2 Мојсеева — Излез
Глава 10
- 1
Тогаш Господ му рече на Мојсеј: „Оди кај фараонот, зашто Јас го закоравив неговото срце и срцето на неговите слуги, за да ги покажам овие Свои знаци меѓу нив,
- 2
и за да му раскажуваш на својот син и на својот внук како постапив со Египќаните и какви знаци направив меѓу нив, за да знаете дека Јас сум Господ.“
- 3
Мојсеј и Арон влегоа кај фараонот и му рекоа: „Вака вели Господ, Бог на Евреите: ‚До кога ќе одбиваш да се понизиш пред Мене? Пушти го Мојот народ, за да Ми служи.
- 4
Зашто, ако одбиеш да го пуштиш Мојот народ, ете, утре ќе донесам скакулци во твојата земја.
- 5
Тие ќе ја покријат површината на земјата, така што земјата нема да може да се види. Ќе го изедат остатокот што ви остана и го преживеа градот; ќе ги изедат и сите дрвја што ви растат во полето.
- 6
Ќе ги наполнат твоите домови, домовите на сите твои слуги и домовите на сите Египќани - нешто што не го виделе ниту твоите татковци ниту нивните татковци, од денот кога се населиле на земјата до денес.‘“ Потоа Мојсеј се сврте и излезе од кај фараонот.
- 7
Тогаш фараоновите слуги му рекоа: „До кога овој човек ќе ни биде стапица? Пушти ги луѓето да Му служат на Господ, својот Бог. Зар сѐ уште не гледаш дека Египет пропадна?“
- 8
Мојсеј и Арон повторно беа доведени кај фараонот, а тој им рече: „Одете, служете Му на Господ, својот Бог. Но кои ќе одат?“
- 9
Мојсеј одговори: „Ќе одиме со нашите млади и стари, со нашите синови и ќерки, со нашите овци и говеда, зашто треба да празнуваме празник во чест на Господ.“
- 10
Фараонот им рече: „Нека биде Господ со вас како што јас ќе ве пуштам вас и вашите деца! Очигледно е дека имате лоша намера.
- 11
Нема да биде така! Одете само вие, мажите, и служете Му на Господ, зашто тоа го баравте.“ Потоа ги избркаа од присуството на фараонот.
- 12
Тогаш Господ му рече на Мојсеј: „Испружи ја својата рака над Египетската земја, за скакулците да дојдат врз неа и да го изедат секое полско растение - сѐ што остана по градот.“
- 13
Мојсеј го испружи својот стап над Египетската земја, а Господ испрати источен ветер над земјата во текот на целиот тој ден и целата ноќ. Кога се раздени, источниот ветер ги донесе скакулците.
- 14
Скакулците дојдоа врз целата Египетска земја и се спуштија по сите египетски предели во огромен број. Никогаш порано немало толку многу скакулци, ниту некогаш повторно ќе има толку.
- 15
Тие ја покрија површината на целата земја, така што земјата потемне. Го изедоа секое полско растение и сите плодови на дрвјата што останаа по градот. По целата Египетска земја не остана ништо зелено, ни на дрвјата ни меѓу полските растенија.
- 16
Тогаш фараонот брзо ги повика Мојсеј и Арон и рече: „Згрешив против Господ, вашиот Бог, и против вас.
- 17
Затоа сега, те молам, прости ми го гревот само уште овојпат и помолете Му се на Господ, вашиот Бог, да ја отстрани од мене оваа смрт.“
- 18
Мојсеј излезе од кај фараонот и Му се помоли на Господ.
- 19
Господ го сврте ветерот и испрати мошне силен западен ветер, кој ги крена скакулците и ги фрли во Црвеното Море. Не остана ниту еден скакулец во сите египетски предели.
- 20
Но Господ го закорави срцето на фараонот, и тој не ги пушти Израелевите синови.
- 21
Тогаш Господ му рече на Мојсеј: „Испружи ја својата рака кон небото, за да настане темнина над Египетската земја - темнина што може да се почувствува.“
- 22
Мојсеј ја испружи својата рака кон небото, и над целата Египетска земја настана густа темнина три дена.
- 23
Луѓето не се гледаа еден со друг и никој не стана од своето место три дена. Но сите Израелеви синови имаа светлина во своите живеалишта.
- 24
Тогаш фараонот го повика Мојсеј и рече: „Одете, служете Му на Господ! Само вашите овци и говеда нека останат; вашите деца може да одат со вас.“
- 25
Но Мојсеј рече: „Ти мора да ни дадеш и животни за жртви и за жртви паленици, за да Му принесеме на Господ, нашиот Бог.
- 26
И нашиот добиток ќе оди со нас; нема да остане ниту едно копито. Од него треба да земеме за да Му служиме на Господ, нашиот Бог, а додека не стигнеме таму, не знаеме со што треба да Му служиме на Господ.“
- 27
Но Господ го закорави срцето на фараонот и тој не сакаше да ги пушти.
- 28
Тогаш фараонот му рече на Мојсеј: „Тргни се од мене! Внимавај повеќе да не го видиш моето лице, зашто во денот кога ќе го видиш моето лице, ќе умреш.“
- 29
Мојсеј одговори: „Добро рече. Нема повеќе да го видам твоето лице.“