Прескокни кон главната содржина

5 Мојсеева — Второзаконие

Глава 29

  1. 1

    Ова се зборовите на заветот што Господ му заповеда на Мојсеј да го склучи со Израелевите синови во Моавската земја, покрај заветот што го склучи со нив на Хорив.

  2. 2

    Мојсеј го повика целиот Израел и им рече: „Вие видовте сѐ што Господ направи пред вашите очи во Египетската земја со фараонот, со сите негови слуги и со целата негова земја:

  3. 3

    големите испитувања што ги видоа вашите очи, оние големи знаци и чуда.

  4. 4

    Но до денес Господ не ви даде срце за да разбирате, очи за да гледате и уши за да слушате.

  5. 5

    Четириесет години ве водев низ пустината; вашата облека не се истроши на вас, ниту обувките ви се истрошија на нозете.

  6. 6

    Не јадевте леб и не пиевте вино ниту жесток пијалак, за да знаете дека Јас сум Господ, вашиот Бог.

  7. 7

    Кога дојдовте на ова место, есевонскиот цар Сихон и васанскиот цар Ог излегоа против нас во војна, но ние ги поразивме.

  8. 8

    Ја зедовме нивната земја и им ја дадовме во наследство на Рувимовците, Гадовците и на половината од Манасиевото племе.

  9. 9

    Затоа пазете ги зборовите на овој завет и исполнувајте ги, за да успевате во сѐ што правите.

  10. 10

    Денес сите вие стоите пред Господ, вашиот Бог: вашите племенски поглавари, вашите старешини, вашите надзорници, сите Израелеви мажи,

  11. 11

    вашите деца, вашите жени и туѓинецот што живее во вашиот логор, од оној што ви сече дрва до оној што ви носи вода,

  12. 12

    за да влезеш во заветот на Господ, својот Бог, и во заклетвата што Господ, твојот Бог, денес ја склучува со тебе,

  13. 13

    за денес да те утврди како Свој народ и Тој да ти биде Бог, како што ти рече и како што им се заколна на твоите татковци – Авраам, Исак и Јаков.

  14. 14

    Овој завет и оваа заклетва не ги склучувам само со вас,

  15. 15

    туку и со секој што денес стои тука со нас пред Господ, нашиот Бог, и со оние што денес не се тука со нас.

  16. 16

    Зашто вие знаете како живеевме во Египетската земја и како поминавме низ народите покрај кои патувавме.

  17. 17

    Ги видовте нивните одвратности и нивните идоли од дрво, камен, сребро и злато што беа меѓу нив.

  18. 18

    Нека нема меѓу вас маж или жена, семејство или племе, чие срце денес се одвраќа од Господ, нашиот Бог, за да оди и да им служи на боговите на тие народи. Нека нема меѓу вас корен што раѓа отров и пелин.

  19. 19

    Ако некој ги чуе зборовите на оваа заклетва и се благословува себеси во своето срце, велејќи: „Ќе имам мир, иако одам според тврдоглавоста на своето срце“, така што пијанството да ја зголемува жедта,

  20. 20

    Господ нема да сака да му прости. Тогаш Господовиот гнев и Неговата ревност ќе пламнат против тој човек; врз него ќе падне секое проклетство запишано во оваа книга, и Господ ќе го избрише неговото име под небото.

  21. 21

    Господ ќе го оддели од сите Израелеви племиња за пропаст, според сите проклетства на заветот запишани во оваа книга на законот.

  22. 22

    Идното поколение – вашите деца што ќе дојдат по вас – и туѓинецот што ќе дојде од далечна земја, кога ќе ги видат ударите на таа земја и болестите со кои Господ ја погодил,

  23. 23

    ќе речат: „Целата земја е изгорена со сулфур и сол; не се сее, не раѓа и никаква трева не никнува во неа, како по уништувањето на Содом и Гомор, Адма и Цевоим, кои Господ ги уништи во Својот гнев и јарост.“

  24. 24

    Сите народи ќе прашаат: „Зошто Господ ѝ го направи ова на оваа земја? Што значи жарот на овој голем гнев?“

  25. 25

    Тогаш ќе им одговорат: „Затоа што го напуштија заветот на Господ, Бог на своите татковци, што Тој го склучи со нив кога ги изведе од Египетската земја.

  26. 26

    Отидоа, им служеа на други богови и им се поклонија – богови што не ги познаваа и што Тој не им ги беше дал.

  27. 27

    Затоа Господовиот гнев пламна против оваа земја и Тој ги донесе врз неа сите проклетства запишани во оваа книга.

  28. 28

    Господ ги искорени од нивната земја во гнев, јарост и големо негодување и ги фрли во друга земја, каде што се денес.“

  29. 29

    Скриените работи Му припаѓаат на Господ, нашиот Бог, а откриените ни припаѓаат нам и на нашите деца засекогаш, за да ги исполнуваме сите зборови на овој закон.