Прескокни кон главната содржина

5 Мојсеева — Второзаконие

Глава 4

  1. 1

    „А сега, Израеле, слушај ги одредбите и законите што ве учам да ги извршувате, за да живеете и да влезете во земјата што ви ја дава Господ, Бог на вашите татковци, и да ја наследите.

  2. 2

    Не додавајте ништо на зборовите што ви ги заповедам и не одземајте ништо од нив, туку пазете ги заповедите на Господ, вашиот Бог, што ви ги давам.

  3. 3

    Вашите очи видоа што направи Господ поради Ваал-Фегор: Господ, вашиот Бог, ги истреби од вашата средина сите што тргнаа по Ваал-Фегор.

  4. 4

    А вие што се држевте за Господ, вашиот Бог, сите сте живи денес.

  5. 5

    Еве, ве научив на одредби и закони, како што ми заповеда Господ, мојот Бог, за да постапувате според нив во земјата во која влегувате за да ја наследите.

  6. 6

    Пазете ги и извршувајте ги, зашто тоа ќе биде вашата мудрост и разумност пред народите. Кога ќе ги чујат сите овие одредби, тие ќе речат: ‚Навистина, овој голем народ е мудар и разумен народ.‘

  7. 7

    Зашто кој друг голем народ има бог толку близу до себе како што ни е близу Господ, нашиот Бог, секогаш кога ќе Го повикаме?

  8. 8

    И кој друг голем народ има толку праведни одредби и закони како целиот овој Закон што денес го поставувам пред вас?

  9. 9

    Само внимавај на себе и добро чувај ја својата душа, за да не ги заборавиш делата што ги видоа твоите очи и тие да не исчезнат од твоето срце во сите денови на твојот живот. Раскажувај им ги на своите синови и на своите внуци.

  10. 10

    Не го заборавај денот кога стоеше пред Господ, твојот Бог, на Хорив, кога Господ ми рече: ‚Собери го народот пред Мене, за да ги чујат Моите зборови и да се научат да се бојат од Мене во сите денови додека живеат на земјата, и да ги научат на тоа своите деца.‘

  11. 11

    Тогаш се приближивте и застанавте под планината. Планината гореше во оган до сред небото, а околу неа имаше темнина, облак и густ мрак.

  12. 12

    Господ ви зборуваше од огнот. Го чувте гласот на зборовите, но не видовте никаков лик; слушнавте само глас.

  13. 13

    Тој ви го објави Својот завет, кој ви заповеда да го извршувате – Десетте заповеди – и ги напиша на две камени плочи.

  14. 14

    Во тоа време Господ ми заповеда да ве научам на одредбите и законите што треба да ги извршувате во земјата во која преминувате за да ја наследите.

  15. 15

    Затоа добро внимавајте на себе, зашто во денот кога Господ ви зборуваше на Хорив од огнот не видовте никаков лик,

  16. 16

    за да не се расипете и да си направите идол во облик на некаков лик – подобие на маж или жена,

  17. 17

    подобие на некое животно што е на земјата, или на некоја крилеста птица што лета по небото,

  18. 18

    подобие на нешто што ползи по земјата, или на некоја риба што е во водите под земјата.

  19. 19

    И внимавај, кога ќе ги подигнеш очите кон небото и ќе ги видиш сонцето, месечината, ѕвездите и целата небесна војска, да не бидеш заведен да им се поклонуваш и да им служиш. Нив Господ, твојот Бог, им ги одреди на сите народи под целото небо.

  20. 20

    Но вас Господ ве зеде и ве изведе од Египет, од железната печка, за да Му бидете народ што Му припаѓа, како што сте денес.

  21. 21

    Господ се разгневи на мене поради вас и се заколна дека нема да го преминам Јордан и нема да влезам во добрата земја што Господ, твојот Бог, ти ја дава како наследство.

  22. 22

    Јас ќе умрам во оваа земја и нема да го преминам Јордан, но вие ќе преминете и ќе ја наследите таа добра земја.

  23. 23

    Внимавајте да не го заборавите заветот што Господ, вашиот Бог, го склучи со вас и да не си направите идол во облик на нешто што Господ, твојот Бог, ти го забрани.

  24. 24

    Зашто Господ, твојот Бог, е оган што проголтува, Бог Кој бара целосна верност.

  25. 25

    Кога ќе ви се родат синови и внуци и долго ќе живеете во земјата, ако се расипете и си направите идол во облик на што било, и ако правите зло пред Господ, твојот Бог, за да Го разгневите,

  26. 26

    денес ги повикувам небото и земјата за сведоци против вас дека брзо и целосно ќе исчезнете од земјата во која преминувате преку Јордан за да ја наследите. Нема долго да живеете во неа, туку ќе бидете целосно истребени.

  27. 27

    Господ ќе ве расее меѓу народите, и ќе останете малубројни меѓу народите кај кои Господ ќе ве одведе.

  28. 28

    Таму ќе им служите на богови, дело на човечки раце, од дрво и камен, кои не гледаат, не слушаат, не јадат и не мирисаат.

  29. 29

    Но ако оттаму Го побараш Господ, твојот Бог, ќе Го најдеш, ако Го бараш со целото свое срце и со целата своја душа.

  30. 30

    Кога ќе бидеш во неволја и ќе те снајде сето ова, во последните денови ќе се вратиш кај Господ, твојот Бог, и ќе го послушаш Неговиот глас.

  31. 31

    Зашто Господ, твојот Бог, е милостив Бог. Тој нема да те остави, нема да те истреби и нема да го заборави заветот со твоите татковци, за кој им се заколна.

  32. 32

    Прашај сега за минатите денови што беа пред тебе, од денот кога Бог го создаде човекот на земјата, од едниот крај на небото до другиот: дали некогаш се случило нешто толку големо или дали се чуло нешто слично?

  33. 33

    Дали некој народ некогаш го чул Божјиот глас како зборува од огнот, како што ти го чу, и останал жив?

  34. 34

    Или дали некој бог се обидел да дојде и да земе за себе народ од средината на друг народ, со испитувања, знаци, чуда, војна, силна рака, подигната мишка и големи стравотии, како што направи за вас Господ, вашиот Бог, во Египет пред вашите очи?

  35. 35

    Тебе ти беше покажано сето тоа, за да знаеш дека Господ е Бог и дека нема друг освен Него.

  36. 36

    Од небото ти го даде да го чуеш Неговиот глас за да те поучи, а на земјата ти го покажа Својот голем оган; и ги чу Неговите зборови од огнот.

  37. 37

    Бидејќи ги сакаше твоите татковци, го избра нивното потомство по нив и со Своето присуство и со Својата голема сила те изведе од Египет,

  38. 38

    за да истера пред тебе народи поголеми и посилни од тебе, да те воведе во нивната земја и да ти ја даде како наследство, како што е денес.

  39. 39

    Затоа денес знај и вложи го во своето срце: Господ е Бог горе на небото и долу на земјата; нема друг.

  40. 40

    Пази ги Неговите одредби и заповеди што денес ти ги давам, за да ти биде добро тебе и на твоите потомци по тебе, и долго да живееш во земјата што Господ, твојот Бог, ти ја дава засекогаш.

  41. 41

    Тогаш Мојсеј одвои три града источно од Јордан,

  42. 42

    за таму да побегне оној што ненамерно ќе го убие својот ближен, без претходно да го мразел; ако побегне во еден од тие градови, ќе остане жив.

  43. 43

    Тоа беа: Восор во пустината, на висорамнината, за Рувимците; Рамот во Галаад, за Гадците; и Голан во Васан, за Манасиевците.

  44. 44

    Ова е Законот што Мојсеј го постави пред Израелевите синови.

  45. 45

    Ова се сведоштвата, одредбите и законите што Мојсеј им ги кажа на Израелевите синови, откако излегоа од Египет,

  46. 46

    источно од Јордан, во долината спроти Вет-Фегор, во земјата на Сихон, аморејскиот цар, кој живееше во Есевон и кого Мојсеј и Израелевите синови го поразија откако излегоа од Египет.

  47. 47

    Тие ја освоија неговата земја и земјата на Ог, царот на Васан – двајцата аморејски цареви источно од Јордан,

  48. 48

    од Ароир, кој е на работ на потокот Арнон, до планината Сион, односно Ермон,

  49. 49

    и целата Арава источно од Јордан, сѐ до морето на Арава, под падините на Фасга.