Прескокни кон главната содржина

Проповедник

Глава 12

  1. 1

    Сеќавај се на својот Создател во деновите на својата младост, пред да дојдат тешките денови и да настапат годините за кои ќе речеш: „Не наоѓам задоволство во нив“;

  2. 2

    пред да се затемнат сонцето, светлината, месечината и ѕвездите, и облаците повторно да се вратат по дождот;

  3. 3

    во денот кога ќе затреперат чуварите на домот, кога силните луѓе ќе се наведнат, кога оние што мелат ќе престанат затоа што останале малку, а оние што гледаат низ прозорците ќе се затемнат;

  4. 4

    кога вратите кон улицата ќе се затворат и звукот на мелењето ќе ослаби; кога човек ќе се буди од гласот на птицата, а сите песни ќе замолкнат;

  5. 5

    кога ќе се плаши од височини и од опасности по патот; кога бадемот ќе расцвета, скакулецот тешко ќе се движи, а желбата ќе исчезне, зашто човекот оди во својот вечен дом, а ожалостените веќе одат по улиците;

  6. 6

    пред да се прекине сребреното јаже, да се скрши златниот сад, да се распарчи стомната кај изворот и да се скрши тркалото над бунарот;

  7. 7

    тогаш правот ќе се врати во земјата од каде што дошол, а духот ќе се врати кај Бог, Кој го дал.

  8. 8

    „Празнина над празнините“, вели Проповедникот, „сѐ е празнина.“

  9. 9

    Освен што Проповедникот беше мудар, тој му предаваше знаење на народот. Внимателно размислуваше, истражуваше и состави многу изреки.

  10. 10

    Проповедникот настојуваше да најде пријатни зборови и исправно да ги запише зборовите на вистината.

  11. 11

    Зборовите на мудрите се како остени, а собраните изреки како цврсто заковани клинци; сите се дадени од еден Пастир.

  12. 12

    А над сето тоа, сине мој, прими ја оваа опомена: на пишувањето многу книги му нема крај, а многу учење го изморува телото.

  13. 13

    Крајниот заклучок, откако сѐ е чуено, е ова: имај страв од Бог и чувај ги Неговите заповеди, зашто во тоа е сета должност на човекот.

  14. 14

    Зашто Бог ќе го изведе секое дело на суд, заедно со сѐ што е скриено, било добро или зло.