Прескокни кон главната содржина

5 Мојсеева — Второзаконие

Глава 33

  1. 1

    Ова е благословот со кој Божјиот човек Мојсеј ги благослови Израелевите синови пред својата смрт.

  2. 2

    Тој рече: „Господ дојде од Синај и им се појави од Сеир. Заблеска од гората Фаран и дојде со десетици илјади свети. Од Неговата десна рака излезе огнен закон за нив.

  3. 3

    Навистина, Тој ги сака народите; сите Негови свети се во Твојата рака. Тие седат при Твоите нозе и ги примаат Твоите зборови.

  4. 4

    Мојсеј ни даде закон, наследство за Јакововото собрание.

  5. 5

    Господ беше Цар во Јешурун, кога народните поглавари се собраа заедно со сите Израелеви племиња.

  6. 6

    Нека живее Рувим и нека не умре; неговите луѓе нека не бидат малобројни.“

  7. 7

    А за Јуда рече: „Господи, чуј го гласот на Јуда и врати го кај неговиот народ. Неговите раце нека бидат доволни за него, а Ти биди му помош против неговите непријатели.“

  8. 8

    За Леви рече: „Твоите Тумим и Урим нека бидат кај Твојот верен човек, кого го испита кај Маса и со кого се расправаше кај водите на Мерива.

  9. 9

    Тој рече за својот татко и за својата мајка: ‚Не гледам на нив‘; не ги призна своите браќа и не ги позна своите деца, зашто тие го чуваа Твојот збор и го пазеа Твојот завет.

  10. 10

    Тие ќе го учат Јаков на Твоите закони и Израел на Твојот закон. Ќе ставаат темјан пред Тебе и жртви паленици на Твојот жртвеник.

  11. 11

    Господи, благослови ја неговата сила и прими го делото на неговите раце. Скрши ги бедрата на оние што стануваат против него и на оние што го мразат, за повеќе да не станат.“

  12. 12

    За Венијамин рече: „Господовиот сакан ќе живее безбедно покрај Него. Господ ќе го закрилува цел ден, а тој ќе почива меѓу Неговите рамена.“

  13. 13

    За Јосиф рече: „Господ нека ја благослови неговата земја со скапоцени небесни дарови, со роса и со водите од бездната што лежи долу,

  14. 14

    со најдобрите плодови што ги зрее сонцето и со скапоцените плодови што ги даваат месеците,

  15. 15

    со најдоброто од древните планини и со скапоценостите од вечните ридови,

  16. 16

    со скапоценостите на земјата и сѐ што ја исполнува, и со благонаклоноста на Оној Кој се појави во грмушката. Сето тоа нека дојде врз главата на Јосиф, врз темето на оној што беше одделен од своите браќа.

  17. 17

    Неговата слава е како слава на првороден бик, а неговите рогови се како рогови на див вол. Со нив ќе ги боде народите до краиштата на земјата. Тоа се десетиците илјади на Ефрем и илјадниците на Манасија.“

  18. 18

    За Завулон рече: „Радувај се, Завулоне, кога излегуваш, и ти, Исахаре, во своите шатори.

  19. 19

    Ќе ги повикаат народите на гората и таму ќе принесуваат праведни жртви, зашто ќе го црпат изобилството на морето и богатствата скриени во песокот.“

  20. 20

    За Гад рече: „Благословен да е Оној Кој ја проширува земјата на Гад! Тој живее како лавица и раскинува рака и глава.

  21. 21

    Го избра за себе најдобриот дел, зашто таму му беше зачуван делот на водачот. Дојде со народните поглавари и ја изврши Господовата правда и Неговите пресуди со Израел.“

  22. 22

    За Дан рече: „Дан е млад лав што скока од Васан.“

  23. 23

    За Нефталим рече: „Нефталиме, наситен со благонаклоност и исполнет со Господовиот благослов, завладеј ги западот и југот.“

  24. 24

    За Асир рече: „Асир нека биде поблагословен од другите синови; нека биде мил меѓу своите браќа и нека ја натопува својата нога во масло.

  25. 25

    Твоите обувки нека бидат од железо и бакар, а твојата сила нека трае колку и твоите денови.

  26. 26

    Нема никој како Бог на Јешурун, Кој се движи по небесата за да ти помогне и по облаците во Своето величество.

  27. 27

    Вечниот Бог е твое засолниште, а под тебе се Неговите вечни раце. Тој ќе го истера непријателот пред тебе и ќе рече: ‚Уништи го!‘

  28. 28

    Така Израел ќе живее безбедно и одделено; Јакововиот извор ќе биде во земја богата со жито и вино, а неговото небо ќе капе роса.

  29. 29

    Блажен си, Израеле! Кој е како тебе, народ спасен од Господ? Тој е твој штит и твоја помош, мечот на твојата слава. Твоите непријатели ќе се понизат пред тебе, а ти ќе газиш по нивните височини.“