Прескокни кон главната содржина

2 Мојсеева — Излез

Глава 31

  1. 1

    Господ му рече на Мојсеј:

  2. 2

    „Ете, го повикав по име Веселеил, син на Ури, син на Ор, од Јудиното племе.

  3. 3

    Го исполнив со Божјиот Дух, со мудрост, разум, знаење и со секаква вештина,

  4. 4

    за да осмислува уметнички изработки, да работи во злато, сребро и бронза,

  5. 5

    да сече и вградува камења, да резба дрво и да изработува секакво дело.

  6. 6

    Ете, со него го поставив Елиав, син на Ахисамах, од Дановото племе. На сите што имаат мудро срце им дадов мудрост, за да направат сѐ што ти заповедав:

  7. 7

    Шаторот на средбата, ковчегот на Сведоштвото, капакот на помирувањето што е над него и сите предмети на шаторот;

  8. 8

    трпезата и нејзините предмети, светилникот од чисто злато со сите негови предмети и жртвеникот за темјан;

  9. 9

    жртвеникот за жртви паленици со сите негови предмети и садот за миење со неговото подножје;

  10. 10

    облеките за службата, светите облеки за свештеникот Арон и облеките за неговите синови, за да служат како свештеници;

  11. 11

    маслото за помазание и миризливиот темјан за светилиштето. Нека направат сѐ онака како што ти заповедав.“

  12. 12

    Господ уште му рече на Мојсеј:

  13. 13

    „Кажи им на Израелевите синови: ‚Задолжително пазете ги Моите саботи, зашто тоа е знак меѓу Мене и вас во сите ваши поколенија, за да знаете дека Јас сум Господ, Кој ве осветува.

  14. 14

    Пазете ја саботата, зашто таа ви е света. Кој ќе ја оскверни, нека биде погубен; секој што ќе работи во неа нека биде отстранет од својот народ.

  15. 15

    Шест дена нека се работи, а седмиот ден е сабота на целосен одмор, света за Господ. Секој што ќе работи во саботниот ден нека биде погубен.

  16. 16

    Израелевите синови нека ја пазат саботата и нека ја празнуваат во сите свои поколенија како вечен завет.

  17. 17

    Таа е вечен знак меѓу Мене и Израелевите синови, зашто за шест дена Господ ги создаде небото и земјата, а на седмиот ден престана да работи и се одмори.‘“

  18. 18

    Кога заврши да зборува со Мојсеј на Синајската планина, Господ му ги даде двете плочи на Сведоштвото - камени плочи испишани со Божјиот прст.