Прескокни кон главната содржина

5 Мојсеева — Второзаконие

Глава 3

  1. 1

    Потоа се свртевме и тргнавме кон Васан. А Ог, царот на Васан, излезе против нас со целиот свој народ за да се бори кај Едраи.

  2. 2

    Но Господ ми рече: ‚Не се плаши од него, зашто во твоите раце го предадов него, целиот негов народ и неговата земја. Направи му како што му направи на аморејскиот цар Сихон, кој живееше во Есевон.‘

  3. 3

    Така Господ, нашиот Бог, го предаде во нашите раце и Ог, царот на Васан, со целиот негов народ; и го поразивме, така што не му оставивме ниту еден преживеан.

  4. 4

    Во тоа време ги освоивме сите негови градови. Немаше град што не им го одзедовме: шеесет градови, целата област Аргов, царството на Ог во Васан.

  5. 5

    Сите тие градови беа утврдени со високи ѕидови, порти и резиња, а покрај нив имаше и многу неутврдени села.

  6. 6

    Ги истребивме, како што направивме со Сихон, царот на Есевон; во секој град ги истребивме мажите, жените и децата.

  7. 7

    А целиот добиток и пленот од градовите ги зедовме за себе.

  8. 8

    Така во тоа време ја зедовме од рацете на двајцата аморејски цареви земјата источно од Јордан, од потокот Арнон до планината Ермон.

  9. 9

    Сидонците го нарекуваат Ермон Сирион, а Аморејците го нарекуваат Сенир.

  10. 10

    Ги освоивме сите градови на висорамнината, целиот Галаад и целиот Васан, сѐ до Салха и Едраи, градови на царството на Ог во Васан.

  11. 11

    Само Ог, царот на Васан, беше останал од рефаимите. Неговата постела беше од железо; таа сѐ уште е во Рава кај Амонците. Беше долга девет лакти и широка четири лакти, според обичниот лакат.

  12. 12

    Од земјата што ја освоивме во тоа време, на Рувимците и на Гадците им ја дадов земјата од Ароир, покрај потокот Арнон, и половината од планинскиот крај Галаад со неговите градови.

  13. 13

    А остатокот од Галаад и целиот Васан, царството на Ог, ѝ го дадов на половината од Манасиевото племе – целата област Аргов, со целиот Васан, кој се нарекуваше земја на рефаимите.

  14. 14

    Јаир, Манасиевиот потомок, ја зеде целата област Аргов до границата на Гесурците и Маахатците и го нарече Васан по своето име Авот-Јаир, како што се вика и денес.

  15. 15

    На Махир му го дадов Галаад.

  16. 16

    А на Рувимците и на Гадците им дадов од Галаад до потокот Арнон, со средината на потокот како граница, и до потокот Јавок, кој е граница на Амонците,

  17. 17

    и Арава со Јордан како граница, од Кинерет до морето во Арава, односно Соленото Море, под падините на Фасга кон исток.

  18. 18

    Во тоа време ви заповедав: ‚Господ, вашиот Бог, ви ја даде оваа земја да ја наследите. Сите ваши храбри мажи нека преминат вооружени пред своите браќа, Израелевите синови.

  19. 19

    Само вашите жени, деца и добитокот – а знам дека имате многу добиток – нека останат во градовите што ви ги дадов,

  20. 20

    сѐ додека Господ не им даде одмор и на вашите браќа, како што ви даде вам, и додека и тие не ја наследат земјата што Господ, вашиот Бог, им ја дава западно од Јордан. Потоа секој од вас нека се врати во наследството што ви го дадов.‘

  21. 21

    Во тоа време му заповедав на Исус: ‚Твоите очи видоа сѐ што Господ, вашиот Бог, им направи на овие двајца цареви. Така Господ ќе им направи на сите царства во кои ќе влезеш.

  22. 22

    Не се плашете од нив, зашто Господ, вашиот Бог, Тој ќе се бори за вас.‘

  23. 23

    Во тоа време Го молев Господ:

  24. 24

    ‚Господи Боже, Ти почна да му ги покажуваш на Својот слуга Својата големина и Својата силна рака. Зашто кој бог на небото или на земјата може да прави дела и моќни работи како Тебе?

  25. 25

    Те молам, дозволи ми да преминам и да ја видам добрата земја западно од Јордан, оној прекрасен планински крај и Ливан.‘

  26. 26

    Но Господ се разгневи на мене поради вас и не ме послуша. Господ ми рече: ‚Доста ти е! Не зборувај Ми повеќе за тоа.

  27. 27

    Искачи се на врвот на Фасга, подигни ги очите кон запад, север, југ и исток и гледај ја земјата со своите очи, зашто нема да го преминеш овој Јордан.

  28. 28

    А на Исус заповедај му, охрабри го и зајакни го, зашто тој ќе премине пред овој народ и тој ќе им ја подели како наследство земјата што ќе ја видиш.‘

  29. 29

    Така останавме во долината спроти Вет-Фегор.