Прескокни кон главната содржина

2 Мојсеева — Излез

Глава 34

  1. 1

    Господ му рече на Мојсеј: „Изделкај си две камени плочи како првите, а Јас ќе ги напишам на тие плочи зборовите што беа на првите плочи, кои ти ги скрши.

  2. 2

    Биди подготвен за утрото. Рано наутро искачи се на Синајската планина и застани пред Мене таму, на врвот од планината.

  3. 3

    Никој да не се искачува со тебе и никој да не се појави по целата планина; ни овци ни говеда да не пасат пред таа планина.“

  4. 4

    Мојсеј изделка две камени плочи како првите. Стана рано наутро и се искачи на Синајската планина, како што му заповеда Господ, носејќи ги во рацете двете камени плочи.

  5. 5

    Господ слезе во облакот, застана таму покрај него и го објави името Господ.

  6. 6

    Господ помина пред него и објави: „Господ, Господ, Бог милостив и сочувствителен, бавен на гнев, изобилен со милост и верност,

  7. 7

    Кој ја чува милоста за илјадници поколенија, простува беззаконие, престап и грев, но виновниот никако не го остава неказнет; го казнува беззаконието на татковците врз децата и внуците до третото и четвртото поколение.“

  8. 8

    Мојсеј брзо се наведна до земјата и се поклони.

  9. 9

    Потоа рече: „Господи, ако најдов милост пред Тебе, Те молам, нека оди Господ меѓу нас. Иако сме тврдоглав народ, прости ги нашето беззаконие и нашиот грев и земи нѐ за Свое наследство.“

  10. 10

    Господ рече: „Ете, склучувам завет. Пред целиот твој народ ќе направам чуда какви што не биле направени кај ниеден народ на целата земја. Целиот народ меѓу кој живееш ќе го види Господовото дело, зашто страшно е она што ќе го направам со тебе.

  11. 11

    Внимавај да го извршуваш она што денес ти го заповедам. Ете, пред тебе ќе ги изгонам Аморејците, Хананците, Хетејците, Ферезејците, Евејците и Јевусејците.

  12. 12

    Внимавај да не склучиш завет со жителите на земјата во која одиш, за да не ти станат стапица.

  13. 13

    Напротив, урнете ги нивните жртвеници, скршете ги нивните свети столбови и исечете ги нивните ашери.

  14. 14

    Не му се поклонувај на друг бог, зашто Господ, Чие име е Ревнив, е ревнив Бог.

  15. 15

    Не склучувај завет со жителите на земјата. Кога тие блудно ќе тргнат по своите богови и ќе им принесуваат жртви, ќе те поканат и ти ќе јадеш од нивните жртви.

  16. 16

    Потоа ќе земеш од нивните ќерки за своите синови, а нивните ќерки блудно ќе тргнат по своите богови и ќе ги наведат и твоите синови да тргнат по нивните богови.

  17. 17

    Не си прави леани богови.

  18. 18

    Празнувај го Празникот на бесквасните лебови. Седум дена јади бесквасен леб, како што ти заповедав, во определеното време во месецот Авив, зашто во месецот Авив излезе од Египет.

  19. 19

    Сѐ што прво ја отвора утробата е Мое, како и секое машко првородено од твојот добиток - од говедата и овците.

  20. 20

    Првороденото магаре откупи го со јагне; а ако не го откупиш, скрши му го вратот. Откупувај ги сите свои првородени синови. Никој да не се појавува пред Мене со празни раце.

  21. 21

    Шест дена работи, а на седмиот ден одмори се; одмори се дури и во времето на орање и жетва.

  22. 22

    Празнувај го Празникот на седмиците, со првите плодови од жетвата на пченицата, и Празникот на бербата на крајот од годината.

  23. 23

    Трипати во годината сите твои мажи нека се појават пред Господ Бог, Израелевиот Бог.

  24. 24

    Зашто ќе ги изгонам народите пред тебе и ќе ги проширам твоите граници. Никој нема да ја посака твојата земја кога трипати во годината ќе одиш да се појавиш пред Господ, својот Бог.

  25. 25

    Не ја принесувај крвта на Мојата жртва заедно со квасен леб, и ништо од жртвата на Пасхалниот празник да не остане до утрото.

  26. 26

    Најдоброто од првите плодови на својата земја донеси го во домот на Господ, својот Бог. Не вари јаре во млекото на неговата мајка.“

  27. 27

    Господ му рече на Мојсеј: „Запиши ги овие зборови, зашто врз основа на овие зборови склучив завет со тебе и со Израел.“

  28. 28

    Мојсеј остана таму со Господ четириесет дена и четириесет ноќи. Не јадеше леб и не пиеше вода. А Господ ги напиша на плочите зборовите на заветот - Десетте заповеди.

  29. 29

    Кога Мојсеј слегуваше од Синајската планина, носејќи ги во своите раце двете плочи на Сведоштвото, не знаеше дека кожата на неговото лице светеше затоа што разговараше со Бог.

  30. 30

    Кога Арон и сите Израелеви синови го видоа Мојсеј, ете, кожата на неговото лице светеше, и тие се плашеа да му се приближат.

  31. 31

    Но Мојсеј ги повика. Тогаш Арон и сите водачи на заедницата се вратија кај него, и Мојсеј разговараше со нив.

  32. 32

    Потоа му се приближија сите Израелеви синови, и тој им заповеда сѐ што Господ му беше кажал на Синајската планина.

  33. 33

    Кога Мојсеј заврши да зборува со нив, стави покривало врз своето лице.

  34. 34

    Но кога влегуваше пред Господ за да зборува со Него, Мојсеј го тргаше покривалото сѐ додека не излезеше. Потоа излегуваше и им го кажуваше на Израелевите синови она што му беше заповедано.

  35. 35

    Израелевите синови гледаа дека кожата на Мојсеевото лице свети. Тогаш Мојсеј повторно го ставаше покривалото врз своето лице сѐ додека не влезеше да зборува со Господ.