Прескокни кон главната содржина

2 Мојсеева — Излез

Глава 16

  1. 1

    Целото собрание на Израелевите синови тргна од Елим и дојде во пустината Син, која е меѓу Елим и Синај, на петнаесеттиот ден од вториот месец откако излегоа од Египетската земја.

  2. 2

    Во пустината целото собрание на Израелевите синови мрмореше против Мојсеј и Арон.

  3. 3

    Израелевите синови им рекоа: „Камо да умревме од Господовата рака во Египетската земја, кога седевме покрај садовите со месо и јадевме леб до ситост! Вие нѐ доведовте во оваа пустина за целото ова мноштво да го оставите да умре од глад.“

  4. 4

    Тогаш Господ му рече на Мојсеј: „Ете, ќе направам да ви врне леб од небото. Народот нека излегува секој ден и нека собира колку што му е потребно за тој ден, за да го испитам дали ќе оди според Мојот закон или не.

  5. 5

    А на шестиот ден нека го подготват она што ќе го донесат; тоа нека биде двојно повеќе од она што го собираат секој ден.“

  6. 6

    Мојсеј и Арон им рекоа на сите Израелеви синови: „Вечерва ќе знаете дека Господ ве изведе од Египетската земја,

  7. 7

    а наутро ќе ја видите Господовата слава, зашто Тој го слушна вашето мрморење против Господ. Кои сме ние, па да мрморите против нас?“

  8. 8

    Мојсеј уште рече: „Господ вечерва ќе ви даде месо да јадете, а наутро леб до ситост, зашто Господ го слушна вашето мрморење против Него. Кои сме ние? Вашето мрморење не е против нас, туку против Господ.“

  9. 9

    Потоа Мојсеј му рече на Арон: „Кажи му на целото собрание на Израелевите синови: ‚Приближете се пред Господ, зашто Тој го слушна вашето мрморење.‘“

  10. 10

    Додека Арон му зборуваше на целото собрание, тие погледнаа кон пустината, и ете, Господовата слава се појави во облакот.

  11. 11

    Господ му рече на Мојсеј:

  12. 12

    „Го слушнав мрморењето на Израелевите синови. Кажи им: ‚Приквечер ќе јадете месо, а наутро ќе се наситите со леб; тогаш ќе знаете дека Јас сум Господ, вашиот Бог.‘“

  13. 13

    Навечер долетаа потполошки и го покрија логорот, а наутро околу логорот имаше роса.

  14. 14

    Кога росата исчезна, ете, на површината на пустината имаше нешто ситно и зрнесто, како слана на земјата.

  15. 15

    Кога Израелевите синови го видоа, си рекоа еден на друг: „Што е ова?“ зашто не знаеја што е. Мојсеј им рече: „Тоа е лебот што Господ ви го даде да го јадете.

  16. 16

    Ова го заповеда Господ: ‚Собирајте од него, секој колку што му е потребно за јадење, по еден гомор за секој човек, според бројот на луѓето во вашиот дом; секој нека земе за оние што се во неговиот шатор.‘“

  17. 17

    Израелевите синови направија така и собраа, некој повеќе, а некој помалку.

  18. 18

    Кога го измерија со гомор, оној што собрал повеќе немаше вишок, а оној што собрал помалку немаше недостиг. Секој собра колку што му беше потребно за јадење.

  19. 19

    Мојсеј им рече: „Никој да не остава од него до утрото.“

  20. 20

    Но некои не го послушаа Мојсеј и оставија од него до утрото; тоа се наполни со црви и се усмрди. Тогаш Мојсеј се разгневи на нив.

  21. 21

    Тие го собираа секое утро, секој колку што му беше потребно за јадење; а кога сонцето ќе се вжештеше, тоа се топеше.

  22. 22

    На шестиот ден собраа двојно повеќе храна, по два гомора за секого. Сите поглавари на собранието дојдоа и му кажаа на Мојсеј.

  23. 23

    Тој им рече: „Ова е она што го рече Господ: утре е саботен одмор, света сабота во чест на Господ. Испечете го она што сакате да го печете и сварете го она што сакате да го варите; а сето она што ќе остане тргнете го настрана и чувајте го до утрото.“

  24. 24

    Тие го оставија до утрото, како што заповеда Мојсеј, и тоа не се усмрди ниту се појавија црви во него.

  25. 25

    Тогаш Мојсеј рече: „Јадете го денес, зашто денес е сабота во чест на Господ; денес нема да го најдете во полето.

  26. 26

    Шест дена собирајте го, а седмиот ден е сабота; тогаш нема да го има.“

  27. 27

    Сепак, на седмиот ден некои од народот излегоа да собираат, но не најдоа ништо.

  28. 28

    Тогаш Господ му рече на Мојсеј: „До кога ќе одбивате да ги пазите Моите заповеди и Моите закони?

  29. 29

    Гледајте: Господ ви ја даде саботата; затоа на шестиот ден ви дава леб за два дена. Секој нека остане на своето место; никој да не излегува од својот дом на седмиот ден.“

  30. 30

    Така народот се одмори на седмиот ден.

  31. 31

    Израелевиот дом ја нарече храната мана. Таа беше како семе од коријандер, бела, а вкусот ѝ беше како погача со мед.

  32. 32

    Мојсеј рече: „Ова го заповеда Господ: ‚Наполнете еден гомор со мана и чувајте го за идните поколенија, за да го видат лебот со кој ве хранев во пустината, кога ве изведов од Египетската земја.‘“

  33. 33

    Мојсеј му рече на Арон: „Земи еден сад, стави во него еден полн гомор мана и положи го пред Господ, за да се чува за идните поколенија.“

  34. 34

    Како што Господ му заповеда на Мојсеј, Арон го положи пред Сведоштвото за да се чува.

  35. 35

    Израелевите синови јадеа мана четириесет години, додека не дојдоа во населена земја; јадеа мана додека не стигнаа до границата на Хананската земја.

  36. 36

    Еден гомор е десетти дел од ефа.