Галатјаните
Глава 4
- 1
Ви велам, пак, додека наследникот е дете, со ништо не се разликува од робот, иако е господар на сѐ,
- 2
туку е под старатели и управители до времето определено од таткото.
- 3
Така и ние, додека бевме малолетни, им робувавме на основните начела на светот.
- 4
А кога се исполни времето, Бог Го испрати Својот Син, роден од жена, роден под Законот,
- 5
за да ги откупи оние што беа под Законот, за да го примиме посинувањето.
- 6
А бидејќи сте синови, Бог Го испрати во нашите срца Духот на Својот Син, Кој вика: „Ава, Татко!“
- 7
Затоа не си веќе роб, туку син, а ако си син, тогаш си и наследник преку Бог.
- 8
Но вие порано, не познавајќи Го Бог, им бевте робови на оние што по природа не се богови.
- 9
А сега, кога Го познавате Бог – или, подобро речено, кога Бог ве позна – како повторно се враќате кон слабите и бедни начела, на кои одново сакате да им робувате?
- 10
Внимавате на деновите, месеците, времињата и годините.
- 11
Се плашам дека можеби напразно сум се трудел за вас.
- 12
Ве молам, браќа, бидете како мене, зашто и јас сум како вас! Вие со ништо не ми згрешивте.
- 13
А знаете дека првиот пат ви го проповедав Евангелието поради телесна немоќ;
- 14
иако мојата телесна состојба беше искушение за вас, не ме презревте ниту ме отфрливте, туку ме примивте како Божји ангел, како да бев Христос Исус.
- 15
Каде е сега вашето тогашно блаженство? Зашто ви сведочам дека ако беше можно, ќе ги извадевте и своите очи и ќе ми ги дадевте мене.
- 16
Дали ви станав непријател затоа што ви ја зборувам вистината?
- 17
Тие се трудат да ве придобијат, но не со добра намера. Сакаат да ве одвојат, за вие да се приврзете кон нив.
- 18
Добро е секогаш да бидете ревносно барани за добро, а не само кога сум присутен кај вас.
- 19
Деца мои, повторно трпам породилни маки за вас додека Христос не се обликува во вас,
- 20
би сакал сега да сум кај вас и да ви се обратам со поинаков тон, зашто сум во недоумица за вас.
- 21
Кажете ми, вие кои сакате да бидете под законот, не го слушате ли законот?
- 22
Зашто е напишано дека Авраам имаше два сина, едниот од робинката, а другиот од слободната жена.
- 23
Но оној од робинката е роден по тело, а оној од слободната преку ветување.
- 24
Ова е речено сликовито: тие жени се двата завета; едниот од гората Синај, кој раѓа за ропство; тој е Агара,
- 25
а Агара е гората Синај во Арабија и одговара на сегашниот Ерусалим, кој робува со своите деца.
- 26
Но горниот Ерусалим е слободен, тој е нашата мајка,
- 27
зашто е напишано: „Радувај се, неплодна жено, ти која не си родила; воскликни радосно, ти, која не си почувствувала породилни маки; зашто повеќе деца има напуштената, отколку онаа што има маж.“
- 28
А вие, браќа, сте деца на ветувањето како Исак.
- 29
И како што во тоа време оној што беше роден по тело го прогонуваше оној што се роди по дух, така е и сега.
- 30
А што вели Писмото? „Истерај ја робинката и нејзиниот син, зашто синот на робинката нема да биде наследник со синот на слободната!“
- 31
Затоа, браќа, ние не сме деца на робинката, туку на слободната.