2 Мојсеева — Излез
Глава 15
Тогаш Мојсеј и Израелевите синови Му ја запеаја оваа песна на Господ: „Ќе Му пеам на Господ, зашто славно победи; коњот и неговиот јавач ги фрли во морето. (2 Мојсеева — Излез 15:1)
Господ е мојата сила и мојата песна; Тој стана мое спасение. Тој е мојот Бог и ќе Го прославувам, Бог на мојот татко и ќе Го возвишувам. (2 Мојсеева — Излез 15:2)
Господ е силен Воин; Неговото име е Господ /Јахве/. (2 Мојсеева — Излез 15:3)
Фараоновите бојни коли и неговата војска ги фрли во морето; неговите избрани заповедници потонаа во Црвеното Море. (2 Мојсеева — Излез 15:4)
Длабочините ги покрија; потонаа во длабочините како камен. (2 Мојсеева — Излез 15:5)
Твојата десна рака, Господи, се прослави со сила; Твојата десна рака, Господи, го скрши непријателот. (2 Мојсеева — Излез 15:6)
Со величието на Својата возвишеност ги собори оние што станаа против Тебе; го испрати Својот гнев и тој ги проголта како слама. (2 Мојсеева — Излез 15:7)
Од здивот на Твоите ноздри водите се насобраа, брановите застанаа како насип, а длабочините се згуснаа среде морето. (2 Мојсеева — Излез 15:8)
Непријателот рече: ‚Ќе ги гонам, ќе ги стигнам, ќе го разделам пленот; мојата желба ќе се насити со нив. Ќе го извадам својот меч и мојата рака ќе ги уништи.‘ (2 Мојсеева — Излез 15:9)
Ти дувна со Својот ветер, и морето ги покри; потонаа како олово во силните води. (2 Мојсеева — Излез 15:10)
Кој е како Тебе меѓу боговите, Господи? Кој е како Тебе, славен во светост, величествен во пофалби, Кој прави чуда? (2 Мојсеева — Излез 15:11)
Ја испружи Својата десна рака, и земјата ги проголта. (2 Мојсеева — Излез 15:12)
Со Својата милост го водеше народот што го откупи; со Својата сила го упати кон Своето свето живеалиште. (2 Мојсеева — Излез 15:13)
Народите ќе чујат и ќе затреперат; ужас ќе ги обземе жителите на Филистеја. (2 Мојсеева — Излез 15:14)
Тогаш ќе се уплашат едомските владетели, трепет ќе ги обземе моавските моќници, а сите жители на Ханан ќе се стопат од страв. (2 Мојсеева — Излез 15:15)
Страв и ужас ќе паднат врз нив; поради силата на Твојата рака ќе замолкнат како камен, додека помине Твојот народ, Господи, додека помине народот што го придоби. (2 Мојсеева — Излез 15:16)
Ќе ги воведеш и ќе ги насадиш на планината на Своето наследство, на местото што го подготви за Свое живеалиште, Господи, во светилиштето што го утврдија Твоите раце. (2 Мојсеева — Излез 15:17)
Господ ќе царува довека и засекогаш.“ (2 Мојсеева — Излез 15:18)
Кога фараоновите коњи со неговите бојни коли и коњаници влегоа во морето, Господ ги врати морските води врз нив, а Израелевите синови поминаа среде морето по суво. (2 Мојсеева — Излез 15:19)
Тогаш пророчицата Мирјам, сестрата на Арон, зеде тапанче во својата рака, а сите жени излегоа по неа со тапанчиња и играње. (2 Мојсеева — Излез 15:20)
Маријам им отпеа: „Пејте Му на Господ, зашто славно победи; коњот и неговиот јавач ги фрли во морето!“ (2 Мојсеева — Излез 15:21)
Потоа Мојсеј го поведе Израел од Црвеното Море, и тие излегоа кон пустината Шур. Одеа три дена низ пустината, но не најдоа вода. (2 Мојсеева — Излез 15:22)
Кога дојдоа во Мара, не можеа да ја пијат водата, зашто беше горчлива. Затоа местото беше наречено Мара. (2 Мојсеева — Излез 15:23)
Народот мрмореше против Мојсеј и велеше: „Што ќе пиеме?“ (2 Мојсеева — Излез 15:24)
Мојсеј повика кон Господ, а Господ му покажа едно дрво. Тој го фрли во водата, и водата стана слатка. Таму Господ им даде заповед и правило и таму ги испита. (2 Мојсеева — Излез 15:25)
Тој рече: „Ако внимателно го слушаш гласот на Господ, својот Бог, го правиш она што е право пред Него, ги слушаш Неговите заповеди и ги пазиш сите Негови одредби, нема да ти нанесам ниедна од болестите што им ги нанесов на Египќаните, зашто Јас сум Господ, Кој те исцелува.“ (2 Мојсеева — Излез 15:26)
Потоа дојдоа во Елим, каде што имаше дванаесет водни извори и седумдесет палми; таму се улогорија покрај водите. (2 Мојсеева — Излез 15:27)