Прескокни кон главната содржина

2 Мојсеева — Излез

Глава 29

  1. 1

    Направи им го ова за да ги осветиш да Ми служат како свештеници: земи еден млад јунец и два овна без недостаток,

  2. 2

    бесквасен леб, бесквасни погачи замесени со масло и бесквасни кори премачкани со масло; направи ги од најдобро пченично брашно.

  3. 3

    Стави ги во една кошница и принеси ги заедно со јунецот и двата овна.

  4. 4

    Доведи ги Арон и неговите синови пред влезот на Шаторот на средбата и измиј ги со вода.

  5. 5

    Земи ги облеките и облечи го Арон во туниката, наметката под ефодот, ефодот и градниот украс; врзи го ефодот со неговиот вешто изработен појас.

  6. 6

    Стави му го турбанот на главата и прицврсти ја светата плочка на турбанот.

  7. 7

    Земи го маслото за помазание, излеј му го врз главата и помажи го.

  8. 8

    Потоа доведи ги неговите синови и облечи им ги туниките.

  9. 9

    Препашај ги Арон и неговите синови со појаси и стави им ги капите. Свештенството нека им припаѓа како вечна заповед. Така посвети ги Арон и неговите синови.

  10. 10

    Доведи го јунецот пред Шаторот на средбата, а Арон и неговите синови нека ги положат своите раце врз главата на јунецот.

  11. 11

    Заколи го јунецот пред Господ, кај влезот на Шаторот на средбата.

  12. 12

    Земи од крвта на јунецот и со прст стави ја на роговите на жртвеникот, а останатата крв излеј ја во подножјето на жртвеникот.

  13. 13

    Земи ја целата маснотија што ги покрива внатрешностите, масниот додаток на црниот дроб, двата бубрега и маснотијата околу нив, и изгори ги на жртвеникот.

  14. 14

    Но месото на јунецот, кожата и нечистотијата изгори ги со оган надвор од логорот; тоа е жртва за грев.

  15. 15

    Потоа земи го едниот овен, а Арон и неговите синови нека ги положат рацете врз главата на овенот.

  16. 16

    Заколи го овенот, земи ја неговата крв и попрскај го жртвеникот од сите страни.

  17. 17

    Расечи го овенот на делови, измиј ги внатрешностите и нозете и стави ги врз деловите и главата.

  18. 18

    Изгори го целиот овен на жртвеникот. Тоа е жртва паленица за Господ, пријатен мирис, жртва принесена со оган на Господ.

  19. 19

    Потоа земи го другиот овен, а Арон и неговите синови нека ги положат рацете врз главата на овенот.

  20. 20

    Заколи го овенот, земи од неговата крв и стави ја на ресичката од десното уво на Арон и на ресичката од десното уво на неговите синови, на палецот од нивната десна рака и на палецот од нивната десна нога; останатата крв попрскај ја врз жртвеникот од сите страни.

  21. 21

    Земи од крвта што е на жртвеникот и од маслото за помазание и попрскај ги Арон и неговите облеки, неговите синови и нивните облеки. Така ќе бидат осветени тој и неговите облеки, неговите синови и нивните облеки.

  22. 22

    Земи ја маснотијата од овенот: мрсната опашка, маснотијата што ги покрива внатрешностите, масниот додаток на црниот дроб, двата бубрега и маснотијата околу нив, и десниот бут, зашто тоа е овенот на посветувањето.

  23. 23

    Од кошницата со бесквасен леб што е пред Господ земи еден леб, една погача замесена со масло и една кора.

  24. 24

    Сето тоа стави им го во рацете на Арон и на неговите синови и принеси го како движен принос пред Господ.

  25. 25

    Потоа земи го од нивните раце и изгори го на жртвеникот врз жртвата паленица, како пријатен мирис пред Господ; тоа е жртва принесена со оган на Господ.

  26. 26

    Земи ги градите од овенот на посветувањето, кој е за Арон, и принеси ги како движен принос пред Господ; тоа нека биде твој дел.

  27. 27

    Освети ги градите на движниот принос и бутот на подигнатиот принос, кои беа принесени од овенот на посветувањето за Арон и за неговите синови.

  28. 28

    Тоа нека им припаѓа на Арон и на неговите синови како вечна заповед од Израелевите синови, зашто е подигнат принос; тоа е нивниот принос за Господ од нивните жртви за мир.

  29. 29

    Светите облеки на Арон нека им припаднат на неговите синови по него, за во нив да бидат помазувани и посветувани.

  30. 30

    Седум дена нека ги носи оној од неговите синови што ќе стане свештеник наместо него и ќе влегува во Шаторот на средбата за да служи во Светото место.

  31. 31

    Земи го овенот на посветувањето и свари го неговото месо на свето место.

  32. 32

    Арон и неговите синови нека го јадат месото од овенот и лебот од кошницата кај влезот на Шаторот на средбата.

  33. 33

    Нека ги јадат приносите со кои е извршено помирување за нивното посветување и осветување; туѓ човек да не јаде од нив, зашто се свети.

  34. 34

    Ако до утрото остане нешто од месото на посветувањето или од лебот, изгори го остатокот со оган; да не се јаде, зашто е свето.

  35. 35

    Постапи со Арон и со неговите синови според сѐ што ти заповедав. Седум дена посветувај ги.

  36. 36

    Секој ден принесувај по еден јунец како жртва за грев за помирување. Исчисти го жртвеникот кога вршиш помирување за него и помажи го за да го осветиш.

  37. 37

    Седум дена врши помирување за жртвеникот и осветувај го. Тогаш жртвеникот ќе биде пресвет; сѐ што ќе го допре жртвеникот ќе биде свето.

  38. 38

    Ова принесувај го на жртвеникот: секој ден постојано по две едногодишни јагниња.

  39. 39

    Едното јагне принесувај го наутро, а другото приквечер.

  40. 40

    Со првото јагне принеси една десетина ефа најдобро брашно измешано со четвртина ин чисто маслиново масло, и четвртина ин вино како принос за излевање.

  41. 41

    Другото јагне принеси го приквечер, со ист житен принос и ист принос за излевање како наутро, како пријатен мирис, жртва принесена со оган на Господ.

  42. 42

    Тоа нека биде постојана жртва паленица пред Господ во сите ваши поколенија, кај влезот на Шаторот на средбата, каде што ќе се среќавам со вас и ќе зборувам со тебе.

  43. 43

    Таму ќе се среќавам со Израелевите синови, и местото ќе биде осветено со Мојата слава.

  44. 44

    Ќе ги осветам Шаторот на средбата и жртвеникот; ќе ги осветам Арон и неговите синови, за да Ми служат како свештеници.

  45. 45

    Ќе живеам меѓу Израелевите синови и ќе им бидам Бог.

  46. 46

    Тие ќе знаат дека Јас сум Господ, нивниот Бог, Кој ги изведе од Египетската земја за да живеам меѓу нив. Јас сум Господ, нивниот Бог.