Галатјаните
Глава 2
- 1
По четиринаесет години пак отидов горе во Ерусалим со Варнава, а со себе го зедов и Тит.
- 2
Отидов по откровение и им го изложив Евангелието што го проповедам меѓу незнабожците. Тоа насамо им го изложив на угледните, за да не трчам или да не сум трчал напразно.
- 3
Но ни Тит, кој беше со мене, иако Елин, не беше принуден да се обреже.
- 4
А тоа се случи поради лажните браќа, кои тајно се вовлекоа за да ја шпионираат слободата што ја имаме во Христос Исус и да нѐ поробат.
- 5
Но не им се потчинивме ни за час, за да остане со вас вистината на Евангелието.
- 6
А оние што се сметаа за угледни – какви и да биле некогаш, за мене не е важно, зашто Бог не гледа на лице – не ми наложија ништо дополнително.
- 7
Туку, напротив, кога видоа дека мене ми беше доверено Евангелието за необрежаните, како што му беше на Петар за обрежаните
- 8
(зашто Оној што дејствуваше во Петар за апостолство меѓу обрежаните, дејствуваше и во мене за незнабожците)
- 9
и кога ја познаа благодатта што ми е дадена, Јаков, Кифа и Јован, кои беа сметани за столбови, ми ја подадоа мене и на Варнава десната рака во знак на заедништво, за да одиме ние кај незнабожците, а тие кај обрежаните;
- 10
само да се сеќаваме на сиромашните, што и самиот ревносно се трудев да го правам.
- 11
Но кога Кифа дојде во Антиох, му се спротивставив в лице, зашто неговата постапка беше за осуда.
- 12
Имено, пред да дојдат некои луѓе од Јаков, тој јадеше со незнабожците, но кога дојдоа овие, тој се повлече и се тргна настрана, поради страв од обрежаните.
- 13
Со него лицемерно постапуваа и другите Евреи, така што нивното лицемерство го заведе дури и Варнава.
- 14
Кога видов дека не одат право според вистината на Евангелието, му реков на Кифа пред сите: „Ако ти, кој си Евреин, живееш како незнабожец, а не како Евреин, како можеш да ги принудуваш незнабожците да живеат како Евреи?“
- 15
Ние по раѓање сме Евреи, а не грешници од незнабожците,
- 16
но бидејќи знаеме дека човекот не се оправдува преку делата на Законот, туку само преку вера во Христос Исус, и ние поверувавме во Христос Исус, за да бидеме оправдани преку вера во Христос, а не преку делата на Законот; зашто преку делата на Законот нема да се оправда ниту еден.
- 17
Но ако и ние самите, сакајќи да се оправдаме во Христос, се најдовме грешници, дали тогаш Христос е служител на гревот? Никако!
- 18
Зашто, ако повторно го градам она што сум го разурнал, покажувам дека сум престапник;
- 19
бидејќи преку Законот умрев за Законот, за да живеам за Бог.
- 20
Со Христос сум распнат; и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене, а сегашниот живот во телото го живеам преку вера во Божјиот Син, Кој ме засака и Се предаде Себеси за мене.
- 21
Не ја поништувам Божјата благодат, зашто ако праведноста доаѓаше преку Законот, тогаш Христос залудно умре.