Прескокни кон главната содржина

Ефесјаните

Глава 1

  1. 1

    Павле, апостол на Исус Христос по Божјата волја, до светите што се во Ефес, верните во Исус Христос.

  2. 2

    Благодат и мир да имате од Бог, нашиот Татко, и од Господ Исус Христос.

  3. 3

    Благословен нека биде Бог, Таткото на нашиот Господ Исус Христос, Кој нè благослови со секој духовен благослов во небесните места во Христос.

  4. 4

    Во Него нè избра уште пред создавањето на светот, за да бидеме свети и беспрекорни пред Него во љубов.

  5. 5

    Според добрата намера на Својата волја, однапред нè определи преку Исус Христос да нè посвои за Свои деца,

  6. 6

    за пофалба на славата на Неговата благодат, со која нè дарува во Возљубениот.

  7. 7

    Во Христос имаме откупување преку Неговата крв – простување на престапите – според богатството на Божјата благодат,

  8. 8

    која изобилно ја излеа врз нас со сета мудрост и разбирање.

  9. 9

    Тој ни ја откри тајната на Својата волја, според Својата добра намера што ја беше определил во Христос,

  10. 10

    за да го спроведе Својот план кога ќе се исполни времето: да обедини сè во Христос, и она што е на небесата и она што е на земјата.

  11. 11

    Во Него и ние добивме наследство, откако бевме однапред определени според намерата на Оној Кој извршува сè според одлуката на Својата волја,

  12. 12

    така што ние, кои први ја положивме својата надеж во Христос, да бидеме за пофалба на Неговата слава.

  13. 13

    Во Него и вие, откако го слушнавте зборот на вистината – Евангелието на вашето спасение – и откако поверувавте, бевте запечатени со ветениот Свет Дух.

  14. 14

    Тој е залог на нашето наследство сè до откупувањето на Божјата сопственост, за пофалба на Неговата слава.

  15. 15

    Затоа и јас, откако слушнав за вашата вера во Господ Исус и за вашата љубов кон сите свети,

  16. 16

    не престанувам да Му благодарам на Бог за вас и да ве спомнувам во своите молитви.

  17. 17

    Се молам Бог на нашиот Господ Исус Христос, Таткото на славата, да ви даде Дух на мудрост и откровение, за вистински да Го познаете.

  18. 18

    Се молам очите на вашите срца да бидат просветлени, за да знаете каква е надежта кон која ве повика, колкаво е богатството на славното наследство што го има меѓу светите

  19. 19

    и колку е неизмерно голема Неговата сила кон нас, кои веруваме, според дејствувањето на моќта на Неговата сила,

  20. 20

    која ја покажа во Христос кога Го воскресна од мртвите и Го постави да седи од Својата десна страна во небесните места,

  21. 21

    далеку над секое поглаварство, власт, сила и господство и над секое име што се именува, не само во овој век, туку и во идниот.

  22. 22

    Сè покори под Неговите нозе и Го постави над сè како Глава на црквата,

  23. 23

    која е Негово тело, полнотата на Оној Кој исполнува сè во сите.