Неемија
Глава 13
- 1
Во тој ден пред народот се читаше од книгата на Мојсеј, и во неа беше најдено напишано дека Амонец и Моавец никогаш не треба да влезат во Божјото собрание,
- 2
зашто не им излегоа во пресрет на Израелевите синови со леб и вода, туку го најмија Валаам против нив за да ги проколне. Но нашиот Бог ја претвори клетвата во благослов.
- 3
Кога го слушнаа Законот, го одделија од Израел секој човек со туѓо потекло.
- 4
А пред тоа свештеникот Елиасив, поставен над собите на домот на нашиот Бог и роднина на Товија,
- 5
му подготвил голема соба, во која порано ги ставаа житните приноси, темјанот, предметите, десетокот од житото, новото вино и маслото, определени за левитите, пејачите и вратарите, како и приносите за свештениците.
- 6
Додека се случуваше сето тоа, јас не бев во Ерусалим, зашто во триесет и втората година на персискиот цар Артаксеркс отидов кај царот. По некое време побарав дозвола од царот
- 7
и се вратив во Ерусалим. Тогаш дознав за злото што го направил Елиасив, подготвувајќи му соба на Товија во дворовите на Божјиот дом.
- 8
Многу се разгневив и го исфрлив целиот покуќнински имот на Товија надвор од собата.
- 9
Потоа заповедав собите да се очистат и повторно ги внесов таму предметите на Божјиот дом, житниот принос и темјанот.
- 10
И дознав дека деловите што им припаѓаа на левитите не им беа давани, па левитите и пејачите задолжени за службата се разбегаа секој на својата нива.
- 11
Тогаш ги укорив управителите и реков: „Зошто е запоставен Божјиот дом?“ Потоа ги собрав левитите и ги поставив на нивните места.
- 12
Тогаш цела Јуда повторно донесуваше во ризниците десеток од житото, новото вино и маслото.
- 13
Над ризниците ги поставив свештеникот Селемија, книжникот Садок и левитот Федаја, а покрај нив Ханан, синот на Закур, внук на Матанија, зашто се сметаа за верни. Нивна должност беше да им ги делат деловите на своите браќа.
- 14
Спомни си за мене, Боже мој, поради ова, и не ги избриши моите добри дела што ги направив за домот на мојот Бог и за Неговата служба.
- 15
Во тие денови видов во Јуда луѓе што газеа грозје во преси во сабота, внесуваа снопови и ги товараа на осли, а носеа и вино, грозје, смокви и секаков товар во Ерусалим во саботен ден. Ги предупредив во денот кога продаваа храна.
- 16
И Тирците, кои живееја во градот, донесуваа риби и секаква стока и им продаваа во сабота на Јудејците во Ерусалим.
- 17
Тогаш ги укорив благородниците на Јуда и им реков: „Какво е ова зло што го правите и го осквернувате саботниот ден?
- 18
Зар вашите татковци не правеа така, па нашиот Бог ја донесе врз нас и врз овој град сета оваа несреќа? А вие го зголемувате гневот против Израел со тоа што ја осквернувате саботата.“
- 19
Кога се стемни кај ерусалимските врати пред саботата, заповедав вратите да се затворат и да не се отвораат додека не помине саботата. Поставив некои од своите слуги кај вратите, за никаков товар да не се внесува во саботен ден.
- 20
Трговците и продавачите на секаква стока еднаш или двапати преноќија надвор од Ерусалим.
- 21
Ги предупредив и им реков: „Зошто преноќувате пред ѕидот? Ако го повторите тоа, ќе ве отстранам со сила!“ Од тоа време повеќе не доаѓаа во сабота.
- 22
Потоа им заповедав на левитите да се очистат и да дојдат да ги чуваат вратите, за да се осветува саботниот ден. Спомни си за мене, Боже мој, и за ова, и смилувај ми се според Својата голема милост.
- 23
Во тие денови видов и Јудејци што се беа ожениле со жени од Азот, Амон и Моав.
- 24
Половината од нивните деца зборуваа азотски или на јазикот на некој друг народ, а не знаеја да зборуваат јудејски.
- 25
Ги укорив и ги проколнав; некои од нив ги удрив и им ја искубав косата. Ги заколнав во Бог, велејќи: „Не давајте ги своите ќерки за нивните синови и не земајте од нивните ќерки за своите синови или за себе.
- 26
Зар во тоа не згреши Соломон, Израелевиот цар? Меѓу многуте народи немаше цар како него; неговиот Бог го љубеше и го постави за цар над целиот Израел. Сепак, туѓите жени го наведоа и него на грев.
- 27
Зар треба да слушаме дека и вие го правите сето ова големо зло и Му сте неверни на нашиот Бог, земајќи туѓи жени?“
- 28
Еден од синовите на Јојада, синот на првосвештеникот Елиасив, беше зет на Санавалат Оронецот. Затоа го истерав од мене.
- 29
Спомни си за нив, Боже мој, зашто го осквернија свештенството и заветот на свештениците и левитите.
- 30
Така ги очистив од сѐ туѓо и ги определив службите на свештениците и левитите, секого според неговата служба,
- 31
како и донесувањето дрва во определени времиња и првините. Спомни си за мене, Боже мој, за мое добро!