Прескокни кон главната содржина

Исус Навин

Глава 1

  1. 1

    По смртта на Господовиот слуга Мојсеј, Господ му рече на Исус, Навиновиот син, Мојсеевиот помошник:

  2. 2

    „Мојот слуга Мојсеј умре. Затоа сега стани, премини преку овој Јордан, ти и целиот овој народ, во земјата што им ја давам на Израелевите синови.

  3. 3

    Ви го давам секое место на кое ќе стапне вашето стапало, како што му реков на Мојсеј.

  4. 4

    Вашата област ќе се протега од пустината и овој Ливан до големата река Еуфрат, низ целата земја на Хетејците, па сѐ до Големото Море на запад.

  5. 5

    Никој нема да може да ти се спротивстави во сите денови на твојот живот. Како што бев со Мојсеј, така ќе бидам и со тебе; нема да те напуштам ниту да те оставам.

  6. 6

    Биди силен и храбар, зашто ти ќе му ја разделиш како наследство на овој народ земјата за која им се заколнав на нивните татковци дека ќе им ја дадам.

  7. 7

    Само биди силен и многу храбар, за внимателно да постапуваш според целиот закон што ти го заповеда Мојот слуга Мојсеј. Не отстапувај од него ни надесно ни налево, за да напредуваш каде и да одиш.

  8. 8

    Оваа книга на законот нека не се оддалечува од твојата уста, туку размислувај за неа дење и ноќе, за внимателно да исполнуваш сѐ што е напишано во неа. Тогаш ќе напредуваш на својот пат и ќе постапуваш мудро.

  9. 9

    Не ти ли заповедав: биди силен и храбар? Не плаши се и не обесхрабрувај се, зашто Господ, твојот Бог, е со тебе каде и да одиш.“

  10. 10

    Тогаш Исус им заповеда на управителите на народот:

  11. 11

    „Поминете низ логорот и заповедајте му на народот: ‚Подгответе си храна за пат, зашто по три дена ќе го преминете овој Јордан, за да влезете и да ја завладеете земјата што Господ, вашиот Бог, ви ја дава во наследство.‘“

  12. 12

    А на Рувимовите и Гадовите потомци и на половината од Манасиевото племе, Исус им рече:

  13. 13

    „Спомнете си за зборот што ви го заповеда Господовиот слуга Мојсеј, велејќи: ‚Господ, вашиот Бог, ви даде одмор и ви ја даде оваа земја.‘

  14. 14

    Вашите жени, вашите деца и вашиот добиток нека останат во земјата што Мојсеј ви ја даде источно од Јордан. А вие, сите способни воини, преминете вооружени пред своите браќа и помогнете им,

  15. 15

    додека Господ не им даде одмор и на вашите браќа, како што ви даде вам, и додека и тие не ја завладеат земјата што Господ, вашиот Бог, им ја дава. Потоа вратете се во земјата на своето наследство и завладејте ја земјата што Господовиот слуга Мојсеј ви ја даде источно од Јордан.“

  16. 16

    Тие му одговорија на Исус: „Ќе направиме сѐ што ни заповедаш и ќе одиме каде и да нѐ испратиш.

  17. 17

    Како што го слушавме Мојсеј во сѐ, така ќе те слушаме и тебе. Само Господ, твојот Бог, нека биде со тебе, како што беше со Мојсеј.

  18. 18

    Секој што ќе се спротивстави на твојата заповед и нема да ги послуша твоите зборови во сѐ што ќе му заповедаш, нека биде погубен. Само биди силен и храбар!“