Филипјаните
Глава 1
- 1
Павле и Тимотеј, слуги на Исус Христос, до сите свети во Христос Исус што се во Филипи, заедно со надгледниците и ѓаконите:
- 2
Благодат и мир да имате од Бог, нашиот Татко и од Господ Исус Христос.
- 3
Му благодарам на мојот Бог секогаш кога ќе се сетам на вас.
- 4
Во секоја своја молитва за сите вас, се молам со радост
- 5
поради вашето учество во Евангелието од првиот ден па сѐ досега.
- 6
Уверен сум дека Оној Кој го започна доброто дело во вас ќе го доврши до денот на Исус Христос.
- 7
Праведно е да мислам така за сите вас, зашто ве носам во своето срце. И во моите окови, и во одбраната и потврдувањето на Евангелието, сите вие сте соучесници со мене во благодатта.
- 8
Бог ми е сведок колку копнеам по сите вас со љубовта на Исус Христос.
- 9
Се молам вашата љубов сѐ повеќе да изобилува во вистинско знаење и во секое расудување,
- 10
за да можете да го распознавате она што е најдобро и да бидете чисти и беспрекорни за Христовиот ден,
- 11
исполнети со плодот на праведноста, кој доаѓа преку Исус Христос, за слава и пофалба на Бог.
- 12
Браќа, сакам да знаете дека она што ми се случи придонесе за уште поголемо ширење на Евангелието.
- 13
Така, на целата царска стража и на сите други им стана јасно дека сум во окови поради Христос.
- 14
И повеќето браќа, охрабрени во Господ поради моите окови, се осмелија уште повеќе и без страв да го зборуваат Зборот.
- 15
Некои навистина Го проповедаат Христос од завист и препирка, а други од добра волја.
- 16
Едните Го проповедаат Христос од љубов, знаејќи дека сум поставен да го бранам Евангелието;
- 17
другите Го проповедаат од себични амбиции, а не искрено, мислејќи дека ќе ми нанесат уште поголема неволја додека сум во окови.
- 18
Но што од тоа? Во секој случај, било со лоши намери или искрено, Христос се проповеда. На тоа се радувам и ќе продолжам да се радувам.
- 19
Зашто знам дека ова, преку вашата молитва и помошта на Духот на Исус Христос, ќе ми послужи за избавување.
- 20
Со нетрпение очекувам и се надевам дека во ништо нема да се посрамам, туку со сета смелост, како и секогаш, така и сега, Христос ќе биде возвеличен во моето тело – било со живот, било со смрт.
- 21
Зашто за мене животот е Христос, а смртта е придобивка.
- 22
Но ако продолжам да живеам во телото, тоа за мене значи плодотворна работа. Сепак, што да изберам, не знам.
- 23
Притиснат сум од двете страни: имам желба да заминам и да бидам со Христос, зашто тоа е многу подобро,
- 24
но поради вас е попотребно да останам во телото.
- 25
Уверен во ова, знам дека ќе останам и ќе бидам со сите вас, за вашиот напредок и радост во верата,
- 26
за, кога повторно ќе дојдам кај вас, вашата пофалба во Христос Исус да изобилува поради мене.
- 27
Само живејте достојно за Христовото Евангелие. Така, без разлика дали ќе дојдам да ве видам или ќе бидам отсутен, да чујам дека стоите цврсто во еден дух и еднодушно се борите за верата на Евангелието.
- 28
и во ништо не се плашете од противниците. Тоа за нив е знак на погибел, а за вас — на спасение, и тоа од Бог.
- 29
Зашто вам ви е дадено поради Христос не само да верувате во Него, туку и да страдате за Него,
- 30
водејќи ја истата борба што ја видовте кај мене и за која сега слушате.