2 Мојсеева — Излез
Глава 9
Тогаш Господ му рече на Мојсеј: „Оди кај фараонот и кажи му: ‚Вака вели Господ, Бог на Евреите: Пушти го Мојот народ, за да Ми служи. (2 Мојсеева — Излез 9:1)
Зашто, ако одбиеш да ги пуштиш и продолжиш да ги задржуваш, (2 Мојсеева — Излез 9:2)
ете, Господовата рака ќе биде врз твојот добиток во полето со многу тежок помор: врз коњите, магарињата, камилите, говедата и овците. (2 Мојсеева — Излез 9:3)
Но Господ ќе направи разлика меѓу добитокот на Израел и добитокот на Египќаните, па ништо од она што им припаѓа на Израелевите синови нема да умре.‘“ (2 Мојсеева — Излез 9:4)
Господ определи време и рече: „Утре Господ ќе го направи тоа во земјата.“ (2 Мојсеева — Излез 9:5)
Следниот ден Господ го направи тоа. Сиот египетски добиток во полето изумре, а од добитокот на Израелевите синови не умре ниту едно животно. (2 Мојсеева — Излез 9:6)
Фараонот испрати да проверат, и ете, од добитокот на Израелевите синови не беше умрело ниту едно животно. Но срцето на фараонот остана закоравено и тој не го пушти народот. (2 Мојсеева — Излез 9:7)
Тогаш Господ им рече на Мојсеј и Арон: „Земете полни грсти пепел од печка, а Мојсеј нека ја фрли кон небото пред очите на фараонот. (2 Мојсеева — Излез 9:8)
Таа ќе стане ситен прав над целата Египетска земја и ќе предизвика воспаленија со гнојни рани врз луѓето и животните по целата Египетска земја.“ (2 Мојсеева — Излез 9:9)
Тие зедоа пепел од печка и застанаа пред фараонот. Мојсеј ја фрли кон небото, и врз луѓето и животните се појавија воспаленија со гнојни рани. (2 Мојсеева — Излез 9:10)
Маѓесниците не можеа да застанат пред Мојсеј поради воспаленијата, зашто воспаленијата беа и врз маѓесниците и врз сите Египќани. (2 Мојсеева — Излез 9:11)
Но Господ го закорави срцето на фараонот, па тој не ги послуша, како што Господ му рече на Мојсеј. (2 Мојсеева — Излез 9:12)
Потоа Господ му рече на Мојсеј: „Стани рано наутро, застани пред фараонот и кажи му: ‚Вака вели Господ, Бог на Евреите: Пушти го Мојот народ, за да Ми служи. (2 Мојсеева — Излез 9:13)
Зашто овојпат ќе ги испратам сите Свои удари врз твоето срце, врз твоите слуги и врз твојот народ, за да знаеш дека нема никој како Мене по целата земја. (2 Мојсеева — Излез 9:14)
Зашто можев досега да ја испружам Својата рака и да те удрам тебе и твојот народ со помор, па ќе бевте истребени од земјата. (2 Мојсеева — Излез 9:15)
Но токму затоа те оставив да стоиш: за да ја покажам врз тебе Својата сила и Моето име да се разгласи по целата земја. (2 Мојсеева — Излез 9:16)
А ти сѐ уште се издигнуваш против Мојот народ и не го пушташ. (2 Мојсеева — Излез 9:17)
Ете, утре во ова време ќе испратам мошне силен град, каков што немало во Египет од денот кога бил основан до денес. (2 Мојсеева — Излез 9:18)
Затоа сега испрати да го засолнат твојот добиток и сѐ што имаш во полето. Секој човек и секое животно што ќе остане во полето и нема да биде внесено под покрив ќе загине кога градот ќе падне врз нив.‘“ (2 Мојсеева — Излез 9:19)
Оние меѓу фараоновите слуги што се уплашија од Господовиот збор брзо ги засолнија своите слуги и добитокот во домовите. (2 Мојсеева — Излез 9:20)
Но оние што не го зедоа при срце Господовиот збор ги оставија своите слуги и добитокот во полето. (2 Мојсеева — Излез 9:21)
Тогаш Господ му рече на Мојсеј: „Испружи ја својата рака кон небото, за да падне град врз целата Египетска земја: врз луѓето, врз животните и врз секое полско растение по целата Египетска земја.“ (2 Мојсеева — Излез 9:22)
Мојсеј го испружи својот стап кон небото, а Господ испрати громови и град; оган се спушташе кон земјата. Така Господ испрати град врз Египетската земја. (2 Мојсеева — Излез 9:23)
Имаше град, а среде градот постојано блескаше оган. Градот беше мошне силен; таков немало во целата Египетска земја откако во неа живеел народ. (2 Мојсеева — Излез 9:24)
Градот удри во сѐ што беше во полето по целата Египетска земја, и луѓе и животни. Градот ги уништи сите полски растенија и ги искрши сите дрвја во полето. (2 Мојсеева — Излез 9:25)
Само во Гошенската земја, каде што беа Израелевите синови, немаше град. (2 Мојсеева — Излез 9:26)
Тогаш фараонот испрати да ги повикаат Мојсеј и Арон и им рече: „Овојпат згрешив. Господ е праведен, а јас и мојот народ сме виновни. (2 Мојсеева — Излез 9:27)
Помолете Му се на Господ, зашто доста се овие страшни громови и град. Ќе ве пуштам и нема веќе да останете.“ (2 Мојсеева — Излез 9:28)
Мојсеј му рече: „Штом ќе излезам од градот, ќе ги испружам своите раце кон Господ. Громовите ќе престанат и нема веќе да има град, за да знаеш дека земјата Му припаѓа на Господ. (2 Мојсеева — Излез 9:29)
Но знам дека ти и твоите слуги сѐ уште нема да се исплашите од Господ Бог.“ (2 Мојсеева — Излез 9:30)
Ленот и јачменот беа уништени, зашто јачменот веќе имаше класови, а ленот цветаше. (2 Мојсеева — Излез 9:31)
Но пченицата и крупникот не беа уништени, зашто созреваат подоцна. (2 Мојсеева — Излез 9:32)
Мојсеј излезе од кај фараонот и отиде надвор од градот, па ги испружи своите раце кон Господ. Громовите и градот престанаа и дождот веќе не се излеваше врз земјата. (2 Мојсеева — Излез 9:33)
Кога фараонот виде дека дождот, градот и громовите престанаа, повторно згреши; тој и неговите слуги ги закоравија своите срца. (2 Мојсеева — Излез 9:34)
Срцето на фараонот се закорави и тој не ги пушти Израелевите синови, како што Господ рече преку Мојсеј. (2 Мојсеева — Излез 9:35)