Прескокни кон главната содржина

Галатјаните

Глава 1

  1. 1

    Павле, апостол – не од луѓе ниту преку човек, туку преку Исус Христос и Бог Таткото, Кој Го воскресна од мртвите –

  2. 2

    и сите браќа што се со мене, до црквите во Галатија:

  3. 3

    Благодат и мир да имате од Бог, нашиот Татко и од Господ Исус Христос,

  4. 4

    Кој се предаде за нашите гревови, за да нѐ избави од сегашниот зол век, според волјата на нашиот Бог и Татко,

  5. 5

    Нему нека Му е слава во вечни векови. Амин.

  6. 6

    Се чудам што толку брзо се одвраќате од Оној Кој ве повика преку Христовата благодат и преминувате кон друго Евангелие,

  7. 7

    кое, всушност, не е друго Евангелие, туку има некои што ве збунуваат и сакаат да го изопачат Христовото Евангелие.

  8. 8

    Но ако дури и ние или ангел од небото ви проповеда друго евангелие, различно од она што ви го проповедавме, нека биде проклет!

  9. 9

    Како што рековме порано и сега пак велам: ако некој ви проповеда евангелие различно од она што го примивте, нека биде проклет!

  10. 10

    Дали сега барам одобрување од луѓето или од Бог? Или се обидувам да им угодам на луѓето? Кога би продолжил да им угодувам на луѓето, не би бил Христов слуга.

  11. 11

    Браќа, сакам да знаете дека Евангелието што го проповедав не е од човечко потекло,

  12. 12

    бидејќи ниту го примив од човек ниту го научив, туку го примив преку откровение од Исус Христос.

  13. 13

    Вие секако сте чуле за мојот некогашен начин на живот во јудаизмот: како жестоко ја гонев Божјата црква и ја разурнував;

  14. 14

    и во јудаизмот напредував повеќе од многу свои врсници меѓу мојот народ, бидејќи бев многу поревносен за преданијата на моите татковци.

  15. 15

    Но кога Бог, Кој ме издвои уште од утробата на мојата мајка и ме повика преку Својата благодат, одлучи,

  16. 16

    да Го открие Својот Син во мене, за да Го проповедам меѓу незнабожците, не се посоветував веднаш со ниеден човек,

  17. 17

    ниту отидов горе во Ерусалим кај оние што пред мене беа апостоли, туку заминав во Арабија и повторно се вратив во Дамаск.

  18. 18

    А три години подоцна отидов горе во Ерусалим за да се запознаам со Кифа и останав кај него петнаесет дена.

  19. 19

    Но не видов ниеден друг од апостолите, освен Јаков, Господовиот брат.

  20. 20

    (А ова што ви го пишувам, еве пред Бог велам дека не лажам.)

  21. 21

    Потоа дојдов во краиштата на Сирија и Киликија.

  22. 22

    А на црквите во Јудеја, кои се во Христос, лично им бев непознат;

  23. 23

    тие беа само слушале: „Оној што некогаш нѐ прогонуваше, сега ја проповеда верата која некогаш ја разурнуваше.“

  24. 24

    И Го прославуваа Бог поради мене.