Прескокни кон главната содржина

Ефесјаните

Глава 3

  1. 1

    Поради тоа јас, Павле, сум затвореник на Христос Исус заради вас, незнабожците.

  2. 2

    Секако сте слушнале за службата на Божјата благодат што ми беше доверена заради вас:

  3. 3

    преку откровение ми беше откриена тајната, за која накратко ви напишав претходно.

  4. 4

    Кога ќе го прочитате тоа, можете да разберете какво сознание имам за Христовата тајна.

  5. 5

    Во претходните поколенија таа не им беше откриена на луѓето како што сега, преку Духот, им е откриена на Неговите свети апостоли и пророци:

  6. 6

    преку Евангелието незнабожците се сонаследници, делови на истото тело и соучесници во ветувањето во Христос Исус.

  7. 7

    На тоа Евангелие му станав служител според дарот на Божјата благодат, која ми беше дадена преку дејствувањето на Неговата сила.

  8. 8

    Мене, најмалиот од сите свети, ми беше дадена оваа благодат: да им го проповедам на незнабожците Евангелието за неистражливото Христово богатство

  9. 9

    и на сите да им покажам како се остварува тајната што од вечноста беше скриена во Бог, Кој создаде сè.

  10. 10

    Така сега, преку црквата, на владетелствата и властите во небесните места им се открива многустраната Божја мудрост.

  11. 11

    Тоа е според вечната намера што Бог ја оствари во Исус Христос, нашиот Господ.

  12. 12

    Во Него, преку верата во Него, имаме смелост и пристап до Бог со увереност.

  13. 13

    Затоа ве молам да не се обесхрабрувате поради неволјите што ги трпам заради вас; тие се ваша слава.

  14. 14

    Поради тоа ги свиткувам своите колена пред Таткото,

  15. 15

    од Кого секое семејство на небото и на земјата го добива своето име.

  16. 16

    Се молам, според богатството на Својата слава, преку Својот Дух силно да ве зацврсти во вашата внатрешна личност,

  17. 17

    и Христос преку верата да живее во вашите срца. Вкоренети и втемелени во љубовта,

  18. 18

    да можете заедно со сите свети да разберете колкави се ширината, должината, височината и длабочината

  19. 19

    и да ја познаете Христовата љубов, која го надминува секое знаење, за да бидете исполнети со целата Божја полнота.

  20. 20

    А на Оној Кој, според силата што дејствува во нас, може да направи неизмерно повеќе од сè што бараме или можеме да замислиме –

  21. 21

    Нему нека Му биде славата во црквата и во Исус Христос низ сите поколенија, во сите векови. Амин.