Прескокни кон главната содржина

2 Мојсеева — Излез

Глава 32

  1. 1

    Кога народот виде дека Мојсеј долго не слегува од планината, се собра околу Арон и му рече: „Стани, направи ни богови што ќе одат пред нас, зашто не знаеме што му се случи на тој Мојсеј, човекот што нѐ изведе од Египетската земја.“

  2. 2

    Арон им рече: „Извадете ги златните обетки од ушите на вашите жени, синови и ќерки и донесете ми ги.“

  3. 3

    Тогаш целиот народ ги извади златните обетки од своите уши и му ги донесе на Арон.

  4. 4

    Тој го зеде златото од нивните раце, го обликува со резбарска алатка и направи леано теле. А тие рекоа: „Ова се твоите богови, Израеле, кои те изведоа од Египетската земја!“

  5. 5

    Кога го виде тоа, Арон изгради жртвеник пред телето и објави: „Утре ќе има празник за Господ!“

  6. 6

    Следниот ден станаа рано, принесоа жртви паленици и жртви за мир. Потоа народот седна да јаде и да пие, па стана да се весели.

  7. 7

    Тогаш Господ му рече на Мојсеј: „Оди, слези, зашто се расипа твојот народ што го изведе од Египетската земја.

  8. 8

    Брзо се оттргнаа од патот што им го заповедав. Си направија леано теле, му се поклонија, му принесоа жртви и рекоа: ‚Ова се твоите богови, Израеле, кои те изведоа од Египетската земја!‘“

  9. 9

    Господ уште му рече на Мојсеј: „Го видов овој народ; ете, тоа е тврдоглав народ.

  10. 10

    Затоа сега остави Ме, за да се разгори Мојот гнев против нив и да ги истребам, а од тебе ќе направам голем народ.“

  11. 11

    Но Мојсеј Го молеше Господ, својот Бог: „Господи, зошто да се разгори Твојот гнев против Твојот народ, кого го изведе од Египетската земја со голема сила и со моќна рака?

  12. 12

    Зошто Египќаните да кажат: ‚Со зла намера ги изведе, за да ги погуби во планините и да ги истреби од лицето на земјата‘? Смири го Својот разгорен гнев и откажи се од казната што си ја намислил за Својот народ.

  13. 13

    Спомни си за Своите слуги Авраам, Исак и Израел, на кои им се заколна во Себе и им рече: ‚Ќе го размножам вашето потомство како небесните ѕвезди и целата оваа земја за која зборував ќе му ја дадам на вашето потомство, и тие ќе ја наследат довека.‘“

  14. 14

    Тогаш Господ се одврати од казната за која рече дека ќе ја нанесе врз Својот народ.

  15. 15

    Мојсеј се сврте и слезе од планината со двете плочи на Сведоштвото во рацете. Плочите беа испишани од двете страни - и од едната и од другата страна.

  16. 16

    Плочите беа Божјо дело, а писмото беше Божјо писмо врежано на плочите.

  17. 17

    Кога Исус Навин го чу викањето на народот, му рече на Мојсеј: „Во логорот се слуша бојна врева!“

  18. 18

    Но Мојсеј рече: „Тоа не е викање на победници, ниту викање на поразени; јас слушам пеење.“

  19. 19

    Кога се приближи до логорот и ги виде телето и танцувањето, Мојсеевиот гнев се разгори. Ги фрли плочите од своите раце и ги скрши во подножјето на планината.

  20. 20

    Потоа го зеде телето што го направија, го изгори во оган, го истолчи во ситен прав, го распрсна врз водата и ги натера Израелевите синови да ја пијат.

  21. 21

    Мојсеј му рече на Арон: „Што ти направи овој народ, па навлече врз него толку голем грев?“

  22. 22

    Арон одговори: „Нека не се разгори гневот на мојот господар. Ти знаеш дека овој народ е наклонет кон зло.

  23. 23

    Тие ми рекоа: ‚Направи ни богови што ќе одат пред нас, зашто не знаеме што му се случи на тој Мојсеј, човекот што нѐ изведе од Египетската земја.‘

  24. 24

    Тогаш им реков: ‚Кој има злато, нека го извади.‘ Тие ми го дадоа, јас го фрлив во огнот и излезе ова теле.“

  25. 25

    Кога Мојсеј виде дека народот е без контрола, зашто Арон го остави да се разузда и да стане за потсмев пред своите непријатели,

  26. 26

    застана на влезот од логорот и рече: „Кој е на Господовата страна, нека дојде кај мене!“ И сите Левиеви синови се собраа околу него.

  27. 27

    Тој им рече: „Вака вели Господ, Израелевиот Бог: ‚Секој нека го стави својот меч на бедрото. Одете низ логорот, од еден влез до друг, и секој нека го погуби својот брат, својот пријател и својот ближен.‘“

  28. 28

    Левиевите синови постапија според зборот на Мојсеј, и тој ден загинаа околу три илјади луѓе.

  29. 29

    Тогаш Мојсеј рече: „Денес посветете Му се на Господ, секој по цена на својот син и својот брат, за денес Тој да ви даде благослов.“

  30. 30

    Следниот ден Мојсеј му рече на народот: „Направивте голем грев. Сега ќе се искачам кај Господ; можеби ќе можам да извршам помирување за вашиот грев.“

  31. 31

    Мојсеј се врати кај Господ и рече: „О, овој народ направи голем грев и си направи богови од злато.

  32. 32

    Но сега, прости им го нивниот грев; а ако не, избриши ме од Својата книга што ја напиша.“

  33. 33

    Господ му рече на Мојсеј: „Оној што згреши против Мене, него ќе го избришам од Мојата книга.

  34. 34

    А сега оди и води го народот до местото за кое ти зборував. Ете, Мојот ангел ќе оди пред тебе; но во денот кога ќе казнувам, ќе ги казнам за нивниот грев.“

  35. 35

    И Господ го погоди народот со неволја поради телето што го направи Арон.