Естира
Глава 3
- 1
По овие настани царот Ахашверош го возвиши Аман, синот на Агагеецот Амедата. Го постави на повисоко место од сите владетели што беа со него.
- 2
Сите царски слуги што беа кај царската порта се поклонуваа и паѓаа ничкум пред Аман, зашто царот така беше заповедал. Но Мордехај не се поклонуваше и не паѓаше ничкум пред него.
- 3
Тогаш царските слуги што беа кај портата го прашаа Мордехај: „Зошто ја прекршуваш царската заповед?“
- 4
Му зборуваа така секој ден, но тој не ги слушаше. Затоа му кажаа на Аман, за да видат дали Мордехај ќе остане при својот став, зашто им беше кажал дека е Јудеец.
- 5
Кога Аман виде дека Мордехај не се поклонува и не паѓа ничкум пред него, се исполни со гнев.
- 6
Сметаше дека е премалку да крене рака само против Мордехај. Бидејќи му кажаа на кој народ му припаѓа Мордехај, Аман намисли да го истреби целиот народ на Мордехај – сите Јудејци низ целото царство на Ахашверош.
- 7
Во првиот месец, месецот Нисан, во дванаесеттата година од царувањето на Ахашверош, пред Аман фрлаа „пур“, односно ждрепка, за секој ден и за секој месец. Ждрепката падна на дванаесеттиот месец, месецот Адар.
- 8
Тогаш Аман му рече на царот Ахашверош: „Има еден народ расеан и распрснат меѓу народите во сите покраини на твоето царство. Нивните закони се различни од законите на сите други народи, а царските закони не ги почитуваат. Затоа не му е од полза на царот да ги трпи.
- 9
Ако му е угодно на царот, нека се запише да бидат истребени. Јас ќе предадам десет илјади таланти сребро во рацете на царските службеници, за да го внесат во царските ризници.“
- 10
Царот го извади печатниот прстен од својата рака и му го даде на Аман, синот на Агагеецот Амедата, непријателот на Јудејците.
- 11
Царот му рече на Аман: „Среброто ти се дава, а и народот, за да постапиш со него како што сакаш.“
- 12
На тринаесеттиот ден од првиот месец беа повикани царските писари. Тие напишаа сѐ што им заповеда Аман: до царските сатрапи, до управителите на секоја покраина и до владетелите на секој народ, во секоја покраина со нејзиното писмо и до секој народ на неговиот јазик. Писмата беа напишани во името на царот Ахашверош и запечатени со царскиот прстен.
- 13
Писмата беа испратени преку гласници во сите царски покраини, со заповед да ги погубат, убијат и истребат сите Јудејци – млади и стари, деца и жени – во еден ден, на тринаесеттиот ден од дванаесеттиот месец, месецот Адар, и да го разграбат нивниот имот.
- 14
Преписот од писмото требаше да биде објавен како закон во секоја покраина и да им се соопшти на сите народи, за да бидат подготвени за тој ден.
- 15
Гласниците тргнаа брзо, поттикнати од царската заповед, а законот беше објавен и во престолнината Шушан. Царот и Аман седнаа да пијат, но градот Шушан беше вознемирен.