Прескокни кон главната содржина

4 Мојсеева — Броеви

Глава 36

  1. 1

    Тогаш пристапија главарите на татковските домови од семејствата на синовите на Галаад, синот на Махир, синот Манасиев, од семејствата на Јосифовите синови, и зборуваа пред Мојсеј и пред кнезовите, главарите на татковските домови на Израелевите синови.

  2. 2

    И рекоа: „Господ му заповеда на мојот господар да им ја даде земјата како наследство на Израелевите синови со ждрепка; и на мојот господар му беше заповедано од Господ да им го даде наследството на нашиот брат Салпаад на неговите ќерки.

  3. 3

    Но ако тие се омажат за некого од синовите на другите израелски племиња, тогаш нивното наследство ќе се одземе од наследството на нашите татковци и ќе се придодаде кон наследството на племето во кое ќе влезат; така ќе се одземе од ждрепката на нашето наследство.

  4. 4

    А кога ќе дојде јубилејот за Израелевите синови, тогаш нивното наследство ќе се придодаде кон наследството на племето во кое ќе влезат; така нивното наследство ќе се одземе од наследството на племето на нашите татковци.“

  5. 5

    Тогаш Мојсеј им заповеда на Израелевите синови по Господовиот збор, велејќи: „Право зборува племето на Јосифовите синови.

  6. 6

    Ова е она што Господ заповеда за ќерките на Салпаад, велејќи: нека се омажат за кого сакаат, само нека се омажат во семејството на племето на својот татко.

  7. 7

    Така наследството на Израелевите синови нема да преминува од племе во племе, зашто секој од Израелевите синови нека се прилепи за наследството на племето на своите татковци.

  8. 8

    И секоја ќерка што има наследство во кое било племе на Израелевите синови, нека се омажи за некого од семејството на племето на својот татко, за секој од Израелевите синови да го задржи наследството на своите татковци.

  9. 9

    Така наследството нема да преминува од едно племе во друго, зашто секое племе на Израелевите синови нека го држи своето наследство.“

  10. 10

    Како што Господ му заповеда на Мојсеј, така направија ќерките на Салпаад.

  11. 11

    И Мала, Терса, Огла, Мелха и Ноа, ќерките на Салпаад, се омажија за синовите на браќата на својот татко.

  12. 12

    Се омажија во семејствата на синовите Манасија, синот Јосифов; и нивното наследство остана во племето на семејството на нивниот татко.

  13. 13

    Ова се заповедите и законите што Господ им ги заповеда на Израелевите синови преку Мојсеј во моавските полиња, покрај Јордан спроти Ерихон.