Прескокни кон главната содржина

2 Мојсеева — Излез

Глава 12

  1. 1

    Господ им рече на Мојсеј и Арон во Египетската земја:

  2. 2

    „Овој месец нека ви биде почеток на месеците; нека ви биде прв месец во годината.

  3. 3

    Кажете му на целото Израелево собрание: на десеттиот ден од овој месец секој нека земе по едно јагне за своето семејство, по едно јагне за секој дом.

  4. 4

    Ако семејството е премало за цело јагне, нека го подели со најблискиот сосед, според бројот на луѓето; пресметајте колку секој може да изеде.

  5. 5

    Јагнето нека биде без недостаток, машко и едногодишно; можете да земете јагне или јаре.

  6. 6

    Чувајте го до четиринаесеттиот ден од овој месец, а тогаш целото Израелево собрание нека го заколе приквечер.

  7. 7

    Нека земат од крвта и нека стават на двата довратника и на горниот праг од вратата на домовите во кои ќе го јадат.

  8. 8

    Истата ноќ нека го јадат месото печено на оган, со бесквасен леб и горчливи билки.

  9. 9

    Не го јадете сурово ниту варено во вода, туку печено на оган, заедно со главата, нозете и внатрешноста.

  10. 10

    Не оставајте ништо од него до утрото; а она што ќе остане до утрото, изгорете го во оган.

  11. 11

    Јадете го вака: со појас врзан околу половината, со обувки на нозете и со стап во раката; јадете го набрзина. Тоа е Господовата Пасха.

  12. 12

    Зашто таа ноќ ќе поминам низ Египетската земја и ќе го удрам секое првородено во Египет, и човек и животно; ќе извршам суд над сите египетски богови. Јас сум Господ.

  13. 13

    Крвта на домовите во кои живеете ќе ви биде знак. Кога ќе ја видам крвта, ќе ве одминам, и нема да ве погоди погубната неволја кога ќе ја удрам Египетската земја.

  14. 14

    Овој ден нека ви биде спомен и празнувајте го како празник во чест на Господ во сите ваши поколенија; празнувајте го како вечна заповед.

  15. 15

    Седум дена јадете бесквасен леб. Уште првиот ден отстранете го квасецот од своите домови, зашто секој што ќе јаде квасен леб од првиот до седмиот ден нека биде отстранет од Израел.

  16. 16

    На првиот ден одржете свето собрание, а и на седмиот ден свето собрание. Во тие денови не вршете никаква работа, освен она што е потребно за да се подготви храна за секого.

  17. 17

    Празнувајте го Празникот на бесквасните лебови, зашто токму на тој ден ги изведов вашите чети од Египетската земја. Затоа празнувајте го овој ден во сите поколенија како вечна заповед.

  18. 18

    Од вечерта на четиринаесеттиот ден од првиот месец до вечерта на дваесет и првиот ден од месецот јадете бесквасен леб.

  19. 19

    Седум дена нека нема квасец во вашите домови, зашто секој што ќе јаде нешто квасено нека биде отстранет од Израелевото собрание, било да е придојденец или роден во земјата.

  20. 20

    Не јадете ништо квасено; во сите свои живеалишта јадете бесквасен леб.“

  21. 21

    Тогаш Мојсеј ги повика сите Израелеви старешини и им рече: „Одете и земете си по едно јагне според своите семејства и заколете го пасхалното јагне.

  22. 22

    Земете китка исоп, натопете ја во крвта што е во садот и со крвта допрете ги горниот праг и двата довратника. Никој од вас да не излегува од вратата на својот дом до утрото.

  23. 23

    Зашто Господ ќе помине за да ги удри Египќаните. Кога ќе ја види крвта на горниот праг и на двата довратника, Господ ќе ја одмине вратата и нема да му дозволи на погубителот да влезе во вашите домови и да ве удри.

  24. 24

    Чувајте го ова како вечна заповед за вас и за вашите синови.

  25. 25

    Кога ќе влезете во земјата што Господ ќе ви ја даде, како што вети, извршувајте ја оваа служба.

  26. 26

    А кога вашите деца ќе ве прашаат: ‚Што значи оваа служба?‘

  27. 27

    кажете им: ‚Тоа е пасхална жртва за Господ, Кој ги одмина домовите на Израелевите синови во Египет, кога ги удри Египќаните, а ги поштеди нашите домови.‘“ Тогаш народот се наведна и се поклони.

  28. 28

    Израелевите синови отидоа и направија како што Господ им заповеда на Мојсеј и Арон; токму така направија.

  29. 29

    На полноќ Господ го удри секое првородено во Египетската земја, од првородениот син на фараонот, кој седеше на престолот, до првородениот син на затвореникот во темницата, како и секое првородено од добитокот.

  30. 30

    Фараонот стана во ноќта, тој, сите негови слуги и сите Египќани, и во Египет се крена голем писок, зашто немаше дом без мртовец.

  31. 31

    Уште во ноќта фараонот ги повика Мојсеј и Арон и рече: „Станете, излезете од средината на мојот народ, и вие и Израелевите синови! Одете и служете Му на Господ, како што рековте.

  32. 32

    Земете ги и своите овци и говеда, како што рековте, и одете! Благословете ме и мене.“

  33. 33

    Египќаните го притискаа народот што побрзо да си замине од земјата, зашто велеа: „Сите ќе умреме!“

  34. 34

    Народот го зеде тестото пред да нарасне; садовите за месење ги завиткаа во облеката и ги понесоа на рамениците.

  35. 35

    Израелевите синови направија како што им рече Мојсеј: од Египќаните побараа сребрени и златни предмети и облека.

  36. 36

    Господ му даде на народот благонаклоност пред Египќаните, па тие им го дадоа она што го побараа. Така Израелевите синови го зедоа богатството на Египќаните.

  37. 37

    Израелевите синови тргнаа од Рамесес кон Сокхот. Беа околу шестотини илјади мажи што одеа пеш, не сметајќи ги децата.

  38. 38

    Со нив излезе и многубројна мешана толпа, како и многу овци и говеда.

  39. 39

    Од тестото што го изнесоа од Египет испекоа бесквасни погачи. Тестото не беше нараснато, зашто беа истерани од Египет и не можеа да се задржат ниту да си подготват храна за пат.

  40. 40

    Престојот на Израелевите синови во Египет траеше четиристотини и триесет години.

  41. 41

    На самиот крај од четиристотини и триесетте години, токму во тој ден, сите Господови чети излегоа од Египетската земја.

  42. 42

    Тоа беше ноќ на бдеење пред Господ, затоа што Господ ги изведе од Египетската земја. Истата таа ноќ нека биде ноќ на бдеење пред Господ за сите Израелеви синови во сите поколенија.

  43. 43

    Господ им рече на Мојсеј и Арон: „Ова е заповедта за Пасхата: ниеден туѓинец да не јаде од неа.

  44. 44

    Но секој купен роб, откако ќе го обрежеш, може да јаде од неа.

  45. 45

    Привремен жител и наемник да не јадат од неа.

  46. 46

    Нека се јаде во еден дом. Не изнесувајте од месото надвор од домот и не кршете ниту една негова коска.

  47. 47

    Целото Израелево собрание нека ја празнува.

  48. 48

    Ако кај тебе живее придојденец и сака да ја празнува Пасхата во чест на Господ, нека се обрежат сите машки во неговиот дом; потоа може да пристапи и да ја празнува, и нека биде како роден во земјата. Но ниеден необрежан да не јаде од неа.

  49. 49

    Ист закон нека важи и за родениот во земјата и за придојденецот што живее меѓу вас.“

  50. 50

    Сите Израелеви синови направија како што Господ им заповеда на Мојсеј и Арон; токму така направија.

  51. 51

    И токму во тој ден Господ ги изведе Израелевите синови од Египетската земја според нивните чети.