Прескокни кон главната содржина

2 Мојсеева — Излез

Глава 33

  1. 1

    Господ му рече на Мојсеј: „Оди, тргни оттука, ти и народот што го изведе од Египетската земја, кон земјата за која им се заколнав на Авраам, Исак и Јаков, велејќи: ‚На твоето потомство ќе му ја дадам.‘

  2. 2

    Ќе испратам ангел пред тебе и ќе ги изгонам Хананците, Аморејците, Хетејците, Ферезејците, Евејците и Јевусејците.

  3. 3

    Одете во земјата во која течат млеко и мед. Но Јас нема да одам меѓу вас, зашто сте тврдоглав народ, за да не ве истребам по патот.“

  4. 4

    Кога народот ја чу оваа лоша вест, се нажали и никој не го стави својот накит на себе.

  5. 5

    Зашто Господ му рече на Мојсеј: „Кажи им на Израелевите синови: ‚Вие сте тврдоглав народ. Кога би одел меѓу вас само еден миг, би ве истребил. Затоа сега симнете го својот накит, па ќе решам што ќе направам со вас.‘“

  6. 6

    Така Израелевите синови го симнаа својот накит уште од Хоривската планина.

  7. 7

    Мојсеј го земаше шаторот и го поставуваше надвор од логорот, далеку од логорот, и го нарече Шатор на средбата. Секој што Го бараше Господ излегуваше до Шаторот на средбата, кој беше надвор од логорот.

  8. 8

    Кога Мојсеј излегуваше кон шаторот, целиот народ стануваше и секој стоеше на влезот од својот шатор и гледаше по Мојсеј сѐ додека тој не влезеше во шаторот.

  9. 9

    Штом Мојсеј влегуваше во шаторот, облачниот столб слегуваше и застануваше на влезот од шаторот, и Господ зборуваше со Мојсеј.

  10. 10

    Кога целиот народ го гледаше облачниот столб како стои на влезот од шаторот, сите стануваа и секој се поклонуваше на влезот од својот шатор.

  11. 11

    Господ зборуваше со Мојсеј лице в лице, како што човек зборува со својот пријател. Потоа Мојсеј се враќаше во логорот, но неговиот помошник, младиот Исус Навин, син на Навин, не се оддалечуваше од шаторот.

  12. 12

    Мојсеј Му рече на Господ: „Ете, Ти ми велиш: ‚Води го овој народ‘, но не ми објави кого ќе испратиш со мене. Сепак, ми рече: ‚Те познавам по име и најде милост пред Мене.‘

  13. 13

    Затоа, ако навистина најдов милост пред Тебе, покажи ми го Својот пат, за да Те познавам и да продолжам да наоѓам милост пред Тебе. И имај предвид дека овој народ е Твој народ.“

  14. 14

    Господ рече: „Моето присуство ќе оди со тебе и ќе ти дадам одмор.“

  15. 15

    Мојсеј Му рече: „Ако Твоето присуство не оди со нас, не изведувај нѐ оттука.

  16. 16

    Зашто по што ќе се знае дека јас и Твојот народ најдовме милост пред Тебе? Зар не по тоа што Ти одиш со нас? Така јас и Твојот народ ќе бидеме издвоени од сите народи што се на лицето на земјата.“

  17. 17

    Господ му рече на Мојсеј: „Ќе го направам и ова што го побара, зашто најде милост пред Мене и те познавам по име.“

  18. 18

    Тогаш Мојсеј рече: „Покажи ми ја, Те молам, Својата слава.“

  19. 19

    Господ одговори: „Ќе направам сета Моја добрина да помине пред тебе и ќе го објавам пред тебе името Господ. Ќе бидам милостив кон оној кон кого ќе бидам милостив и ќе се сожалам над оној над кого ќе се сожалам.“

  20. 20

    И рече: „Не можеш да го видиш Моето лице, зашто човек не може да Ме види и да остане жив.“

  21. 21

    Господ уште рече: „Ете, има место покрај Мене; застани на карпата.

  22. 22

    Кога ќе поминува Мојата слава, ќе те ставам во пукнатина на карпата и ќе те покријам со Својата рака додека не поминам.

  23. 23

    Потоа ќе ја тргнам Својата рака и ќе Ме видиш одзади, но Моето лице нема да се види.“