Прескокни кон главната содржина

Галатјаните

Глава 5

  1. 1

    Христос нѐ ослободи за да бидеме слободни. Затоа стојте цврсто и не потчинувајте се повторно на ропски јарем.

  2. 2

    Еве, јас, Павле, ви велам: ако се обрежете, Христос никако нема да ви користи.

  3. 3

    И повторно му сведочам на секој човек што се обрежува дека е должен да го исполни целиот закон.

  4. 4

    Од Христос се одвоивте вие кои сакате да бидете оправдани преку законот; отпаднавте од благодатта.

  5. 5

    Зашто ние, преку Духот, по вера, ја очекуваме праведноста на која се надеваме.

  6. 6

    Зашто во Христос Исус нема вредност ниту обрежувањето ниту необрежувањето, туку верата што дејствува преку љубовта.

  7. 7

    Трчавте добро! Кој ве попречи да ѝ бидете послушни на вистината?

  8. 8

    Таквото убедување не е од Оној Кој ве повика.

  9. 9

    Малку квас го потквасува целото тесто.

  10. 10

    Уверен сум во Господ дека вие нема да мислите инаку. А кој ве збунува, ќе претрпи осуда, кој и да е!

  11. 11

    А јас, браќа, ако сѐ уште проповедам обрежување, зошто сѐ уште сум гонет? Тогаш соблазната на крстот е отстранета.

  12. 12

    Оние што ве вознемируваат со обрежувањето, подобро нека одат докрај и нека се осакатат!

  13. 13

    Вие, браќа, сте повикани на слобода. Само не користете ја слободата како повод за задоволување на телесните желби, туку преку љубов служете си еден на друг.

  14. 14

    Зашто целиот Закон е исполнет во еден збор: „Сакај го својот ближен како самиот себе!“

  15. 15

    Ако, пак, се гризете и јадете еден со друг, гледајте да не се истребите меѓусебе.

  16. 16

    А велам: живејте по Духот и нема да ги исполнувате желбите на телото,

  17. 17

    зашто телото го посакува спротивното на Духот, а Духот – спротивното на телото; тие се противат еден на друг, за да не го правите она што сакате.

  18. 18

    Но ако ве води Духот, не сте под Законот.

  19. 19

    А делата на телото се познати: блудство, нечистота, разврат,

  20. 20

    идолопоклонство, врачарство, непријателства, препирки, љубомора, изливи на гнев, себични амбиции, раздори, делби,

  21. 21

    завист, пијанство, разуздани гозби и други слични работи. За нив однапред ве предупредувам, како што ви кажав и порано: оние што прават такви работи нема да го наследат Божјото царство.

  22. 22

    А плодот на Духот е: љубов, радост, мир, трпеливост, љубезност, добрина, верност, кротост, воздржливост;

  23. 23

    против овие нешта нема закон.

  24. 24

    А оние што Му припаѓаат на Христос го распнаа телото со неговите страсти и желби.

  25. 25

    Ако живееме по Духот, да постапуваме и според Духот!

  26. 26

    Да не бидеме суетни, да не се предизвикуваме еден со друг и да не си завидуваме еден на друг!