Прескокни кон главната содржина

5 Мојсеева — Второзаконие

Глава 2

  1. 1

    Потоа се свртевме и тргнавме кон пустината, по патот кон Црвеното Море, како што ми рече Господ, и долго време ја обиколувавме планината Сеир.

  2. 2

    Тогаш Господ ми рече:

  3. 3

    ‚Доволно долго ја обиколувавте оваа планина; свртете се кон север.

  4. 4

    Заповедај му на народот: Ќе поминете низ пределот на своите браќа, Исавовите потомци, кои живеат во Сеир. Тие ќе се плашат од вас, но вие добро внимавајте.

  5. 5

    Не војувајте со нив, зашто нема да ви дадам од нивната земја ниедна стапка, бидејќи планината Сеир му ја дадов на Исав како наследство.

  6. 6

    Храна купувајте од нив со пари за да јадете, и вода купувајте од нив со пари за да пиете.

  7. 7

    Зашто Господ, твојот Бог, те благослови во секое дело на твоите раце. Тој го знае твоето патување низ оваа голема пустина. Овие четириесет години Господ, твојот Бог, беше со тебе и ништо не ти недостигаше.‘

  8. 8

    Така поминавме покрај своите браќа, Исавовите потомци, кои живееја во Сеир, покрај патот низ Арава, од Елат и Есион-Гавер; потоа се свртевме и тргнавме по патот кон Моавската пустина.

  9. 9

    Тогаш Господ ми рече: ‚Не ги вознемирувај Моавците и не започнувај војна со нив, зашто нема да ти дадам ништо од нивната земја во наследство; Ар им го дадов на Лотовите потомци како наследство.‘

  10. 10

    Порано таму живееја Емимите, голем, многуброен и висок народ како Енакимите.

  11. 11

    И тие, како Енакимите, се сметаа за рефаими, но Моавците ги нарекуваа Емими.

  12. 12

    И Хорејците порано живееја во Сеир, но Исавовите потомци ги истераа, ги истребија пред себе и се населија на нивното место, како што направи Израел во земјата што Господ му ја даде како наследство.

  13. 13

    ‚Сега станете и преминете го потокот Заред.‘ И го преминавме потокот Заред.

  14. 14

    Од нашето тргнување од Кадис-Варни до преминувањето на потокот Заред поминаа триесет и осум години, сѐ додека не исчезна целото поколение на воините од логорот, како што им се заколна Господ.

  15. 15

    Господовата рака беше против нив, за да ги истреби од логорот, сѐ додека не исчезнаа.

  16. 16

    Кога сите воини меѓу народот изумреа,

  17. 17

    Господ ми рече:

  18. 18

    ‚Денес ќе ја поминеш границата на Моав кај Ар.

  19. 19

    Кога ќе се приближиш до Амонците, не ги вознемирувај и не војувај со нив, зашто нема да ти дадам ништо од земјата на Амонците во наследство; неа им ја дадов на Лотовите потомци како наследство.‘

  20. 20

    И таа се сметаше за земја на рефаимите. Порано таму живееја рефаими, а Амонците ги нарекуваа Замзумими.

  21. 21

    Тие беа голем, многуброен и висок народ како Енакимите, но Господ ги истреби пред Амонците, па тие ги истераа и се населија на нивното место.

  22. 22

    Така направи и за Исавовите потомци што живееја во Сеир, кога ги истреби Хорејците пред нив; тие ги истераа и се населија на нивното место, каде што живеат до денес.

  23. 23

    А Кафторците, кои излегоа од Кафтор, ги истребија Авејците што живееја во селата сѐ до Газа, и се населија на нивното место.

  24. 24

    ‚Станете, тргнете и преминете го потокот Арнон. Еве, во твоите раце ги предавам Амореецот Сихон, царот на Есевон, и неговата земја. Почни да ја завладуваш и започни војна со него.

  25. 25

    Од денес ќе почнам да внесувам страв и трепет од тебе кај народите под целото небо. Кога ќе чујат за тебе, ќе се тресат и ќе се ужаснуваат пред тебе.‘

  26. 26

    Тогаш испратив гласници од пустината Кедемот кај Сихон, царот на Есевон, со мирољубиви зборови:

  27. 27

    ‚Дозволи ми да поминам низ твојата земја. Ќе одам само по главниот пат и нема да свртувам ни десно ни лево.

  28. 28

    Храна ќе ми продаваш за пари, за да јадам, и вода ќе ми даваш за пари, за да пијам. Само дозволи ми да поминам пеш,

  29. 29

    како што направија за мене Исавовите потомци што живеат во Сеир и Моавците што живеат во Ар, сѐ додека не го преминам Јордан и не влезам во земјата што ни ја дава Господ, нашиот Бог.‘

  30. 30

    Но Сихон, царот на Есевон, не сакаше да нѐ пушти да поминеме низ неговата земја, зашто Господ, твојот Бог, го закорави неговиот дух и го направи неговото срце тврдоглаво, за да го предаде во твоите раце, како што е денес.

  31. 31

    Тогаш Господ ми рече: ‚Еве, почнав да ти ги предавам Сихон и неговата земја. Почни да ја освојуваш, за да ја наследиш.‘

  32. 32

    И Сихон излезе против нас со целиот свој народ, за да се бори кај Јаса.

  33. 33

    Но Господ, нашиот Бог, го предаде во нашите раце, и го поразивме него, неговите синови и целиот негов народ.

  34. 34

    Во тоа време ги освоивме сите негови градови и во секој град ги истребивме мажите, жените и децата; не оставивме ниту еден преживеан.

  35. 35

    За себе го зедовме само добитокот и пленот од градовите што ги освоивме.

  36. 36

    Од Ароир, кој е на работ на потокот Арнон, и од градот во долината, па сѐ до Галаад, немаше град што можеше да ни се спротивстави; Господ, нашиот Бог, ни ги предаде сите.

  37. 37

    Само до земјата на Амонците не се приближивме, ниту до пределите крај потокот Јавок, ниту до градовите во планинскиот крај, ниту до кое било место што Господ, нашиот Бог, ни го забрани.