Прескокни кон главната содржина

Естира

Глава 1

  1. 1

    Во времето на Ахашверош – оној Ахашверош што царуваше над сто дваесет и седум покраини, од Индија до Етиопија –

  2. 2

    во времето кога царот Ахашверош седеше на својот царски престол во престолнината Шушан,

  3. 3

    во третата година од своето царување, приреди гозба за сите свои владетели и слуги. Пред него беа најмоќните луѓе од Персија и Медија, благородниците и управителите на покраините.

  4. 4

    Сто и осумдесет дена тој го покажуваше богатството на своето славно царство и блесокот на своето величие.

  5. 5

    Кога завршија тие денови, царот приреди седумдневна гозба за сите луѓе што се наоѓаа во престолнината Шушан, од најголемиот до најмалиот, во дворот на градината кај царскиот дворец.

  6. 6

    Таму имаше завеси од бела, зелена и сина ткаенина, прицврстени со јажиња од фин лен и пурпур за сребрени алки на мермерни столбови. Златни и сребрени лежалки стоеја врз под од порфир, бел мермер, алабастер и црн мермер.

  7. 7

    Пијалаците се служеа во златни чаши, секоја различна од другата, а царското вино го имаше во изобилство, како што му прилега на еден цар.

  8. 8

    Пиењето беше според царската наредба: никој да не биде принудуван. Царот им беше заповедал на сите управители во својот дом да постапуваат според желбата на секој гостин.

  9. 9

    И царицата Вашти приреди гозба за жените во царскиот дворец на царот Ахашверош.

  10. 10

    На седмиот ден, кога срцето на царот се развесели од виното, тој им заповеда на Меуман, Визата, Арвона, Вигта, Авагта, Зетар и Харкас – седумте дворјани што му служеа на царот Ахашверош –

  11. 11

    да ја доведат царицата Вашти пред царот со царската круна, за да им ја покаже нејзината убавина на народот и на владетелите, зашто беше многу убава.

  12. 12

    Но царицата Вашти одби да дојде според царската заповед што ѝ ја пренесоа дворјаните. Тогаш царот многу се разгневи и гневот пламна во него.

  13. 13

    Царот им се обрати на мудреците што ги познаваа времињата, зашто имаше обичај за секое прашање да се советува со оние што ги познаваа законот и судот.

  14. 14

    Најблиски до него беа Карсена, Сетар, Адмата, Тарсис, Мерес, Марсена и Мемукан – седум персиски и медиски владетели што имаа пристап кај царот и ги заземаа највисоките места во царството.

  15. 15

    Царот праша: „Според законот, што треба да ѝ се направи на царицата Вашти, затоа што не ја послуша заповедта на царот Ахашверош што ѝ ја пренесоа дворјаните?“

  16. 16

    Тогаш Мемукан рече пред царот и владетелите: „Царицата Вашти не го навреди само царот, туку и сите владетели и сите народи во сите покраини на царот Ахашверош.

  17. 17

    Зашто постапката на царицата ќе им стане позната на сите жени и тие ќе почнат да ги презираат своите мажи, велејќи: ‚Царот Ахашверош заповеда царицата Вашти да биде доведена пред него, но таа не дојде.‘

  18. 18

    Уште денес персиските и медиските благороднички што ќе слушнат за постапката на царицата ќе им зборуваат така на сите царски владетели. Од тоа ќе произлезат многу презир и гнев.

  19. 19

    Затоа, ако му е угодно на царот, нека издаде царска одлука и нека биде запишана меѓу персиските и медиските закони, за да не може да се отповика: Вашти повеќе да не доаѓа пред царот Ахашверош, а царот нејзиното царско достоинство нека ѝ го даде на друга, подобра од неа.

  20. 20

    Кога царската одлука ќе биде објавена низ целото негово големо царство, сите жени ќе им укажуваат почит на своите мажи, од најголемиот до најмалиот.“

  21. 21

    Овој совет им се допадна на царот и на владетелите, па царот постапи според зборовите на Мемукан.

  22. 22

    Испрати писма во сите царски покраини, во секоја покраина со нејзиното писмо и до секој народ на неговиот јазик, секој маж да биде господар во својот дом и таму да се зборува јазикот на неговиот народ.