Прескокни кон главната содржина

5 Мојсеева — Второзаконие

Глава 32

  1. „Слушај, небо, и јас ќе зборувам; земјата нека ги чуе зборовите на мојата уста.

  2. Моето учење нека капе како дожд, мојот збор нека слегува како роса, како ситен дожд врз зеленило и како пороен дожд врз трева.

  3. Зашто ќе го објавам Господовото име; дајте Му слава на нашиот Бог!

  4. Тој е Карпата; Неговото дело е совршено, зашто сите Негови патишта се праведни. Тој е верен Бог, во Него нема неправда; праведен и правичен е Тој.

  5. Тие постапија расипано пред Него; поради својата изопаченост не се Негови деца. Тие се изопачено и криво поколение.

  6. Така ли Му возвраќате на Господ, безумен и неразумен народе? Зар Тој не е твојот Татко, Кој те придоби? Тој те создаде и те утврди.

  7. Спомни си ги старите денови; размисли за годините на многу поколенија. Прашај го својот татко, и тој ќе ти раскаже; прашај ги своите старешини, и тие ќе ти кажат.

  8. Кога Севишниот им го даваше наследството на народите, кога ги разделуваше Адамовите потомци, ги постави границите на народите според бројот на Израелевите синови.

  9. Зашто Господовиот дел е Неговиот народ; Јаков е Неговото наследство што Му припадна со ждрепка.

  10. Го најде во пуста земја, во дива пустелија каде што се слуша завивање. Го опкружи, го поучи и го чуваше како зеницата на Своето око.

  11. Како орел што го раздвижува своето гнездо, лебди над своите орлиња, ги раширува крилјата, ги зема и ги носи на своите крилја,

  12. така Господ сам го водеше; со него немаше туѓ бог.

  13. Го издигна на земните височини, и тој јадеше од плодовите на полињата. Го хранеше со мед од карпа и со масло од тврда карпа,

  14. со путер од кравјо млеко и овчо млеко, со маснотија од јагниња, со башански овни и јарци, со најдобрата пченица; и ти пиеше вино - крв од грозје.

  15. Но Јешурун се здебели и почна да клоца. Се здебели, се угои и се рашири. Тогаш Го заборави Бог, Кој го создаде, и ја презре Карпата на своето спасение.

  16. Го предизвикуваа на ревност со туѓи богови и Го разгневуваа со одвратни идоли.

  17. Им принесуваа жртви на демони, а не на Бог; на богови што не ги познаваа, на нови богови што неодамна се појавија, од кои вашите татковци не се плашеа.

  18. Ја занемари Карпата што те роди и Го заборави Бог, Кој ти даде живот.

  19. Господ го виде тоа и ги отфрли, зашто Неговите синови и ќерки Го разгневија.

  20. Тој рече: ‚Ќе го скријам Своето лице од нив и ќе видам каков ќе биде нивниот крај, зашто тие се изопачено поколение, деца во кои нема верност.

  21. Тие Ме предизвикаа на ревност со она што не е бог и Ме разгневија со своите идоли. Затоа и Јас ќе ги предизвикам на ревност со оние што не се народ; ќе ги разгневам преку безумен народ.

  22. Зашто оган се разгоре во Мојот гнев и ќе гори до најдлабокиот свет на мртвите. Ќе ја проголта земјата и нејзиниот род и ќе ги запали темелите на планините.

  23. Ќе натрупам несреќи врз нив и ќе ги истрошам сите Свои стрели против нив.

  24. Глад ќе ги истошти, ќе ги проголтаат треска и смртоносна зараза. Ќе испратам врз нив заби од диви ѕверови и отров од животни што ползат по земјата.

  25. Надвор мечот, а внатре ужасот ќе ги погубува и момчето и девојката, доенчето и белокосиот старец.

  26. Реков: Ќе ги распрснам и ќе го избришам споменот за нив меѓу луѓето,

  27. да не се плашев од навредата на непријателот, нивните противници да не се возгордеат и да речат: „Нашата силна рака го направи сето тоа, а не Господ.“‘

  28. Зашто тие се народ без разумен совет и во нив нема разбирање.

  29. Кога би биле мудри, би го разбрале ова и би размислиле за својот крај!

  30. Како би можел еден да гони илјада, а двајца да натераат во бегство десет илјади, ако нивната Карпа не ги продала и Господ не ги предал?

  31. Зашто нивната карпа не е како нашата Карпа; дури и нашите непријатели можат да го пресудат тоа.

  32. Нивната лоза е од лозата на Содом и од полињата на Гомор; нивното грозје е отровно и нивните гроздови се горчливи.

  33. Нивното вино е змиски отров и смртоносен отров од аспида.

  34. Зар сето тоа не е скриено кај Мене и запечатено во Моите ризници?

  35. Одмаздата и отплатата Ми припаѓаат Мене. Во свое време нивната нога ќе се лизне, зашто денот на нивната пропаст е близу и она што им е подготвено брзо доаѓа.

  36. Господ ќе му суди на Својот народ и ќе се смилува на Своите слуги, кога ќе види дека нивната сила исчезнала и дека не останал никој, ни затворен ни слободен.

  37. Тогаш ќе рече: ‚Каде се нивните богови, карпата во која се надеваа,

  38. кои ја јадеа маснотијата од нивните жртви и го пиеја виното од нивните налевни приноси? Нека станат и нека ви помогнат; нека ви бидат засолниште!

  39. Видете сега дека Јас, само Јас сум Бог, и нема друг бог освен Мене. Јас усмртувам и Јас оживувам, Јас ранувам и Јас исцелувам, и никој не може да избави од Мојата рака.

  40. Зашто ја кревам Својата рака кон небото и велам: Се колнам во Својот вечен живот,

  41. кога ќе го наострам Својот блескав меч и Мојата рака ќе го преземе судот, ќе им се одмаздам на Своите непријатели и ќе им возвратам на оние што Ме мразат.

  42. Ќе ги опијам Своите стрели со крв, а Мојот меч ќе се нахрани со месо – со крвта на убиените и заробените, почнувајќи од главатарите на непријателот.‘

  43. Радувајте се, народи, заедно со Неговиот народ, зашто Тој ќе ја одмазди крвта на Своите слуги, ќе им возврати на Своите противници и ќе изврши помирување за Својата земја и за Својот народ.“

  44. Мојсеј дојде заедно со Исус, Навиновиот син, и ги изговори сите зборови на оваа песна пред целиот народ.

  45. Кога Мојсеј заврши со изговарањето на сите овие зборови пред целиот Израел,

  46. им рече: „Примете ги во своите срца сите зборови што ви ги кажувам денес и заповедајте им на своите деца внимателно да ги исполнуваат сите зборови од овој закон.

  47. Зашто ова не е празен збор за вас, туку е вашиот живот. Преку него ќе ги продолжите своите денови во земјата што ќе ја завладеете откако ќе го преминете Јордан.“

  48. Истиот ден Господ му рече на Мојсеј:

  49. „Искачи се на оваа Аваримска планина, на гората Нево, која е во моавската земја спроти Ерихон, и погледни ја ханаанската земја што им ја давам на Израелевите синови во сопственост.

  50. Умри на планината на која ќе се искачиш и придружи им се на своите татковци, како што твојот брат Арон умре на гората Ор и им се придружи на своите татковци.

  51. Зашто Ми згрешивте меѓу Израелевите синови кај водите на Мерива-Кадис, во пустината Син, и не Ме прославивте како свет меѓу Израелевите синови.

  52. Затоа ќе ја видиш земјата само оддалеку, но нема да влезеш во земјата што им ја давам на Израелевите синови.“