Прескокни кон главната содржина

Естира

Глава 6

  1. Таа ноќ царот не можеше да спие. Заповеда да ја донесат Книгата на летописите и да ја читаат пред него.

  2. Таму беше запишано дека Мордехај го открил заговорот на Вихтан и Терес, двајцата царски дворјани што го чуваа влезот и намислија да кренат рака против царот Ахашверош.

  3. Царот праша: „Каква чест и награда му се дадени на Мордехај за тоа?“ Царските слуги што му служеа одговорија: „Ништо не е направено за него.“

  4. Тогаш царот праша: „Кој е во дворот?“ Аман токму беше дошол во надворешниот двор на царскиот дворец, за да му каже на царот да го обеси Мордехај на бесилката што ја подготви за него.

  5. Царските слуги му рекоа: „Еве, Аман стои во дворот.“ Царот заповеда: „Нека влезе.“

  6. Кога Аман влезе, царот го праша: „Што треба да се направи за човекот кого царот сака да го почести?“ Аман си помисли: „Кого друг царот би сакал да го почести повеќе од мене?“

  7. Затоа Аман му одговори на царот: „За човекот кого царот сака да го почести,

  8. нека се донесе царска облека што ја носел царот, и коњ на кој јавал царот, со царска круна на главата.

  9. Облеката и коњот нека му бидат предадени на еден од најугледните царски владетели. Тој нека го облече човекот кого царот сака да го почести, нека го качи на коњот и нека го води низ градскиот плоштад, објавувајќи пред него: ‚Вака му се прави на човекот кого царот сака да го почести!‘“

  10. Тогаш царот му рече на Аман: „Побрзај! Земи ги облеката и коњот, како што рече, и направи му така на Јудеецот Мордехај, кој седи кај царската порта. Не испуштај ништо од сѐ што кажа.“

  11. Аман ги зеде облеката и коњот, го облече Мордехај и го водеше качен на коњ низ градскиот плоштад, објавувајќи пред него: „Вака му се прави на човекот кого царот сака да го почести!“

  12. Потоа Мордехај се врати кај царската порта, а Аман побрза кон својот дом, ожалостен и со покриена глава.

  13. Аман ѝ раскажа на својата жена Зереса и на сите свои пријатели што му се случи. Тогаш неговите мудреци и жена му Зереса му рекоа: „Ако Мордехај, пред кого почна да паѓаш, е од јудејски род, нема да можеш да го победиш, туку сигурно ќе паднеш пред него.“

  14. Додека уште разговараа со него, царските дворјани дојдоа и брзо го одведоа Аман на гозбата што ја подготви Естира.