Ефесјаните
Глава 6
- 1
Деца, слушајте ги своите родители во Господ, зашто тоа е праведно.
- 2
„Почитувај ги татка си и мајка си“ – тоа е првата заповед со ветување:
- 3
„за да ти биде добро и да живееш долго на земјата“.
- 4
А вие, татковци, не предизвикувајте ги своите деца на гнев, туку воспитувајте ги со Господово воспитување и поука.
- 5
Робови, слушајте ги своите земни господари со страв и трепет и со искрено срце, како да Му служите на Христос.
- 6
Не служете само кога ве гледаат, како луѓе што сакаат да им угодат на другите, туку како Христови слуги, извршувајќи ја Божјата волја од срце.
- 7
Служете со добра волја, како на Господ, а не на луѓето,
- 8
знаејќи дека секој ќе добие од Господ награда за доброто што го направил, било да е роб или слободен.
- 9
А вие, господари, постапувајте на ист начин кон нив и престанете да им се заканувате. Знајте дека и нивниот и вашиот Господ е на небесата и дека кај Него нема пристрасност.
- 10
Најпосле, зајакнувајте се во Господ и во силата на Неговата моќ.
- 11
Облечете ја целата Божја воена опрема, за да можете да им се спротивставите на измамливите замисли на ѓаволот.
- 12
Зашто нашата борба не е против крв и тело, туку против владетелствата, властите, светските владетели на оваа темнина и духовните сили на злото во небесните места.
- 13
Затоа земете ја целата Божја воена опрема, за да можете да се спротивставите во злиот ден и, откако ќе направите сè, да останете цврсти.
- 14
Затоа стојте цврсто: препашајте се со вистината, облечете го оклопот на праведноста
- 15
и обујте ги нозете со подготвеноста што ја дава Евангелието на мирот.
- 16
Во сите околности земете го штитот на верата, со кој ќе можете да ги изгаснете сите огнени стрели на злобниот.
- 17
Земете го и шлемот на спасението и мечот на Духот, кој е Божјиот збор.
- 18
Молете се во секое време преку Духот, со секаква молитва и молба. Бидете будни и истрајни во молитвата за сите свети,
- 19
а и за мене, за кога ќе ја отворам устата да ми биде даден збор, за смело да ја објавам тајната на Евангелието.
- 20
Заради него сум пратеник во окови, за во него смело да зборувам, како што треба да зборувам.
- 21
За да знаете и вие како сум и што правам, сè ќе ви соопшти Тихик, саканиот брат и верен служител во Господ.
- 22
Го испратив кај вас токму затоа – да дознаете како сме и тој да ги охрабри вашите срца.
- 23
Мир на браќата и љубов со вера од Бог, Таткото, и од Господ Исус Христос.
- 24
Благодат нека биде со сите што Го љубат нашиот Господ Исус Христос со нераспадлива љубов.