Прескокни кон главната содржина

Естира

Глава 4

  1. 1

    Кога Мордехај дозна за сѐ што беше направено, ја раскина својата облека, облече грубо платно и се посипа со пепел. Излезе среде градот и викаше силно и горко.

  2. 2

    Дојде до царската порта, зашто никој облечен во грубо платно не смееше да влезе низ неа.

  3. 3

    Во секоја покраина до која стигна царската заповед и законот, меѓу Јудејците имаше голема жалост, пост, плачење и лелек. Мнозина лежеа во грубо платно и пепел.

  4. 4

    Кога девојките и дворјаните на Естира дојдоа и ѝ кажаа, царицата многу се вознемири. Испрати облека за да го преоблечат Мордехај и да го соблечат грубото платно од него, но тој не ја прими.

  5. 5

    Тогаш Естира го повика Атах, еден од царските дворјани поставен да ѝ служи, и му заповеда да отиде кај Мордехај и да дознае што се случува и зошто.

  6. 6

    Атах излезе кај Мордехај на градскиот плоштад пред царската порта.

  7. 7

    Мордехај му раскажа сѐ што му се случи и му ја кажа точната сума сребро што Аман ветил дека ќе ја внесе во царските ризници за да ги истреби Јудејците.

  8. 8

    Му даде и препис од законот објавен во Шушан за нивното уништување, за да ѝ го покаже на Естира и да ѝ го објасни. Му заповеда да ѝ каже да влезе кај царот, да го моли и да се застапи пред него за својот народ.

  9. 9

    Атах се врати и ѝ ги пренесе на Естира зборовите на Мордехај.

  10. 10

    Тогаш Естира му заповеда на Атах да му одговори на Мордехај:

  11. 11

    „Сите царски слуги и луѓето во царските покраини знаат дека за секој маж или жена што ќе влезе неповикан кај царот во внатрешниот двор има само еден закон – да биде погубен. Ќе остане жив само оној кон кого царот ќе го подаде златниот царски стап. А јас веќе триесет дена не сум повикана да влезам кај царот.“

  12. 12

    Кога му ги пренесоа на Мордехај зборовите на Естира,

  13. 13

    тој заповеда да ѝ одговорат: „Не мисли дека само ти, од сите Јудејци, ќе се спасиш затоа што си во царскиот дворец.

  14. 14

    Зашто, ако молчиш во ова време, помош и избавување за Јудејците ќе дојдат од друго место, но ти и домот на твојот татко ќе загинете. А кој знае дали не си станала царица токму за едно вакво време?“

  15. 15

    Тогаш Естира заповеда да му одговорат на Мордехај:

  16. 16

    „Оди, собери ги сите Јудејци што се наоѓаат во Шушан и постете за мене. Не јадете и не пијте три дена, ни дење ни ноќе. И јас и моите девојки ќе постиме така. Потоа ќе влезам кај царот, иако тоа е спротивно на законот. Ако треба да загинам – нека загинам.“

  17. 17

    Мордехај отиде и направи сѐ што му заповеда Естира.