2 Мојсеева — Излез
Глава 11
- 1
Господ му беше рекол на Мојсеј: „Ќе нанесам уште една неволја врз фараонот и врз Египет; потоа ќе ве пушти оттука. А кога ќе ве пушти, сосема ќе ве истера оттука.
- 2
Кажи му на народот: секој маж да побара од својот сосед, а секоја жена од својата сосетка, сребрени и златни предмети.“
- 3
Господ му даде на народот благонаклоност пред Египќаните. И самиот Мојсеј беше многу почитуван во Египетската земја, и пред фараоновите слуги и пред народот.
- 4
Тогаш Мојсеј рече: „Вака вели Господ: Околу полноќ ќе поминам низ Египет.
- 5
Секое првородено во Египетската земја ќе умре, од првородениот син на фараонот, кој седи на својот престол, до првородениот син на слугинката што работи кај рачната мелница, како и секое првородено од добитокот.
- 6
Низ целата Египетска земја ќе се крене голем писок, каков што никогаш немало и никогаш повеќе нема да има.
- 7
Но против ниеден од Израелевите синови, ниту против човек ниту против животно, ни куче нема да залае, за да знаете дека Господ прави разлика меѓу Египќаните и Израел.
- 8
Тогаш сите овие твои слуги ќе дојдат кај мене, ќе ми се поклонат и ќе речат: ‚Излези ти и сиот народ што те следи!‘ Потоа ќе излезам.“ И Мојсеј излезе од присуството на фараонот многу разгневен.
- 9
Господ му беше рекол на Мојсеј: „Фараонот нема да ве послуша, за да се умножат Моите чуда во Египетската земја.“
- 10
Мојсеј и Арон ги направија сите овие чуда пред фараонот, но Господ го закорави срцето на фараонот, и тој не ги пушти Израелевите синови од својата земја.