Прескокни кон главната содржина

5 Мојсеева — Второзаконие

Глава 1

  1. 1

    Ова се зборовите што Мојсеј му ги кажа на целиот Израел источно од Јордан, во пустината, во рамнината спроти Суф, меѓу Фаран, Тофел, Лаван, Асирот и Дизаав.

  2. 2

    Од Хорив до Кадис-Варни, по патот преку планината Сеир, има единаесет дена патување.

  3. 3

    Во четириесеттата година, во единаесеттиот месец, на првиот ден од месецот, Мојсеј им кажа на Израелевите синови сѐ што Господ му беше заповедал за нив,

  4. 4

    откако ги порази аморејскиот цар Сихон, кој живееше во Есевон, и васанскиот цар Ог, кој живееше во Астарот, во Едраи.

  5. 5

    Источно од Јордан, во Моавската земја, Мојсеј почна да го објаснува овој Закон и рече:

  6. 6

    „Господ, нашиот Бог, ни рече на Хорив: ‚Доволно долго престојувавте кај оваа планина.

  7. 7

    Свртете се и тргнете кон планинскиот крај на Аморејците и кон сите соседни области: кон Арава, планините, долините, југот и морскиот брег, кон земјата на Хананците и кон Ливан, сѐ до големата река Еуфрат.

  8. 8

    Еве, Јас ја ставив земјата пред вас. Влезете и завладејте ја земјата за која Господ им се заколна на вашите татковци Авраам, Исак и Јаков дека ќе им ја даде ним и на нивното потомство по нив.‘

  9. 9

    Во тоа време ви реков: ‚Не можам сам да ве носам.

  10. 10

    Господ, вашиот Бог, ве умножи, и еве, денес сте многубројни како небесните ѕвезди.

  11. 11

    Господ, Бог на вашите татковци, нека ве умножи уште илјадапати и нека ве благослови како што ви вети!

  12. 12

    Но како можам јас сам да го носам вашиот товар, вашата тежина и вашите расправии?

  13. 13

    Изберете од своите племиња мудри, разумни и познати мажи, и јас ќе ги поставам за ваши поглавари.‘

  14. 14

    А вие ми одговоривте: ‚Добро е тоа што рече да го направиме.‘

  15. 15

    Тогаш ги зедов поглаварите на вашите племиња, мудри и познати мажи, и ги поставив за началници над вас: илјадници, стотници, педесетници, десетници и надзорници по вашите племиња.

  16. 16

    Во тоа време им заповедав на вашите судии: ‚Сослушувајте ги споровите меѓу своите браќа и судете праведно меѓу човек и неговиот брат, како и меѓу човек и странецот што живее со него.

  17. 17

    Во судењето не гледајте кој е кој; сослушувајте го малиот исто како и големиот. Не се плашете од човек, зашто судот е Божји. А секој случај што ќе биде претежок за вас, донесете го кај мене, и јас ќе го сослушам.‘

  18. 18

    Тогаш ви заповедав сѐ што требаше да правите.

  19. 19

    Потоа тргнавме од Хорив и ја поминавме целата онаа голема и страшна пустина што ја видовте, движејќи се кон планинскиот крај на Аморејците, како што ни заповеда Господ, нашиот Бог; и стигнавме до Кадис-Варни.

  20. 20

    Тогаш ви реков: ‚Стигнавте до планинскиот крај на Аморејците, кој Господ, нашиот Бог, ни го дава.

  21. 21

    Еве, Господ, твојот Бог, ја стави земјата пред тебе. Оди и завладеј ја, како што ти рече Господ, Бог на твоите татковци. Не се плаши и не се обесхрабрувај.‘

  22. 22

    Но сите вие дојдовте кај мене и рековте: ‚Да испратиме мажи пред нас, за да ја разгледаат земјата и да ни донесат извештај по кој пат да одиме и во кои градови да влеземе.‘

  23. 23

    Предлогот ми се допадна, па избрав дванаесет мажи од вас, по еден од секое племе.

  24. 24

    Тие тргнаа, се искачија во планинскиот крај и стигнаа до долината Есхол, па ја разгледаа земјата.

  25. 25

    Зедоа во своите раце од плодовите на земјата, ни ги донесоа и ни јавија: ‚Добра е земјата што ни ја дава Господ, нашиот Бог.‘

  26. 26

    Но вие не сакавте да тргнете, туку се побунивте против заповедта на Господ, вашиот Бог.

  27. 27

    Мрморевте во своите шатори и велевте: ‚Господ нѐ мрази; затоа нѐ изведе од Египетската земја, за да нѐ предаде во рацете на Аморејците и да нѐ истреби.

  28. 28

    Каде да одиме? Нашите браќа ни го обесхрабрија срцето, велејќи: „Народот е поголем и повисок од нас; градовите се големи и утврдени до небото; таму ги видовме и Енаковите потомци.“‘

  29. 29

    Но јас ви реков: ‚Не се ужаснувајте и не се плашете од нив.

  30. 30

    Господ, вашиот Бог, Кој оди пред вас, Тој ќе се бори за вас, како што направи за вас во Египет пред вашите очи,

  31. 31

    и во пустината, каде што виде како Господ, твојот Бог, те носеше како што човек го носи својот син, по целиот пат по кој одевте, сѐ додека не стигнавте до ова место.‘

  32. 32

    Но и покрај тоа, не Му поверувавте на Господ, вашиот Бог,

  33. 33

    Кој одеше пред вас по патот, за да ви бара место каде да поставите логор: ноќе во оган, за да ви го покажува патот по кој треба да одите, а дење во облак.

  34. 34

    Господ ги чу вашите зборови, се разгневи и се заколна:

  35. 35

    ‚Ниту еден човек од ова зло поколение нема да ја види добрата земја за која се заколнав дека ќе им ја дадам на вашите татковци,

  36. 36

    освен Халев, синот на Јефуне. Тој ќе ја види, и нему и на неговите потомци ќе им ја дадам земјата по која одеше, зашто целосно Го следеше Господ.‘

  37. 37

    И на мене Господ се разгневи поради вас и рече: ‚Ниту ти нема да влезеш таму.

  38. 38

    Исус, Навиновиот син, кој ти служи, тој ќе влезе таму. Охрабри го, зашто тој ќе му ја предаде земјата на Израел како наследство.

  39. 39

    А вашите деца, за кои рековте дека ќе станат плен, и вашите синови кои денес уште не знаат што е добро, а што зло, тие ќе влезат таму. Ним ќе им ја дадам земјата и тие ќе ја завладеат.

  40. 40

    А вие свртете се и тргнете кон пустината, по патот кон Црвеното Море.‘

  41. 41

    Тогаш ми одговоривте: ‚Згрешивме против Господ. Ќе одиме и ќе се бориме, како што ни заповеда Господ, нашиот Бог.‘ И секој од вас го зеде своето воено оружје, мислејќи дека лесно ќе се искачи во планинскиот крај.

  42. 42

    Но Господ ми рече: ‚Кажи им: Не се искачувајте и не се борете, зашто Јас не сум меѓу вас, за да не бидете поразени од своите непријатели.‘

  43. 43

    Јас ви кажав, но вие не послушавте. Се спротивставивте на Господовата заповед и дрско се искачивте во планинскиот крај.

  44. 44

    Тогаш Аморејците што живееја во тој планински крај излегоа против вас, ве гонеа како пчели и ве поразија во Сеир, сѐ до Хорма.

  45. 45

    Се вративте и плачевте пред Господ, но Господ не го послуша вашиот глас и не ви обрна внимание.

  46. 46

    Така останавте во Кадис долго време, сѐ додека престојувавте таму.