Прескокни кон главната содржина

Галатјаните

Глава 6

  1. 1

    Браќа, ако некој биде затечен во некаков престап, вие, кои сте духовни, поправајте го таквиот со дух на кротост; а секој нека внимава на себе, та и самиот да не биде искушан.

  2. 2

    Помагајте си еден на друг да ги носите товарите; така ќе го исполните Христовиот закон!

  3. 3

    Зашто, ако некој мисли дека е нешто, а е ништо, самиот се мами.

  4. 4

    Секој нека го испита своето дело, па тогаш ќе има причина да се пофали со своето дело, а не да се споредува со друг.

  5. 5

    Зашто секој ќе го носи својот товар.

  6. 6

    А оној што се поучува во Зборот, нека ги дели сите свои добра со оној што го поучува.

  7. 7

    Не залажувајте се: со Бог не може да се подигрува. Што ќе посее човекот, тоа и ќе пожнее.

  8. 8

    Зашто оној што сее за своето тело, од телото ќе пожнее пропаст; а оној што сее за Духот, од Духот ќе пожнее вечен живот.

  9. 9

    Да не се изморуваме да правиме добро, зашто кога ќе дојде времето ќе жнееме, ако не се откажеме.

  10. 10

    Затоа, додека имаме можност, да им правиме добро на сите, а најмногу на оние што се дел од семејството на верата.

  11. 11

    Видете, со колку големи букви ви пишувам своерачно!

  12. 12

    Сите оние што сакаат да остават добар надворешен впечаток ве принудуваат да се обрежувате, само за да не бидат гонети заради Христовиот крст.

  13. 13

    Зашто ни самите оние што се обрежуваат не го пазат Законот, туку сакаат вие да се обрежете, за да се фалат со вашето тело.

  14. 14

    А јас да не се фалам со ништо друго освен со крстот на нашиот Господ Исус Христос, преку кој светот е распнат за мене и јас за светот!

  15. 15

    Зашто нема значење ниту обрежувањето ниту необрежувањето, туку новото создание.

  16. 16

    А врз сите што ќе го следат ова правило нека бидат мир и милост, како и врз Божјиот Израел.

  17. 17

    Отсега никој да не ме вознемирува, зашто на своето тело ги носам Исусовите белези.

  18. 18

    Браќа, благодатта на нашиот Господ Исус Христос да биде со вашиот дух. Амин.