Прескокни кон главната содржина

Ефесјаните

Глава 4

  1. 1

    Затоа јас, затвореник во Господ, ве молам да живеете достојно за повикот што сте го примиле.

  2. 2

    Бидете целосно понизни и кротки, трпеливи и поднесувајте се еден со друг во љубов.

  3. 3

    Настојувајте да го зачувате единството на Духот со врската на мирот.

  4. 4

    Има едно тело и еден Дух, како што бевте повикани кон една надеж;

  5. 5

    еден Господ, една вера, едно крштевање;

  6. 6

    еден Бог и Татко на сите, Кој е над сите, дејствува преку сите и е во сите.

  7. 7

    На секого од нас му е дадена благодат според мерата на Христовиот дар.

  8. 8

    Затоа Писмото вели: „Кога се искачи на височината, поведе заробеници и им даде дарови на луѓето.“

  9. 9

    А што значи „се искачи“, ако не дека најнапред слезе во пониските делови на земјата?

  10. 10

    Оној Кој слезе е истиот Оној Кој се искачи над сите небеса, за да исполни сè.

  11. 11

    Тој постави едни за апостоли, други за пророци, трети за проповедници на Евангелието, а други за пастири и учители,

  12. 12

    за да ги подготват светите за делото на службата и за изградување на Христовото тело.

  13. 13

    Тоа треба да трае сè додека сите не дојдеме до единството на верата и вистинското познавање на Божјиот Син, до духовно зрел човек, до мерата на полната Христова зрелост.

  14. 14

    Така повеќе нема да бидеме мали деца, фрлани од брановите и носени од секој ветар на учењето, преку човечката измама и лукавството што води во заблуда.

  15. 15

    Напротив, држејќи се до вистината во љубов, во сè да растеме кон Него, Кој е Главата – Христос.

  16. 16

    Од Него целото тело е складно поврзано и соединето преку секој зглоб што му дава поткрепа. Кога секој дел правилно ја врши својата задача, телото расте и се изградува себеси во љубов.

  17. 17

    Затоа ова го велам и ве предупредувам во Господ: повеќе да не живеете како незнабожците, во празнотијата на својот ум.

  18. 18

    Нивното разбирање е помрачено и тие се отуѓени од Божјиот живот поради незнаењето што е во нив и поради закоравеноста на нивното срце.

  19. 19

    Откако изгубија секакво чувство на срам, се предадоа на разврат и ненаситно прават секаква нечистотија.

  20. 20

    Но вие не Го запознавте Христос така,

  21. 21

    ако навистина сте Го слушнале и во Него сте биле поучени, дека вистината е во Исус.

  22. 22

    Бевте поучени, во однос на вашиот поранешен начин на живот, да го соблечете стариот човек, кој пропаѓа поради измамливите желби,

  23. 23

    да се обновувате во духот на својот ум

  24. 24

    и да го облечете новиот човек, создаден да биде сличен на Бог, во праведност и светост што произлегуваат од вистината.

  25. 25

    Затоа, отфрлете ја лагата и секој нека му ја кажува вистината на својот ближен, зашто сме членови еден на друг.

  26. 26

    „Гневете се, но не грешете.“ Сонцето да не зајде додека сè уште сте разгневени

  27. 27

    и не давајте му место на ѓаволот.

  28. 28

    Кој крадел, повеќе да не краде, туку нека се труди и чесно нека работи со своите раце, за да има што да сподели со оној што е во потреба.

  29. 29

    Никаков расипан збор да не излегува од вашата уста, туку само добар збор што е потребен за изградување, за да им донесе благодат на оние што го слушаат.

  30. 30

    Не натажувајте Го Божјиот Свет Дух, со Кого сте запечатени за денот на откупувањето.

  31. 31

    Отстранете ги од себе секоја горчина, лутина, гнев, викање, навредување и секаква злоба.

  32. 32

    Бидете љубезни и милосрдни еден кон друг и простувајте си, како што и Бог ви прости вам во Христос.