Прескокни кон главната содржина

Естира

Глава 2

  1. 1

    По овие настани, кога гневот на царот Ахашверош се смири, тој се сети на Вашти, на она што го направи и на одлуката донесена против неа.

  2. 2

    Тогаш слугите што му служеа на царот рекоа: „Нека се побараат за царот убави млади девојки.

  3. 3

    Царот нека постави службеници во сите покраини на своето царство, за да ги соберат сите убави млади девојки во престолнината Шушан, во женскиот дом, под надзор на царскиот дворјанин Хегај, чуварот на жените. Нека им се даде сѐ што им е потребно за разубавување.

  4. 4

    А девојката што ќе му се допадне на царот нека стане царица наместо Вашти.“ Овој предлог му се допадна на царот и тој постапи така.

  5. 5

    Во престолнината Шушан живееше еден Јудеец по име Мордехај, син на Јаир, син на Семеј, син на Кис, од Венијаминовото племе.

  6. 6

    Тој беше одведен од Ерусалим со заробениците што беа одведени заедно со Јудиниот цар Јехонија, кога вавилонскиот цар Навуходоносор ги одведе во ропство.

  7. 7

    Мордехај ја одгледуваше Хадаса, односно Естира, ќерката на својот чичко, бидејќи таа немаше ни татко ни мајка. Девојката беше убава по изглед и лице. По смртта на нејзините родители, Мордехај ја зеде како своја ќерка.

  8. 8

    Кога царската заповед и одлука беа објавени и многу девојки беа собрани во престолнината Шушан под надзор на Хегај, и Естира беше одведена во царскиот дворец и доверена на Хегај, чуварот на жените.

  9. 9

    Девојката му се допадна и ја придоби неговата наклоност. Тој побрза да ѝ даде сѐ што ѝ беше потребно за разубавување, нејзиниот дел храна и седум избрани девојки од царскиот дворец. Потоа неа и нејзините девојки ги премести во најдобриот дел од женскиот дом.

  10. 10

    Естира не го откри својот народ ниту своето потекло, бидејќи Мордехај ѝ беше заповедал да не кажува.

  11. 11

    Мордехај секој ден одеше пред дворот на женскиот дом, за да дознае како е Естира и што се случува со неа.

  12. 12

    Кога ќе дојдеше редот на секоја девојка да влезе кај царот Ахашверош, откако дванаесет месеци беше подложена на пропишаната нега за жените – шест месеци со масло од смирна и шест месеци со мириси и други средства за разубавување –

  13. 13

    девојката вака подготвена влегуваше кај царот. Сѐ што ќе побараше, ѝ се даваше да го понесе со себе од женскиот дом во царскиот дворец.

  14. 14

    Навечер влегуваше, а наутро се враќаше во вториот женски дом под надзор на Шаашгаз, царскиот дворјанин што ги чуваше наложниците. Повеќе не влегуваше кај царот, освен ако тој не ја посакаше и не ја повикаше по име.

  15. 15

    Кога дојде редот на Естира, ќерката на Авихаил, чичкото на Мордехај, кој ја беше зел како своја ќерка, таа не побара ништо освен она што го одреди царскиот дворјанин Хегај, чуварот на жените. Естира ја придобиваше наклоноста на сите што ја гледаа.

  16. 16

    Естира беше одведена кај царот Ахашверош во неговиот царски дворец во десеттиот месец, месецот Тевет, во седмата година од неговото царување.

  17. 17

    Царот ја засака Естира повеќе од сите други жени. Таа ја придоби неговата наклоност и милост повеќе од сите девојки. Тој ѝ ја стави царската круна на главата и ја направи царица наместо Вашти.

  18. 18

    Тогаш царот приреди голема гозба за сите свои владетели и слуги – гозба во чест на Естира. Прогласи празник во покраините и подели дарови како што му прилега на еден цар.

  19. 19

    Кога девојките беа собрани по вторпат, Мордехај седеше кај царската порта.

  20. 20

    Естира сѐ уште не го беше открила своето потекло ниту својот народ, како што ѝ беше заповедал Мордехај. Таа ја слушаше заповедта на Мордехај како и во времето кога живееше кај него.

  21. 21

    Во тие денови, додека Мордехај седеше кај царската порта, двајца царски дворјани, Вихтан и Терес, кои го чуваа влезот, се разгневија и намислија да кренат рака против царот Ахашверош.

  22. 22

    Мордехај дозна за тоа и ѝ кажа на царицата Естира, а Естира му го соопшти на царот во името на Мордехај.

  23. 23

    Работата беше испитана и се утврди дека е вистина. Двајцата беа обесени на дрво, а настанот беше запишан во Книгата на летописите пред царот.