Прескокни кон главната содржина

Ефесјаните

Глава 5

  1. 1

    Угледајте се на Бог како Негови сакани деца

  2. 2

    и живејте во љубов, како што Христос нè засака и се предаде Себеси за нас како принос и жртва на Бог со пријатен мирис.

  3. 3

    Блудство, секаква нечистотија или алчност да не се ни спомнуваат меѓу вас, како што треба да биде меѓу светите.

  4. 4

    Меѓу вас да нема срамни зборови, безумни разговори или непристојни шеги, кои не се соодветни, туку благодарност.

  5. 5

    Зашто добро знаете дека ниеден човек што живее во блудство или нечистотија, ниту алчен човек – кој е идолопоклоник – нема наследство во царството на Христос и Бог.

  6. 6

    Никој да не ве мами со празни зборови, зашто поради таквите работи Божјиот гнев доаѓа врз непослушните луѓе.

  7. 7

    Затоа не станувајте нивни соучесници.

  8. 8

    Некогаш бевте темнина, но сега сте светлина во Господ. Живејте како деца на светлината,

  9. 9

    зашто плодот на светлината се состои во секаква добрина, праведност и вистина.

  10. 10

    Испитувајте што Му е угодно на Господ

  11. 11

    и не учествувајте во бесплодните дела на темнината, туку изобличувајте ги.

  12. 12

    Зашто срамно е дури и да се зборува за она што тие го прават тајно.

  13. 13

    Но сè што светлината го изобличува станува видливо,

  14. 14

    зашто сè што станува видливо е светлина. Затоа се вели: „Разбуди се ти што спиеш, стани од мртвите и Христос ќе те осветли.“

  15. 15

    Затоа внимателно гледајте како живеете – не како немудри, туку како мудри.

  16. 16

    Искористувајте ја секоја можност, зашто деновите се зли.

  17. 17

    Затоа не бидете неразумни, туку разбирајте што е Господовата волја.

  18. 18

    Не опивајте се со вино, кое води во разузданост, туку исполнувајте се со Духот.

  19. 19

    Зборувајте си еден на друг со псалми, химни и духовни песни; пејте и воспевајте Му на Господ од своето срце.

  20. 20

    Секогаш и за сè Му благодарете на Бог, Таткото, во името на нашиот Господ Исус Христос.

  21. 21

    Покорувајте се еден на друг во страв од Христос.

  22. 22

    Жените нека им се покоруваат на своите мажи како на Господ,

  23. 23

    зашто мажот е глава на жената, како што и Христос е Глава на црквата – Тој е Спасителот на телото.

  24. 24

    Како што црквата Му се покорува на Христос, така и жените нека им се покоруваат на своите мажи во сè.

  25. 25

    Мажи, сакајте ги своите жени, како што Христос ја засака црквата и се предаде Себеси за неа,

  26. 26

    за да ја освети, откако ја очисти со миењето со вода преку зборот,

  27. 27

    и да ја претстави пред Себе како славна црква, без дамка, брчка или нешто слично, туку света и беспрекорна.

  28. 28

    Така и мажите се должни да ги сакаат своите жени како сопствените тела. Оној што ја сака својата жена, се сака себеси.

  29. 29

    Зашто никој никогаш не го намразил сопственото тело, туку го храни и се грижи за него, како што и Христос се грижи за црквата,

  30. 30

    бидејќи ние сме делови на Неговото тело.

  31. 31

    „Затоа човекот ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се соедини со својата жена, и двајцата ќе станат едно тело.“

  32. 32

    Оваа тајна е голема, а јас зборувам за Христос и за црквата.

  33. 33

    Но и секој од вас нека ја сака својата жена како себеси, а жената нека го почитува својот маж.