ги давам.“

  11. 11

    Истиот ден Мојсеј му заповеда на народот:

  12. 12

    „Кога ќе го преминете Јордан, овие нека застанат на гората Гаризим за да го благословат народот: Симеон, Леви, Јуда, Исахар, Јосиф и Венијамин.

  13. 13

    А овие нека застанат на гората Евал за да изговорат проклетство: Рувим, Гад, Асир, Завулон, Дан и Нефталим.

  14. 14

    Левитите нека проговорат и со силен глас нека им кажат на сите Израелеви мажи:

  15. 15

    ‚Проклет да е човекот што ќе направи резан или леан идол, дело на човечки раце што Му е одвратно на Господ, и ќе го постави на скришно место!‘ А целиот народ нека одговори: ‚Амин!‘

  16. 16

    ‚Проклет да е оној што го презира својот татко или својата мајка!‘ А целиот народ нека каже: ‚Амин!‘

  17. 17

    ‚Проклет да е оној што ја поместува меѓата на својот ближен!‘ А целиот народ нека каже: ‚Амин!‘

  18. 18

    ‚Проклет да е оној што го заведува слепиот да скршне од патот!‘ А целиот народ нека каже: ‚Амин!‘

  19. 19

    ‚Проклет да е оној што ја извртува правдата на туѓинецот, сирачето и вдовицата!‘ А целиот народ нека каже: ‚Амин!‘

  20. 20

    ‚Проклет да е оној што лежи со жената на својот татко, зашто го обесчестува брачниот кревет на својот татко!‘ А целиот народ нека каже: ‚Амин!‘

  21. 21

    ‚Проклет да е оној што лежи со какво било животно!‘ А целиот народ нека каже: ‚Амин!‘

  22. 22

    ‚Проклет да е оној што лежи со својата сестра, ќерка на својот татко или ќерка на својата мајка!‘ А целиот народ нека каже: ‚Амин!‘

  23. 23

    ‚Проклет да е оној што лежи со својата тешта!‘ А целиот народ нека каже: ‚Амин!‘

  24. 24

    ‚Проклет да е оној што скришно го убива својот ближен!‘ А целиот народ нека каже: ‚Амин!‘

  25. 25

    ‚Проклет да е оној што прима поткуп за да убие невин човек!‘ А целиот народ нека каже: ‚Амин!‘

  26. 26

    ‚Проклет да е оној што не ги потврдува зборовите на овој закон, исполнувајќи ги!‘ А целиот народ нека каже: ‚Амин!‘