Прескокни кон главната содржина

2 Мојсеева — Излез

Глава 30

  1. 1

    Направи жртвеник за кадење темјан; направи го од акациево дрво.

  2. 2

    Нека биде долг еден лакат, широк еден лакат - квадратен - и висок два лакти. Неговите рогови нека бидат дел од него.

  3. 3

    Обложи ги со чисто злато неговиот врв, страните наоколу и роговите; направи му златен венец наоколу.

  4. 4

    Под венецот направи му две златни алки, по една на секоја од двете спротивни страни; тие нека бидат држачи за прачките со кои ќе се носи.

  5. 5

    Направи ги прачките од акациево дрво и обложи ги со злато.

  6. 6

    Постави го жртвеникот пред завесата што е пред ковчегот на Сведоштвото, пред капакот на помирувањето што е над Сведоштвото, каде што ќе се среќавам со тебе.

  7. 7

    Секое утро Арон нека кади врз него миризлив темјан кога ги подготвува светилките.

  8. 8

    И приквечер, кога Арон ги пали светилките, нека кади темјан. Тоа нека биде постојано кадење пред Господ во сите ваши поколенија.

  9. 9

    Не принесувајте врз него туѓ темјан, жртва паленица или житен принос, и не излевајте врз него принос за излевање.

  10. 10

    Еднаш во годината Арон нека врши помирување на неговите рогови со крвта од жртвата за грев за помирување. Еднаш во годината нека врши помирување за него во сите ваши поколенија. Тој е пресвет за Господ.“

  11. 11

    Господ му рече на Мојсеј:

  12. 12

    „Кога ќе ги пребројуваш Израелевите синови, секој нека Му даде на Господ откуп за својот живот при пребројувањето, за да не ги снајде неволја кога ќе бидат пребројувани.

  13. 13

    Секој што ќе биде вброен нека даде половина сикла, според сиклата на светилиштето - една сикла има дваесет гери. Половина сикла нека биде принос за Господ.

  14. 14

    Секој вброен, од дваесет години нагоре, нека го даде овој принос за Господ.

  15. 15

    Богатиот да не даде повеќе, а сиромашниот да не даде помалку од половина сикла кога го давате Господовиот принос за помирување на своите животи.

  16. 16

    Земи ги парите за помирување од Израелевите синови и употреби ги за службата во Шаторот на средбата. Тоа нека биде спомен за Израелевите синови пред Господ и помирување за вашите животи.“

  17. 17

    Господ уште му рече на Мојсеј:

  18. 18

    „Направи бронзен сад за миење со бронзено подножје. Постави го меѓу Шаторот на средбата и жртвеникот и налеј вода во него.

  19. 19

    Арон и неговите синови нека ги мијат во него своите раце и нозе.

  20. 20

    Кога влегуваат во Шаторот на средбата, нека се мијат со вода за да не умрат; исто и кога се приближуваат до жртвеникот да служат и да принесуваат жртва со оган на Господ.

  21. 21

    Нека ги мијат своите раце и нозе за да не умрат. Тоа нека биде вечна заповед за него и за неговото потомство во сите нивни поколенија.“

  22. 22

    Господ уште му рече на Мојсеј:

  23. 23

    „Земи најдобри мириси: петстотини сикли чиста смирна, половина од тоа - двесте и педесет сикли миризлива канела, двесте и педесет сикли миризлива трска,

  24. 24

    петстотини сикли касија, според сиклата на светилиштето, и еден ин маслиново масло.

  25. 25

    Од нив направи свето масло за помазание, миризлива смеса приготвена според вештината на изработувач на мириси. Тоа нека биде свето масло за помазание.

  26. 26

    Со него помажи ги Шаторот на средбата и ковчегот на Сведоштвото,

  27. 27

    трпезата и сите нејзини предмети, светилникот и неговите предмети, жртвеникот за темјан,

  28. 28

    жртвеникот за жртви паленици и сите негови предмети, и садот за миење со неговото подножје.

  29. 29

    Освети ги за да бидат пресвети; сѐ што ќе ги допре ќе биде свето.

  30. 30

    Помажи ги Арон и неговите синови и освети ги, за да Ми служат како свештеници.

  31. 31

    Кажи им на Израелевите синови: ‚Ова нека биде Мое свето масло за помазание во сите ваши поколенија.

  32. 32

    Не го излевајте врз телото на обичен човек и не правете друго масло со ист состав. Тоа е свето и нека ви биде свето.

  33. 33

    Кој ќе направи такво масло или ќе стави од него врз неовластен човек, нека биде отстранет од својот народ.‘“

  34. 34

    Господ му рече на Мојсеј: „Земи мириси - стакта, ониха, галбан и чист темјан - во еднакви делови.

  35. 35

    Од нив направи темјан, миризлива смеса приготвена според вештината на изработувач на мириси, посолена, чиста и света.

  36. 36

    Истолчи дел од неа во ситен прав и стави од него пред Сведоштвото во Шаторот на средбата, каде што ќе се среќавам со тебе. Тој темјан нека ви биде пресвет.

  37. 37

    Темјан со истиот состав не правете за себе; сметајте го за свет и наменет за Господ.

  38. 38

    Кој ќе направи таков темјан за да ужива во неговиот мирис, нека биде отстранет од својот народ.“