Прескокни кон главната содржина

5 Мојсеева — Второзаконие

Глава 34

  1. 1

    Тогаш Мојсеј се искачи од моавските полиња на гората Нево, на врвот Фасга, спроти Ерихон. Господ му ја покажа целата галаадска земја до Дан,

  2. 2

    целата Нефталимова земја, Ефремовата и Манасиевата земја и целата Јудина земја до Западното Море,

  3. 3

    јужната област и рамнината на долината кај Ерихон, градот на палмите, сѐ до Сигор.

  4. 4

    Господ му рече: „Ова е земјата за која им се заколнав на Авраам, Исак и Јаков, велејќи: ‚На твоето потомство ќе му ја дадам.‘ Ти дозволив да ја видиш со своите очи, но нема да преминеш во неа.“

  5. 5

    Така Господовиот слуга Мојсеј умре таму, во моавската земја, според Господовиот збор.

  6. 6

    Господ го погреба во долината во моавската земја, спроти Вет-Фегор, но до денес никој не го знае местото на неговиот гроб.

  7. 7

    Мојсеј имаше сто и дваесет години кога умре. Неговиот вид не беше ослабен, ниту неговата сила беше намалена.

  8. 8

    Израелевите синови го оплакуваа Мојсеј триесет дена во моавските полиња; така завршија деновите на плачењето и жалоста за Мојсеј.

  9. 9

    Исус, Навиновиот син, беше исполнет со дух на мудрост, зашто Мојсеј ги беше положил своите раце врз него. Израелевите синови го слушаа и постапуваа како што Господ му беше заповедал на Мојсеј.

  10. 10

    Во Израел повеќе не се појави пророк како Мојсеј, кого Господ го познаваше лице в лице,

  11. 11

    во поглед на сите знаци и чуда што Господ го испрати да ги изврши во египетската земја над фараонот, над сите негови слуги и над целата негова земја,

  12. 12

    и во поглед на сета моќна рака и сите големи и страшни дела што Мојсеј ги изврши пред очите на целиот Израел.