Прескокни кон главната содржина

Галатјаните

Глава 3

  1. 1

    О неразумни Галати! Кој ве маѓепса? Пред вашите очи Исус Христос беше јасно прикажан како распнат!

  2. 2

    Сакам само ова да го дознаам од вас: дали Го примивте Духот врз основа на делата на Законот или преку слушањето со вера?

  3. 3

    Толку ли сте неразумни? Откако почнавте со Духот, сега се обидувате ли да се усовршите со телото?

  4. 4

    Зар толку многу претрпевте залудно, ако навистина беше залудно?

  5. 5

    А Оној Кој ви Го дава Духот и врши чудесни дела меѓу вас, го прави ли тоа врз основа на делата на Законот или преку слушање со вера?

  6. 6

    Како што и Авраам „му поверува на Бог и тоа му се припиша за праведност.“

  7. 7

    Затоа знајте дека Авраамови синови се оние кои се од верата.

  8. 8

    А Писмото, предвидувајќи дека Бог преку вера ќе ги оправда народите, однапред му го објави Евангелието на Авраам: „Во тебе ќе бидат благословени сите народи.“

  9. 9

    И така, оние кои се од верата, благословени се со верниот Авраам.

  10. 10

    Зашто сите што се потпираат на делата на Законот се под проклетство, бидејќи е напишано: „Проклет да е секој што не останува во сѐ што е напишано во книгата на Законот и не го исполнува.“

  11. 11

    А дека никој не е оправдан пред Бог преку Законот, јасно е, зашто „Праведникот ќе живее преку вера.“

  12. 12

    А Законот не се темели на верата, туку вели: „Кој ги исполнува, ќе живее преку нив.“

  13. 13

    Христос нѐ откупи од проклетството на Законот, станувајќи проклетство за нас, зашто е напишано: „Проклет да е секој што виси на дрво!“,

  14. 14

    та Авраамовиот благослов во Исус Христос да дојде до народите и преку вера да го примиме ветувањето на Духот.

  15. 15

    Браќа, зборувам по човечки: дури ни човечки завет, штом е потврден, никој не го поништува ниту му додава нешто.

  16. 16

    А ветувањата му беа дадени на Авраам и на неговото потомство. Не вели: ‚И на потомците‘, како за мнозина, туку како за еден: ‚И на твоето потомство‘ – а тоа е Христос.

  17. 17

    Го велам и ова: Законот што дојде по четиристотини и триесет години, не го поништува заветот што Бог го потврди порано, ниту го поништува ветувањето.

  18. 18

    Зашто, ако наследството доаѓа од законот, тоа веќе не е од ветувањето; но Бог му го подари на Авраам преку ветување.

  19. 19

    Тогаш, зошто беше даден Законот? Тој беше додаден поради престапите, сѐ додека не дојде Потомокот на Кого Му беше дадено ветувањето. Законот беше предаден преку ангели, преку посредник.

  20. 20

    Посредникот не претставува само една страна, а Бог е Еден.

  21. 21

    Според тоа, дали е Законот противен на Божјите ветувања? Никако! Зашто, ако беше даден закон што може да даде живот, тогаш навистина праведноста би била од законот.

  22. 22

    Но Писмото ги затвори сите под грев, та ветувањето, врз основа на верата во Исус Христос, да им биде дадено на оние што веруваат.

  23. 23

    А пред да дојде верата, бевме чувани под Законот и затворени сѐ до верата што требаше да се открие.

  24. 24

    И така, Законот стана воспитувач што нѐ водеше до Христос, за да бидеме оправдани преку верата.

  25. 25

    А сега дојде верата, и не сме веќе под воспитувач.

  26. 26

    Зашто сите сте Божји синови преку вера во Христос Исус,

  27. 27

    бидејќи сите кои се крстивте во Христос, се облековте во Христос.

  28. 28

    Нема веќе ни Евреин ни Елин, нема веќе ни роб ни слободен, нема веќе ни машко ни женско, зашто вие сите сте едно во Христос Исус.

  29. 29

    А ако сте Христови, тогаш сте Авраамово потомство, наследници според ветувањето.